5.01.2022. |
На празникот на Свети Наум - чудотворец Охридски во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, се отслужи Архиерејска Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел. Присутните верници молитвено му се поклонија на големиот семакедонски светител, а потоа се причестија со Светите Христови дарови.
Преподобен Наум Охридски Чудотворец Ученик на Светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработуваа со овие словенски апостоли. Свети Наум патуваше во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаеше многу јазици. Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека Свети Климент дејствуваше како епископ во Охрид, дотогаш Свети Наум основаше манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на Свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Околу Свети Наум се насобра мноштво монаси од сите страни на Балканот. Беше мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Вршеше чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило. Се упокои во првата половина на 10 век. |
|
3.01.2022. |
На 31 декември ноќта со почеток од 23 часот се отслужи сеноќно бдение во Кавадарци. И оваа година насекаде се раширија молитвите упатени во храмот на светиот великомаченик Димитриј во градот Кавадарци. На бдението чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство на Повардарската епархија. Верното христијанско стадо кое го имаше во многуброен број од ширум цело Повардарие, достојно и пристапи на Светата Причест, а на крајот сите заедно присуствуваа на една љубовна трпеза. |
|
27.12.2021. |
Излезе од печат Божикното издание на списанието „Православна Светлина“.
Во новиот број се сместени содржини со кои би сакале да се обидеме да ги запознаеме верниците што подобро со традициите на црковниот живот, и со учењето на нашата Света Црква, и да придонесеме за што поголем интерес кај сите верници во Повардарската епархија, па и пошироко, за практикување на нашата православна христијанска вера. Во рамките на овој број се обработени повеќе теми од нашата православна христијанска вера, а со посебен нагласок на празнувањето на Рождеството на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Божик. Се надеваме дека со ова Божикно издание на „Православна Светлина“, ќе ја зголемиме радоста која ја обзема секоја православна христијанска душа во овој дел од годината, кога го празнуваме раѓањето на Богочовекот Христос, Спасителот на светот. Бесплатниот примерок од списанието можете да го најдете во сите цркви и манастири низ Повардарската епархија. Електронска (PDF) верзија на списанието. |
|
27.12.2021. |
На 26. 12. 2021 година, во Неделата на светите праотци, во црквата „Св. Атанасиј“ во Неготино се отслужи света Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел. |
|
20.12.2021. |
На 19. 12. 2021 година, на празникот на Светиот Николај Чудотворец – архиепископ на Ликискиот град Мир, во Соборниот храм Св. Николај во Штип, кој е Патрон и Заштитник на градот Штип и Брегалничката епархија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на надлежниот Митрополит Брегалнички г. Иларион и бројно свештенство на МПЦ - ОА, отслужи Света Архиерејска Литургија. На светата литургија присуствуваше многуброен православен народ кој со искрена вера дојде да се помоли и поклони пред моштите на Светиот Николај Чудотворец кои беа донесени од манастирот Св. Гаврил Лесновски во Лесново на поклонение во Штип. Повеќе информации за овој настан на веб-страната на Брегалничката епархија. |
|
17.12.2021. |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на Светата великомаченичка Варвара и Свети Јован Дамаскин, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во параклисот „Св. Гаврил Велички“ во Велес. На Литургијата сослужуваа свештенослужители од велешкото намесништво на Повардарската епархија. Верниот народ се причести со Светите Христови дарови.
Светата великомаченичка Варвара Таткото на оваа славна Христова следбеничка, којашто на млади години се вневести за Христа, се викаше Диоскор и беше познат според положбата и богатството во градот Илиопол Мисирски, а во верата беше незнабожец. Својата ќерка единица, мудра во умот и убава во ликот, Диоскор ја затвори во висока кула, ја опкружи со секакви удобности, ѝ даде слугинки да ја служат, ѝ постави идоли за поклонување, ѝ изгради бања со два прозорци. Гледајќи ги низ прозорецот земјата долу и ѕвезденото небо во висините, на Варвара ѝ се отвори умот со Божествената благодат, па Го позна единствениот вистински Бог и Создател, иако немаше никого од луѓето за учител во тоа. А кога нејзиниот татко еднаш се оддалечи од градот, таа излезе од кулата и по Божја Промисла се сретна со некои христијанки коишто ѝ ја јавија вистината на Христовата вера. Срцето на Варвара пламна со љубов кон Господ Христос. Таа нареди да се пресече и трет прозорец на бањата за да бидат трите прозорци симбол на Света Троица; на една карпа во бањата нацрта со прстот крст и крстот се вдлаби во каменот како врежан со железо; од нејзините стапала на подот од бањата избиваше извор со вода којашто подоцна на мнозина им донесе исцеление од болестите. Кога дозна Диоскор за верата на својата ќерка, сурово ја биеше, ја протера од кулата и ја гонеше за да ја убие. Карпата се отвори и ја скри Вравара од суровиот татко. Кога му се јави повторно, татко ѝ ја однесе пред началникот Мартијан, на кого што му ја предаде за мачење. Невината Варвара ја расоблекоа и ја биеја, додека целото тело не ѝ го прекрија во рани и крв. Во затворот ѝ се јави Самиот Господ со ангели и ја исцели. Кога го виде тоа една жена Јулијанија и самата посака мачеништво. Обете беа ужасно мачени и со исмевање ги водеа по градот. Им ги отсекоа градите и од нив истече многу крв. Најпосле ги изведоа на губилиште, каде што таткото самиот си ја закла ќерката, а војниците ја заклаа Јулијанија. Истиот тој ден удри гом во куќата на Диоскор и ги уби него и Мартијан. Света Варвара пострада во 306 година. Нејзините чудотворни мошти почиваат во Киев. Прославена во Небесното Царство, Св. Варвара многупати им се јавува на мнозина, понекогаш сама, а понекогаш со Пресвета Богородица.
|
|
|