14.02.2012. |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светиот маченик Трифун, во црквата „Свети Димитриј“ во Кавадарци, беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Митрополит Повардарски г. Агатангел во сослужение на Митрополитот Струмички г. Наум. По завршувањето на Светата Литургија, Митрополитите заедно со свештенослужителите во внатрешноста на храмот извршија мал Водосвет, а потоа се упатија во дворот од храмот кадешто го извршија и годинешното закројување на лозовиот насад. На закројувањето на лозовиот насад, присуствуваше и Претседателот на Република Македонија, г-дин Ѓорѓе Иванов, министерот за финансии, г-дин Зоарн Ставревски, како и американскиот амбасадор во нашата земја, г-дин Пол Волерс. Светиот маченик Трифун 14/02/2012 Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година. |
|
13.02.2012. |
| На 12.02.2011 г., на празникот на Светите Три Светители, свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. Тројцата Свети архиереи 12/02/2012 Светителите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат секој свој посебен ден на празнување во месецот јануари. Но овој заеднички празник е востановен во 11 век за време на царот Алексиј Комнен. Еднаш однекаде настана расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем. Едни го воздигнуваа Св. Василиј заради неговата чистота и храброст, други Св. Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието; трети воздивнуваа по Свети Јован со неговата чудесна благоглаголливост и јасност во изложувањето на верата. И така едни се нарекуваа василијани, други григоријани, а трети јованити. По Божја Промисла овој спор беше решен во корист на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители. Евхаитскиот епископ Јован (под 14 јуни) имаше едно видение во сон, имено: прво му се јави секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш му рекоа: „Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, ... ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“. Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи. | |
|
6.02.2012. |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светиот свештеномаченик Климент, епсикоп Анкирски и Шестиот Вселенски Собор, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Архиерејска Литургија во црквата „Св. Спас“ во Гевгелија. |
|
31.01.2012. |
На денот кога Светата православна црква го празнува споменот на Св. Атанасиј Велики, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој светител во Неготино. На Литургијата сослужуваа повеќе свештенослужители од епархијата, а молитвено голем број верници од градот го чествуваа својот закрилник. Неговото Високопреосвештенство, г. Агатангел по завршувањето на Литургијата изврши водосвет и ги благослови славските колачи. Свети Атанасиј Велики, архиепископ Алесандриски 31/01/2012 Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година. |
|
30.01.2012. |
На 29. 01. 2012 год., (недела), на денот кога Светата православна црква ги празнува Чесни вериги на Св. апостол Петар, преподобниот маченик Дамаскин Габровски беше отслужена Света Архиерејска Литрургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Демир Капија. Со Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на повеќе свештенослужители од сите намесништва на епархијата. Митрополитот Агатангел, со празнична проповед се обрати кон присутните верници, повикувајќи ги смирено и со покајание да му пристапуваат на Бога, зашто само таквите молитви Бог ги услишува. |
|
30.01.2012. |
По повод Празникот на Лесновската Светиња – Свети Гаврил Лесновски, во предвечерието на празникот, на 27. 01. 2012 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужение на Игуменот на Лесновската Обител отец Дамаскин со браќата при Лесновскиот манастир, отслужи Празнична Вечерна Богослужба. Утредента на 28. 01. 2012 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел заедно со Надлежниот Архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на Игуменот на Лесновскиот манастир отец Дамаскин со браќата од манастирот и свештеници од Брегалничката епархија, отслужи Света Архиерејска Литургија. Пригодна беседа произнесе Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а Митрополитот Брегалнички г. Иларион Им го честита празникот на Лесновци и Му се заблагодари на Митрополитот г. Агатангел за отслужената Света Литургија. По ова Митрополитите го благословија и пресекоа празничниот леб. |
|
|