Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Православна Светлина бр. 21 arrow ПРОПОВЕД ВО НЕДЕЛАТА НА ПРАВОСЛАВИЕТО
ПРОПОВЕД ВО НЕДЕЛАТА НА ПРАВОСЛАВИЕТО
18.04.2012.

свештеник  Борислав  Бобевски 

Проповед произнесена во храмот

,,Св. вмч. Пантелејмон во Велес

на 4.3.2012 Лето Господово

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. АМИН!

Денес, драги браќа и сестри, е светата Недела на Православието. Една од педесет и двете недели во годишниот календар на Православната црква. Голема и света недела, која се нарекува токму така заради сите победи кои Православната Црква од Исток ги има извојувано над сите лаги, над сите ереси, над сите невистини, победа на Православието над сите лажни учења, лажни философии, лажни култури и науки, лажни школи и школувања, со еден збор, победа над сè она што го поткопувало Православието (православењето на Бога) однатре, а во исто време и света победа на Севистината, која е Самиот Христос, зашто Он самиот за Себе кажа: ,,Јас Сум Патот, Вистината и Животот. Таа вистина, драги мои, и нас нè покажа како вистински сведоци во светов, зашто сведочиме вистински работи за Вистината, за Неговото доаѓање во тело, за Неговиот живот, за Неговите чудеса, за сè она што Он го направи за нас, родот човечки, кога примајќи човечко тело ја обоготвори нашата падната природа.

Гледајќи ја убавината на природата околу себе човекот постојано копнее да биде макар еден момент дел од неа, за да го поврати својот животен мир и слобода во душата, па во тој силен копнеж не можејќи да пронајде начин за да ги раскине оковите на умот, се обидува да го промени својот природен животен тек и своите потреби да ги адаптира на неприродниот начин на живеење, кој секогаш одново и одново го води кон нови падови и разочарувања. И така човекот постанува вечен губитник во битката со природата.    

Исполнувањето на Божјите заповеди во човечката душа секогаш ја носат Божјата благодат, која е неописливиот и најскапоцениот подарок за нас, зашто ги зајакнува составите наши и ни дава моќ за живот и творење на уште поголеми успеси. Кога во нас ќе се всели благодатта, и кога ќе изгори во нас сè што е зафатено од гревот, кога ќе го исчистиме и умот преку молитвата, а згора на сето тоа ќе го додадеме и постот, тогаш себеси сме си обезбедиле вистински темел на кој можеме да ѕидаме цел еден живот исполнет со радост во Господа.

Денешното евангелско четиво ни покажува пример за исполнување на заповедите од една страна (од страна на Натанаила), како и Божјата акција од другата, со која Бог го привлече кон Себе овој верен човек.                    

За нас оваа прва недела од Големиот Велигденски пост претставува и време на себепознание и себеиспитување. Во неа не само што треба да ја пронајдеме совршеноста на нашето битие, туку и треба да се обидеме да си ветиме, а тоа ветување и да го исполниме, дека целиот пост ќе го поминеме во ист континуитет, совршено и чисто, сè со една и единствена цел, да Го видиме Бога преку духовен опит.

Најмногу од сè, оваа Недела на Православието е востановена поради победата на вистинската вера над иконоборството.

Од самиот почеток Црквата имала многу непријатели кои се бореле против неа, со оган и меч, со насилство и пари, со војна и перо, со лажна пропаганда, со погрешни учења. Цели 120 години требало да поминат за благочестивата царица Теодора и нејзиниот син Михаил, во деветтиот век, токму на денешен ден да ја објават таа победа, како доказ на вистината и уништување на лажното учење на иконоборците.

Кои и какви биле иконоборците? Тие биле модернисти на своето време, луѓе кои заради своите навики за деструктивни реформи започнале и со прогонство на иконите, сметајќи дека на тој начин ќе дојдат до конечниот исход - пад на Православието. Иконите, кои биле симбол на Православието, биле масовно уништувани насекаде до каде што овие нечесници успеале да пуштат корени. И токму од таа причина бил свикан Седмиот вселенски собор во Никеја во 787 година, за време на владеењето на Лав Исавријанецот, Собор на кој биле донесени многу важни одлуки во одбрана на иконите, но сепак не донел конечен мир, зашто гонењето на иконите не застанало тука, туку траело сè до 842 година кога во Цариград е одржан собор, кој конечно ги потврдил одлуките донесени на Седмиот вселенски собор и успеал да ја сопре лудоста на иконоборците.

