18.06.2018. |
На 17. 06. 2018 година, во храмот посветен на светите просветители Кирил и Методиј во Велес, се отслужи Света Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Повардарски г. Агатангел. На Божествената Литургија сослужуваа свештенослужители од велешкото намесништво на Повардарската епархија. На Литургијата, Митрополитот Агатангел благоволи и ја положи својата рака врз главата на досегашниот ѓакон, дипломираниот теолог Александар Стеваноски од Велес, со што клирот на Повардарската епархија беше збогатен со уште еден свештеник. Во своето слово, Митрополитот Агатангел најпрво им го претстави новиот свештеник на присутните верници, а потоа изрече поука до новиот свештенослужител пред Престолот Божји, ревносно и совесно да ја чува и проповеда Православната вера и верно да Му служи на Господ Исус Христос и на својот македонски род. |
|
11.06.2018. |
На 10.06.2018 година, во Втората недела по Педесетница и на празникот на свети Варлаам Архиепископ Охридски, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Љупчо Бакрачески, Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васил Ристовски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа. Потоа беше осветен и новиот конак кај храмот „Пресвета Богородица Перивлепта“ во Охрид, а беше отворена и новата црковна продавница „Кандило“, сместена во истиот конак. Повеќе информации на интернет страната на Дебарско-кичевската епархија. |
|
11.06.2018. |
Во првата сабота од Петровденскиот пост, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Заупокоена Литургија во црквата „Вознесение Христово“ во Велес. |
|
6.06.2018. |
Се известуваат сите верници од Повардарската епархија, односно од градот Велес, дека во првата сабота од Петровденскиот пост, ќе се отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Вознесение Христово-Св. Спас“ во Велес на која ќе чиноначалствува Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Сите оние кои постеле можат да се причестат со Светите Христови дарови. |
|
4.06.2018. |
На 03. 06. 2018 година, во Неделата на сите светии, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство од велешкото архиерејско намесништво на епархијата, изврши осветување на црквата „Св. Илија“ во велешкото село Мартолци. По чинот на осветување на црквата Митрополитот Агатангел ја отслужи и првата Божествена Литургија во новоизградениот храм. На осветувањето на црквата присуствуваа градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски и градоначалникот на Општина Чашка г-дин Горан Стојановски.
|
|
1.06.2018. |
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел се оствари уште една успешна средба со членовите на здружението на лица со церебрална парализа од Велес, со која продолжува повеќегодишната соработка помеѓу ова здружение и Повардарската епархија. Овој пат, на барање на ова здружение, остваривме посета на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во село Горобинци и излетничкиот центар „Ѓуриште“ кај Свети Николе. И ова, ново дружење, со дечињата и нивните родители, повторно беше исполнето со радост, бидејќи на еден ден децата и нивните родители заборавија на проблемите со кои секојдневно опстојуваат и се посветија на прекрасната дружба. Повардарската епархија им изразува благодарност на г-ѓа Далиборка Златева, претседател на ова здружение, како и на сите дечиња и нивните родители, за одржувањето на оваа жива врска меѓу Повардарската епархија и ова здружение кои со секоја нова активност ја прават се подлабока и позначајна. |
|
|