Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Успение на Пресвета Богородица, 27/28. 08. 2012
Успение на Пресвета Богородица, 27/28. 08. 2012
29.08.2012.

 Sample Image

На празникот на Успението на Пресвета Богородица или како што уште го нарекуваме и Второ Воскресение, македонскиот народ повторно силно ја демонстрираше својата силна православна вера, својот вистински православен христијански дух, посетувајќи ги масовно храмовите низ целата држава, поклонувајќи се и просејќи благослов од Мајката Божја за застапништво пред престолот на Севишниот Бог. Недогледната колона од луѓе пред храмот на Успението на Мајката Божја во Велес, кои смирено го чекаа својот ред за да ја целиваат плаштаницата на Пресвета Богородица, поставена во средината на храмот, големиот број на верници кои молитвено го исчекуваа принесувањето на Светите Христови дарови за да се соединат со Христос, вистинскиот Бог, велелепните и ангелски звуци на црковниот хор „Св. Вмч. Пантелејмон од Велес, се моментите кои, на овој торжествен празник, во целост ни ја покажуваат вистинската димензија на православната вера, како единствен и непобитен извор на нашата духовност и на нашето спасение.

Чествувањето во Велес, започна со Вечерна Богослужба во црквата „Успение на Пресвета Богородица на која служеа свештенослужители од градот, во присуство на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, при што во  средината на храмот беше изложена и осветена плаштаницата, на која е изобразено погребението на Пресвета Богородица, а централниот настан на чествувањето беше Светата Божествена Литургија следниот ден со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на настојателот на Согленскиот манастир, јеромонахот Авакум и бројно свештенство од градот Велес.

Во своето празнично Слово, во беседата изречена пред верниците, Митрополитот Агатангел ни ја претстави славата на Мајката Божја, нејзината неизмерна љубов и величие. Тој упати порака, Благословената Дева Марија да ни служи како огледало, како жива икона на библиски христијанин, да се моделираме самите по примерот на благословената Дева Марија, зашто таа е онаа која највозвишено слуша. На Благовештението таа слушаше со покорност и му одговори на ангелот, „Нека ми биде според зборовите твои” (Лк. 1:38). Таа не би можела да го прими Словото Божјо во нејзиното тело, ако прво не го слушнала Словото Божјо во нејзиното срце. Кога пастирите го видоа и се восхитуваа на новородениот Христос, „Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое” (Лк.2:19). Истата потреба од послушност е нагласена и во последните зборови, посветени на Мајката Божја во Светото Писмо, на венчавката во Кана Галилејска: „Се што ќе ви рече, направете!” (Јн. 2:5) им рече таа на слугите и на сите нас.

На крајот од својата беседа, Митрополитот Повардарски г. Агатангел ги помоли сите присутни верници да ја сакаат и да ја почитуваат својата мајка и својот татко, исто како што би сакале и нивните чеда секогаш да ги сакаат и да ги почитуваат нив и ги помоли сите кои имаат било какви недоразбирања со своите родители, да отидат на овој ден, да ги посетат, да побараат прошка и да ги надминат сите недоразбирања.

Светата Божествена Литургија во Велес ја проследи и градоначалникот на Велес, г-дин Горан Петров, советниците од Општина Велес, како и многу други претставници од државните институции.  

На Литургијата беше отслужен и молебен за дожд, како посебно богослужение при кое Го молиме Господ и Неговите угодници за милост или, Му благодариме на Бога за добивањето на некои дарови или заради услишаните молитви.

Пред извршувањето на овој црковен обред, Митрополитот Агатангел им ја објасни на верниците духовната и практичната димензија на овој обред, при што истакна:

Молебните според својот состав се слични на утреното богослужение и се извршуваат во храмовите, надвор од храмовите или во приватни домови, болници, детски и старечки домови, образовни институции, касарни, затвори и секаде каде што има потреба. Се служат на храмов празник, на големи празници, во време на елементарни непогоди – кога има многу дождови, голема суша, земјотреси, пожари, епидемии, војни итн. Другите молебни му припаѓаат на посебното богослужение и се извршуваат по барање или потреба од страна на одделни верници. Кога се служат молебни, обично тоа се означува со биење на камбаните.

Еден тип на молебни вклучуваат во себе читање (пеење) на канон, други без канон, а трети без читање на Евангелие.

Молебните чинови може да се вклопат и во Божествената Литургија, со тоа што се додаваат посебните прозби на Големата и Сугубата ектенија, се читаат редовните апостол и Евангелие како и оние предвидени за Молебниот, и на крајот, по Заамвоната молитва,  се читаат и молитвите од молебенот, или, пак, се пее Големо славословие среде храмот, или пак благодарствената химна на свети Амвросиј Медиолански: Тебе, Бога, хвалим.

Понекогаш кон молебниот може да се вклучи и читање на акатист, како и водосвет.

Болни ли сме? – Да отслужиме молебен за болни. Страдаме ли од зависност од алкохол или дрога? Да одиме што почесто на молебен. Почнуваме ли значајна работа? – Да отслужиме молебен и да се молиме за Божја помош. Одиме ли на пат? – Да побараме од свештеникот благослов за патување. Именден ли ни е, и сакаме да се помолиме на нашиот светител-закрилник? – Да побараме молебен кон тој светител. Имаме ли домашна слава? – Да побараме молебен кон тој светител. Почнува ли учебната година? – Да одиме на молебен за благословување на учебната година. Ни ги услишал Господ нашите молитви? – Да направиме благодарствен молебен за добиените добра.

По добиената од Бога помош, да не заборавиме да Му благодариме на Бога, но и да го христијанизираме својот живот, тоа всушност е и најголемото благодарење кон Бога, кога ќе се воцрковиме, кога ќе почнеме редовно, т.е. секоја недела да доаѓаме на Литургија, учествувајќи во Благодарствената служба – Евхаристија.

 

 
< Претходно   Следно >