Рационализмот и неверувањето секогаш, драги мои, биле главните причини за сите ереси во Црквата. Затоа, иконоборците биле луѓе со ладни срца, неверници, фалбаџии и суетни луѓе, кои биле лишени од духовните длабочини, па поттикнати од сите овие пороци правеле чекори кои не само што биле недуховни, нечовечки и нехумани, туку со еден збор биле спротивни на потребите на луѓето во заедницата.

Од друга страна, пак, побожното свештенство, од Патријархот Методиј па до најпростите монаси, со сета духовна сила се борело за својата вера, како и верниците кои имале цврста вера во Православието и Неговите традиции, особено во оние кои ги нарекувале блажени во Христа, светиите, кои биле пример за побожност низ вековите. Секако, помеѓу сите нив имало и суеверни групи на луѓе, како и модернисти и реформатори, како што тоа впрочем било секогаш, па и денес во лоното на Црквата.  

Како што рековме и пред малку, драги мои, причина за секое новотарење во Традицијата на нашата Света Црква е недостатокот на страв Божји, недостатокот на побожност, па затоа и никогаш помеѓу модернистите и реформаторите не е пронајден христијанин, којшто вистински верува. Неверникот се познава од далеку - тој е арогантен и вообразен во сè. И светиот Ефрем Сирин за таквите ќе каже: ,,Арогантноста, која не може да трпи ништо што е древно, таа е онаа која ги тера луѓето да измислуваат новотарии...“ Гледате ли што вели тој? Арогантноста е таа којашто ги тера, т.е. гордоста и суетата се тие кои ги тераат луѓето во себе да негуваат новотарии, зашто таквите стануваат робови на гордоста. А треба ли да зборуваме и да потсетуваме што сè стана во овој свет заради таа гордост? Заради неа добриот ангел отпадна од Бога и стана демон (ѓавол), заради неа Адам падна во грев, зашто не се одзва на Божјиот повик и не го призна гревот свој, заради неа беше кулата Вавилонска, и уште безброј примери за тоа како заради неа се случува сè она што е грев во овој свет, зашто таа - гордоста е почеток на секој грев.

А потоа, светиот Ефрем додава: ,,Кој не го трпи она што е древно, што значи, традиција во Црквата, со други зборови премногу е оптоварен со својата суета за да може да го прифати тоа дека неговите предци, значи оние кои живееле пред нас, се сретнале со истите нешта и проблеми, па сето тоа многу убаво, т.е. соборно го разработиле и нам ни го предале како вистинско и Свето Предание. За да може некој да ја прифати традицијата, тој најнапред треба да поседува скромност и да го истисне од себе самоволието. Не постојат модернисти во Црквата кои не сакаат да го демолираат сето она што го примиле од своите претходници, од оние кои успеале да ја сочуваат верата со својата побожност и непоколебливост во истата и кои за неа претрпеле секаков вид страдања, па дури и смрт. Таквиот нека стави маска на своето лице, и нека се претставува помеѓу луѓето за побожен, нека глуми смирение, нека се обидува со зборови дури и да го прегрне својот непријател; нека створи за себе надворешна слика за скромност, па дури и на лик нека биде како свеќа која благо догорува, колку ќе вреди сето тоа пред Лицето Божјо, ако во себе, во душата своја, претставува гроб полн со трулежност и смрдеа, - како што вели Спасителот.

Светиот Игнатиј Богоносец, тој најблескав светител, еден од најдревните архиереи на Црквата, ученик на светиот апостол Јован Богословот, кој заради Христа се бореше против дивите ѕверови во Римскиот колосеум, на својата старост во деведесеттата година од својот живот, во себе чувствувал таква укорувачка вера на своето срце што на своите ученици, кои се обиделе да го спасат од мачеништво, им заповедал: ,,Не попречувајте ме, деца мои, да одам кон својот возљубен Бог. Јас сум Божја пченица која ќе биде сомелена од забите на ѕверовите, за да можам да станам пред Него чист и мирисен бел леб.

