|
3.02.2015. |
|
На денот кога Православната Црква го прославува споменот на „Св. Атанасиј Велики“, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој светител во село Удово. На Литургијата присуствуваа голем број на верници кои молитвено му се поклонија на светителот, а сослужуваа свештеници од гевгелиското намесништво на епархијата. Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски На денешен ден се празнува преносот на неговите мошти и чудата произлезени од нив. А животот и подвигот на овој светител се опишани под 18 јануари: Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година. |
|
|
29.01.2015. |
|
На 29. 01. 2015 година, во храмот „Свето Вознесение Христово“ во Велес се отслужи Света Божествена Литургија. На Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на сите архиерејски намесници и старешни на поголемите храмови од Повардарската епархија, а во присуство на целиот епархиски клир. По завршувањето на Литургијата се одржа редовно Свештеничко собрание на кое свое излагање на тема „Современите информатички технологии и Црквата“ имаше свештеник Русе Жекоски .
|
|
|
28.01.2015. |
|
На 27. 01. 2015 година, Повардарската епархија во содејство на граѓанската иницијатива „Македонски манифест“ организираше промоција на зборникот „Името е нашата татковина“, дело во кое се собрани текстови на наши еминентни интелектуалци, а се однесуваат на зачувувањето на нашето македонско име и нашиот македонски идентитет . Промоцијата се одржа во „Ликовниот салон“ во Велес, а со свое обраќање ја отвори Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а по настапот на црковниот хор „Св. Кирил и Методиј“ со неколку духовни композиции, како промотор кон делото се обрати г-дин Ристо Никовски. Завршно излагање кон ова дело имаше нашиот познат публицист, г-дин Ефтим Клетников. На промоцијата, која беше дел од манифестацијата „Велес - град на културата“ присуствуваа голем број велешани.
|
|
|
28.01.2015. |
|
На 25. 01. 2015 година, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. |
|
|
26.01.2015. |
|
Почитувани, Ве покануваме на промоција на зборникот „Името е нашата татковина“, која ќе се одржи на 27. 01. 2015 (вторник), во „Ликовниот салон“ во Велес, со почеток во 18 часот. Промоцијата на овој зборник е во организација на Повардарската епархија и граѓанската иницијатива „Македонски манифест“. Промоцијата ќе ја отвори Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а по настапот на црковниот хор „Св. Кирил и Методиј“, како промотор кон делото ќе се обрати г-дин Ристо Никовски.
|
|
|
21.01.2015. |
|
На 20. 01. 2015 година, на денот кога Светата православна црква го слави Соборот на Св. Јован Крстител, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на бројно свештенство од сите епархиски намесништва, го освети камен-темелникот на црквата „Св. Атанасиј Велики” во Богданци, којашто целосно изгоре во неодамнешниот пожар. Новата црква ќе се гради по проект на архитектот Благој Здравев од Штип, којшто веќе подготвениот проект го донираше на епархијата за побрза изградба на новата црква, а градежните дејства ќе ги реализира компанијата „ГЕ-ГЕ Професионал“ од Богданци. Црквата ќе се гради со средства од Повардарската епархија, како и со доброволни прилози на верниците.
|
|
|