Замонашување во Полошкиот манастир |
21.09.2012. | |
На 21. 09. 2012 година, на денот кога Светата православна црква го слави раѓањето на Богомајката, Пресвета Богородица, во Полошкиот манастир посветен на светиот великомаченик Георгиј на Тиквешкото езеро, Митрополитот Агатангел благоволи да ја постриже во мала схима, досегашната искушеничка Драгица со ново име, монахиња Магдалена. На вечерната богослужба присуствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски Г. Г. Стефан, архимандритот Јосиф, како и повеќе игумании од неколку женски манастири од Македонија. Богослужбата започна во 16.00 часот, а по входот, игуманијата Елисеја, водејќи ја под своето расо, ја приведе кандидатката за замонашување пред архиерејот. Митрополитот Агатангел, најпрво ја поучи за монашкиот живот, за сите добри, но и лоши моменти, што се дел од монашкиот живот, но и за наградата која Бог им ја дава на оние кои се откажале, од татко, мајка, брат, сестра, сопруг, сопруга и од сѐ земно заради Христа и Неговото царство. Откако кандидатот потврди дека свесно и доброволно прифаќа да го прими совршениот ангелски живот и дека со Божја помош ќе извршува сè што е предвидено со монашкиот живот, митрополитот ја пострижа и ѝ даде ново име Магдалена.
Потоа следеше ставање на: † параман (знак на ангелскиот образ, на нетление и чистота и на земениот благ јарем Христов); † крст околу вратот (знак на страдањето, понижувањето, плукањето и на сè она што Господ го претрпе за нас); † подрасник (облека на веселие и духовна радост, за отфрлање на сè плотско, и постојано радување во Христа); † кожен ремен (за умртвување на страстите на телото и за обновување на духот, за бодрост и внимателност, за запазување на Божјите заповеди); † расо (риза на спасението и оклоп на правдата за да се оттргне од секоја неправда, и да биде мртов за секое зло дело, но жив за добри дела); † пана (покривало на смирението и постојано послушание, за да ги одврати своите очи да не гледаат суета); † сандали (за благовестење на мирот, за да биде брз и трудољубив во секое послушание и добро дело, а бавен во исполнување на својата волја); † бројаница (меч духовен, којшто е зборот Божји и непрестајната молитва Исусова: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“); † крст (штит на верата, за со него да ги гасне распалените стрели на лукавиот); † запалена свеќа (за со својот чист и добродетелен живот да биде светлина на светот). На крајот следеше поздравување и честитање со зборовите: Како ти е името, сестро? Нека ти е за радост на ангелите и пораз на демоните! По вечерната служба беше поставена трпеза за сите присутни на овој свет чин.
По молитвите на пресвета Богородица, заштитничка и игуманија на сите манастири, Господ да ни даде уште монаси и монахињи, по чиишто молитви се одржува светот. Сестро Магдалена, спасувај се во монашки чин! |
< Претходно | Следно > |
---|