12.03.2025. |
ФОТОГАЛЕРИЈА На денот во кој Светата православна црква го чествува споменот на светиот новомаченик Агатангел Битолски, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски, кој го носи името на овој маченик, во сослужение на бројно свештенство од Повардарската епархија, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. Со празнично слово и именденска честитка од името на целиот клир и целото паство на Повардарската епархија се произнесе протоереј-ставрофор Љупче Миланов, кој му посака на Митрополитот Агатангел како и досега, успешно да долголетсвува на почвата Господова, и уште долги години да биде пример за ревносно извршување на Словото Божјо и ревносната љубов кон својот македонски народ. На Литургијата, покрај мноштвото верници од сите градови во Повардарската епархија, присуствуваа и Градоначалникот на Општина Велес, г-дин Марко Колев, пратениците, г-дин Игор Здравковски и г-дин Александар Јамалов, како и бројни претставници на институциите на град Велес. По завршувањето на Литургијата беше осветен и прекршен славскиот колач и беше послужена трпеза на љубовта. На многаја лета, владико свет! |
|
9.03.2025. |
ФОТОГАЛЕРИЈА Во Неделата на Православието, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес. На Литургијата сослужуваа повеќе свештенослужители од епархијата, како и јеромонахот Кирил од Бигорскиот манастир. Со празнично слово за споменот на победата над иконобоството кон насобраните верници се произнесе протоереј Борислав Бобевски. Јеромонахот Кирил, во оваа прилика, од името на Епископот Антаниски г. Партениј, му даруваше на Митрополитот Агатангел икона од Мајката Божја. По Литургијата беше отслужен и Молебен, кој се извршува во Неделата на православието. Празникот Недела на Православието е востановен во 842 лето Господово како победно празнување над конечниот пад на иконоборството и повторно воспоставување на почитувањето на иконите. Оттогаш свечено се прославува во првата Недела од Великиот пост, како спомен на торжеството на вистинската вера не само над иконоборството, но над сите ереси.
|
|
8.03.2025. |
ФОТОГАЛЕРИЈА Во првата сабота од Великиот Пост, која православната Црква ја посвети на споменот на свети Теодор Тирон, беше отслужена Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Светата Литургија на Тодорова сабота, како и секоја година, ја одбележаат големиот број верници кои доаѓаат во храмовите ширум Повардарската епархија да ги примат Светите Христови Тајни, па така и оваа година во храмовите во градот Велес, речиси сите присутни верници пристапија кон Светата Тајна Причест. |
|
7.03.2025. |
ФОТОГАЛЕРИЈА Во петок од првата седмица од Великиот Пост, во параклисот „Св. Наум Охридски“ во Велес, беше отслужена Утрена богослужба со великопосни часови и Литургија на претходно осветени дарови. Со Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на свештенство од велешкото архиерејско намесништво. |
|
3.03.2025. |
ФОТОГАЛЕРИЈА Во Неделата на простувањето - Прочка, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на голем број свештеници од епархијата отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. На Литургијата присуствуваа голем број верници од Велес, кои молитвено побараа прошка од Бога. Во својата празнична беседа Митрополитот Агатангел не повика сите да го искористиме овој ден за да побараме прошка од своите најблиски и од сите оние на кои сме погрешиле и да се обидеме од денешниот ден, па се до Воскресението Христово да ја исполниме нашата душа со добрина, љубов, милосрдие и на тој начин да се обидеме да се соединиме со нашиот Бог, Господ Исус Христос. По Литургијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел зеде молитвено учество во Умилителната вeчерна богослужба, по чие завршување следуваше чинот на меѓусебно простување. |
|
24.02.2025. |
ФОТОГАЛЕРИЈА Во третата подготвителна недела пред Великиот Пост, наречена Месопусна недела, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Св. вмч. Димитриј“ во Валандово. На Литургијата сослужуваа повеќе свештенослужители. Месопусна недела (наречена уште и „Недела на Страшниот Суд“) се нарекува „месопусна“ бидејќи после неа, за време на сите денови кои следат (до Пасха) Црквата пропишала ограничен пост – воздржување од месо. Оваа недела е третата подготвителна недела од Посниот Триод, литургиска книга која се користи за службите во Великиот Пост. Неделата на Страшниот Суд следи по Неделата на блудниот син, а пред Прочка. |
|
|