4.06.2019. |
Во Неделата на слепиот, и на денот кога Светата православна црква го чествува споменот на Светиот маченик Талалеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Ваташа. Светиот маченик Талалеј Родум од Ливан, од татко Верукиј и мајка Ромилија; осумнаесетгодишно момче со прекрасен изглед, со коса црвеножолта. Лекар по занимање. Пострада за Христа за време на царувањето на Нумеријан. Кога храбро ја исповеда својата вера во Господ Христос пред мачителот, овој им нареди на двајцата џелати Александар и Астериј со сврдел да му ги дупчат колената, да му провлечат јаже низ издупчените коски и да го обесат за едно дрво. Но на џелатите како една невидлива сила да им го зеде видот и наместо Талалеј тие издупчија една штица и ја обесија на дрвото. Кога дозна за ова мачителот помисли дека тоа го направиле намерно и нареди да ги бијат. Тогаш Александар и Астериј повикаа: „Жив Господ, отсега и ние сме христијани, веруваме во Христа и страдаме за Него!“ Кога го чу ова, мачителот нареди и ги убија со меч. Тогаш самиот мачител зеде сврдел за да му ги дупчи колената на Талалеј, но рацете му премалеа, па мораше да го моли Талалеј да го спаси, а овој тоа и го стори со молитва. Потоа го фрлија во вода, но тој жив му се јави на мачителот. (Зашто Талалеј во себе Го молеше Бога да не умре веднаш, туку да му се продолжат маките.) Кога го фрлија на ѕверовите, тие се умилкуваа околу него и му ги лижеа нозете. Најпосле беше убиен со меч и се пресели во Царството Небесно, во 284 година. |
|
29.05.2019. |
Чествување на Св. Гаврил Епископ Велички Светогорец во Лесновската обител На 28. 05. 2019 година, на денот на канонизацијата на Св. Гаврил Епископ Велички Светогорец, св. Ахил Преспански, преп. Пахомиј Велики, Неговото Блаженство, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужение на Архимандритот на Лесновскиот манастир отец Дамаскин со браќата од манастирот, Игуменот Агатон и свештеници од МПЦ - ОА, отслужи Света Архиерејска Литургија. Со празнична беседа се обрати Неговото Блаженство г. г. Стефан, по што го освети новиот фрескоживопис во припратата на манастирот и го благослови празничниот леб. Информацијата е преземена од сајтот на Брегалничката епархија.
|
|
28.05.2019. |
На денот кога нашата света Македонска црква го чествува споменот на светиот епископ Велички, Гаврил, се отслужи Света Божествена Литургија во параклисот посветен на овој наш духовен горостас во градот Велес. |
|
28.05.2019. |
Во Неделата на Самарјанката, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Јосифово. На Литургијата сослужуваа повеќе свештенослужители од гевгелиското архиерејско намесништво. |
|
28.05.2019. |
 На 25. 05. 2019 година, Повардарската епархија и Украинската амбасада во Македонија, поставија спомен плоча на протоереј-ставрофор Алексеј Моргуљ и неговата протопрезвитера Текла Моргуљ во дворот на црквата „Св. вмч. Георгиј“ во село Пирава. Спомен плочата ја освети Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Оваа спомен-плоча е во слава и чест на свештеникот и професор на поранешнето Богословско Училиште во Битола, протоереј-ставрофор Алексеј Моргуљ, како и на неговата протопрезвитера Текла Моргуљ, родум од Полтава и Одеса – Украина. Принудени да ја напуштат својата татковина од виорот на Октомвриската револоција 1918 година, животното патешествие ги довело во Македонија, односно во с. Пирава, каде целосно и посветено, долги години, му служеа на Бога, го проповедаа православието и несебично го помагаа секој кој бил во невоља. Верниците од село Пирава и од Пиравската парохија, летото Господово 2019-то, а по повод 40 години од нивното упокојување, со оваа спомен плоча, им оддаваат вечна слава и почит, со надеж дека нивното добро дело на идните генерации ќе им служи како добар и корисен пример. |
|
28.05.2019. |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светите македонски просветители Кирил и Методиј се отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овие светители во Велес. На Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители од градот Велес.
Свети Методиј и Кирил Рамноапостолни Родени браќа родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер помина десет години меѓу Македонските Словени. Потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружи и Кирил (Константин). Но кога хазарскиот цар Каган побара од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот беа пронајдени овие двајца браќа и беа испратени меѓу Хазарите. Откако го уверија Каган во верата Христова, тие го крстија овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време се вратија во Цариград, каде што ја составија словенската азбука од триесет и осум букви и почнаа да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски. На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт - а тој се упокои во Господа на 6 април 885 година - неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент како епископ, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север. |
|
|