Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Јубилеј 180 години од изградба на црква во Охрид
Јубилеј 180 години од изградба на црква во Охрид
10.09.2012.

 

Sample Image    Sample Image    Sample Image    Sample Image
Sample Image    Sample Image    Sample Image    Sample Image
Sample Image    Sample Image    Sample Image    Sample Image
Sample Image    Sample Image    Sample Image    Sample Image

 

Човекот е битие, чија цел на создавање е вечно и постојано учество во животот Божји, во Неговата радост, прослава и во Неговата неизмерна љубов. И иако Адам и целата човечка природа паднале и биле истерани од првата Црква - Рајот, сепак тие засекогаш копнееле и тежнееле да ја вратат таа заедница со Бога. Човечкиот род отсекогаш во својата душа ја чувствувал блискоста со Бога и врската со својот Творец. Навистина, човекот многупати паѓал, се одрекувал од Него, на моменти и богохулел, но секогаш одново и одново се враќал кон таа заедница, а неретко и пред самата блиска средба со Севишниот. Како религиозно, заедничарско битие, човекот чувствувал потреба своите чувства да ги изразува преку разговор со Бога, односно преку молитва и не само приватно, туку и соборно. Токму затоа, низ многуте изминати векови, почнувајќи од Скинијата и Соломоновиот храм, катакомбните цркви, големите храмови посветени на Премудроста Божја, илјадниците храмови низ целиот свет, човекот градел домови Божји, во кои заедничарел со своите браќа христијани и станувал едно Тело, Тело на својата глава Христос.
Кога зборуваме, пак, за Македонија, а особено за Охрид, тогаш навистина чудесен е фактот колку многу храмови изградил македонскиот народ, и тоа најчесто во времиња кога бил под ропство од иноверна власт, кога немал никакви права и живеел во сиромаштија. Токму затоа и секој јубилеј од изградбата на овие храмови, претставува и прослава на сите луѓе кои целосно се вложиле во подигањето на истите.
На 08 и 09 септември 2012 година, го прославивме големиот Јубилеј 180 години од подигањето на храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид. За податоците кога точно била изградена оваа црква, и дали на местото на денешната постоела друга помала црква, не може точно да се тврди, но во Митрополитскиот кодекс на Охридската архиепископија од 1694 година, составен од тогашниот драчки митрополит Козма Китијски, а во седмата енорија (парохија) Каменско, се наведени две активни цркви – „Св. Богородица“ и параклисот „Св. Петар“. Денешната црква, според еден исклесан во камен запис, е изградена во 1832 година од протомајсторот Теодор. Во 1845 година е поставен резбаниот дрвен иконостас, изработен од Мијачката копаничарска школа. Истата 1845 година зографот Мануил Георгиу од Магарево ги слика престолните и празничните икони, а фрескописот е дело на Димитрија Дичо Зограф.
Прославата на овој голем Јубилеј започна на 08.09.2012 година со свечена вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофорите Ефтим Бетински и Сашо Богданоски, свештениците Љупчо Симиџиески, Никола Христоски и Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Сашо Целески. На вечерната присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој од архиерејскиот трон ја започна вечерната богослужба со читање на предначинателниот 103 псалм.
Торжествата продолжија по завршувањето на вечерната, кога беше промовирана книгата „Галерија на икони при црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско Охрид“, дело на ценетиот проф. д-р Сашо Цветковски, а промотор беше многупочитуваниот академик проф. д-р Цветан Грозданов. Делото на професорот Цветковски е навистина од големо значење, зашто дава исцрпни податоци за градбата на храмот, за нејзиниот иконопис и фрескоживопис, и како што рече академикот Грозданов, „авторот навистина се потрудил и успеал во подредувањето на иконите според периодот на изработката и нивните автори, иако за многу од нив имал малку, или речиси, воопшто немал податоци“. После промоцијата беше и официјално отворена галеријата на икони при овој храм, која содржи шеесетина непроценливи икони, а вечерта особено ја збогати младиот хор при црквата Каменско, кој со своите прекрасни изведби не остави никого рамнодушен.
Празнувањето продолжи на 09.09.2012 година, со архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј и Агатангел, архимандритите Нектариј и Јосиф, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоерејот Игор Никовски, еромонахот Доситеј, свештениците Љупчо Симиџиески, Ромео Петрески, Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески и Владо Недески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беа осветени новите мозаици, кои се поставени на влезната врата од храмот, а Архиепископот Стефан се обрати кон верниците со пригодна беседа.
На ова место да му оддадеме почит и признание и на старешината на храмот, свештеникот Димче Азески, кој несебично и целосно се предаде во подготовките за отворањето на галеријата и разубавувањето на црквата. Господ, нашиот Бог, нека ги упокои душите на сите починати ктитори и помагачи на овој свет храм, а нас нека нè укрепува и нека ни дава сили достојно да го продолжиме и зачуваме нивното дело. Амин!

Преземено од Дебарско-кичевска епархија

 
< Претходно   Следно >