Овој пример е само потврда на она што претходно го рековме. Како можеме оваа скапоценост така лесно да ја расфрламе, како за овој бисер да не се бориме, како можеме да го фрлиме пред свињите и да дозволиме да го обесчестат? Како и денес, во наше време, се појавуваат некои други отпадници, исти како иконоборците, па дури и полоши противници и гонители на Православието воопшто, кои себеси се сметаат за врв во Православието и токму на истиот начин како што и фарисеите се претставувале, како пазители на законот, а всушност биле оние кои го разоруваат истиот, се обидуваат да наштетат на сè она што е свето и благочестиво. Модернисти и последователи има и во нашето зло време, во лицето на некои патријарси и водачи на важни духовни престоли во православниот свет, кои сè повеќе се обидуваат да ги прифатат прогресивните идеи од Запад, па сакаат да ја реформираат Црквата, за, како што велат тие, да ја адаптираат според потребите на нашето време. Па зарем Христос не е ист и вчера и денес и во вјеки? Но што велат за тоа Светите Отци: ,,Секој оној, кој говори спротивно на она што е веќе утврдено, дури и ако пости, се причестува и служи пред Престолот Божји, па дури и ако е невин, па и ако пророкува и прави чуда, треба да го гледате како волк во овча кожа, којшто работи на тоа да го распрсне стадото, значи со еден збор, тој е лажен пастир. Слушнете го ова сите вие коишто го читате и запишете си го во својот ум, за да не бидете заведени од прекумерни ласкања, од примамливи говори, од изјавите на лажна љубов, коишто отпадниците ги користат за да ве придобијат. Тие, сите овие пеколни планови ги покриваат со името Христово, Којшто нив ги укоруваше постојано, велејќи им: тешко на вас. 

Тие постојано разговараат за потребата од нова адаптација, зашто наводно гледаат дека од тие побуди луѓето сè повеќе се оддалечуваат од верата, па тие тоа го продаваат како новитет со кој преку надрилекарства ќе го привлечат народот кој е неверен. Но нивната ревност е луда, зашто покажува дека тие преку новотарење сакаат да ì помогнат на Црквата, а самите се вбројуваат во редот на оние кои ја изменуваат Црковната традиција, или со други зборови стануваат неверници.

А пример за да докажеме дека сите овие работи - како новотарии во богослужбите и обиди за адаптација на сè што е архаично, заменувајќи го со сè што е ново и помодерно, немаат никаков ефект - имаме секаде околу нас, во речиси сите наши околни и таканаречени братски цркви, па тие нам ни забележуваат за нашето однесување кон преданието и сè она што е архаично и старо. Тоа е уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат, драги мои, на патот на правдата Божја, зашто се обидуваме ,,секоја црта или јота од Законот, на нашите деца да ја предадеме онака како што ние ја примивме. Та нели тоа е нашата генерациска победа? Ако го немавме квасецот на верата како ќе опстоевме, та денес и ние да бидеме дел од тој мозаик на оваа голема победа на Православието. Зарем Запад со сето негово духовно слепило и потполна неспособност дојде во позиција да суди на Православните, наведувајќи нè нас кон нивно имитирање.

И Вселенскиот Патријарх и Александрискиот и Ерусалимскиот со сето свое свештенство, како веќе да подготвија пат за движење на Православието во тој правец, во правец на обожување на Папата и сите кои го опкружуваат, кои не се ништо друго, туку следбеници на оние против кои се бореше Православната Црква - иконоборците. Тие како да сакаат и денес повторно да ја стават на испит Црквата и верата на нашите татковци, за која тие гинеа среќни што успеале да ја зачуваат.  

О, недостижна висино, која само со вера во Христа се достигнува!

Ете затоа, драги мои, оваа Недела на Православието за нас претставува еден вид духовен фестивал, фестивал во кој сите членови со свој белег и печат ќе придонесат за општото добро на Мајката Црква. Ова е денот кога секој од нас треба да се запраша: Што, и со што, сме придонеле за доброто на Црквата? Дали со збор; дали со дело; дали со работа - било мисионерска, било црковна; дали со богослужба; дали со благ збор преку медиум; дали преку реновирање на црковни објекти и манастири и со уште многу дела со кои ќе останеме запечатени во историјата на нашите следбеници, како народ Божји, како Царско свештенство, како Македонци, кои уште од апостолот Павле, па до денес вредно се труделе да послужат и на својата Црква и на својот народ.

Оваа голема победа на Православието над противниците нека биде поттик за уште поголеми успеси во нашата прадедовска вера, да не потклекнуваме на искушенијата од современото наше живеење, да ја чуваме како зеницата на нашето око, чиста и необременета, и во неа утврдени сите соборно да Го славиме Оној Кој ни подари сè во овој свет, зашто Нему Му вознесуваме слава, чест и поклонение во вечни векови. АМИН!

 
< Претходно   Следно >