Заупокоена Литургија |
25.05.2011. | |
![]() ![]() ![]() ![]()
На празникот на светиот апостол и евангелист Јован, преподобен Арсениј Велики и света Емилија, во храмот на св. Димитриј, во Скопје, се отслужи заупокоена Божествена Литургија и панихида во спомен на 30-годишнината од упокојувањето на првиот поглавар на возобновената Охридска архиепископија во лицето на МПЦ, неговото блаженство Архиепископот г. г. Доситеј и во спомен на 25-годишнината од упокојувањето на вториот поглавар на МПЦ Архиепископот г. г. Ангелариј. Со Литургијата и панихидата чиноначалствуваше Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополит Брегалнички г.Иларион и свештенослужителите од Скопската епархија.
![]() ![]()
По повод одбележувањето на вечниот помен на првите два архиепископи на возобновената Охридска архиепископија, Архиепископ г. г. Стефан го произнесе следново слово: Ваши Високопреосвештенства, високопречесни отци и свештенослужители, возљубени во Господа, Ќе ги потсетам помладите меѓу нас - Архиепископ Доситеј беше на чело на МПЦ од историската 1958 година, па сѐ до 1981 година, цели 23 години, а Архиепископот Ангелариј од 1981 до 1986 година. Потсетувајќи се денес молитвено и за двајцата, сакам да нагласам дека и двајцата заслужуваат постојана почит и траен спомен во нашата Света Црква, зашто нивното дело за нашата светиклиментова Црква е рамноапостолно дело! Во нивните личности имавме вистински духовни водачи и пастири, имавме достојни, богољубиви и родољубиви архиереи. Но, ним не им припаѓа слава и чест само затоа што биле први возобновители, туку затоа што вистински ги разбрале духовните пореби на нашиот народ, разбрале дека е исполнето времето да ѝ се врати достоинството на нашата древна и славна Охридска и Македонска Црква. Враќањето во Македонија и застанувањето на чело на нашата Света Црква, со одлуката на соборјаните во 1958 година, кога, всушност, и се возобнови нашата света Црква како самостојна, како и одлуката на Црковно-народниот собор од 1967 година, за возобновување на автокефалноста, се настани со кои се потсетуваме за местото и улогата на блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј, настани во кои, исто така, забележително учество имал и тогашниот прота Цветко, подоцна вториот Архиепископ Ангелариј. Вистинска среќа и благослов Божји за нашиот народ и црква била појавата на овие двајца наши архипастири, кои длабоко се вградиле во животот на нашата Света Црква и останале непоместливи столбови врз кои се гради и надградува делото на возобновената светиклиментова Охридска и македонска архиепископија. Нека им е вечен споменот и дај Боже достојно да го чуваме и продолжиме нивното родољубиво и богољубиво дело. Амин! Бог да ги Прости. Архиепископ охридски и македонски г. г. Стефан |
< Претходно | Следно > |
---|