15.10.2013. |
На 05. 10. 2013 година се изврши освет на камен-темелник на нова црква во селото Нежилово, општина Чашка. Чинот на осветување на камен-темелникот го изврши Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители. Новата црква во селото Нежилово ќе се гради во чест и слава на светата маченичка Параскева Петка, Римјанка. Црквата ќе се гради со средства од жителите на селото и Повардарската епархија. |
|
4.10.2013. |
Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел излезе од печат 27-от број од списанието „Православна Светлина“. Оние верници кои живеат на територијата на Повардарската епархија можат бесплатно да го добијат во сите цркви низ Повардарската епархија, а останатите можат да го прочитаат на следниот линк . |
|
30.09.2013. |
На 29 септември 2013 година, во храмот Рождество на Пресвета Богородица - Скопје се отслужи Света Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во сослужение на архиереите на Светиот Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во денот кога се празнува споменот на светата великомаченичка Ефимија, преподобен Доротеј и светата маченичка Људмила; МПЦ – ОА ги возвелича јубилеите: 1700 г. од Миланскиот едикт на цар Константин со кој се прогласи слобода на исповедувањето на Христијанската вера и 1150 г. од почетокот на Моравската мисија на сесловенските учители Кирил и Методиј. На 28 септември 2013 г. (сабота) со почеток во 17:30 ч. во Архиепископскиот соборен храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје се одржа Вечерна богослужба со која началствуваше Неговото високопреосвештенство Митрополитот Преспанско- пелагониски и администратор австралиски господин Петар во присуство на Неговото блаженство Архиепископот г.г.Стефан, архиереите на Светиот синод, гости од христијанските и други заедници, дипломатски и претставници на државните институции и броен верен народ. Преземено од: Преминпортал |
|
27.09.2013. |
Крстот нè повикува да се поклониме на распнатиот Христос. Крстот е знамето на православието, крстот е знамето на христијаните, крстот е спасението на човештвото, крстот го победува сатаната, крстот нè искачува во царството небесно. На празникот на пронаоѓањето на чесниот Крст, Митрополитот Повардарски отслужи Света Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. На Литургијата сослужуваа повеќе клирици на Повардарската епархија, а пред чесниот Крст се поклонија голем број верници. На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет. |
|
23.09.2013. |
На 22. 09. 2013 година, Митрополитот Повардарски г. Агатангел ја освети црквата „Св. пророк Илија“ во новоформираниот Серменински манастир. На чинот на осветување на манастирската црква сослужуваа протоереј Миле Штрбевски, протоереј Трајко Мојсов, јеромонах Прохор, јеромонах Атанасиј, протоѓакон Влатко Стоименов, јероѓакон Паисиј и јероѓакон Виктор. По чинот на осветување на црквата, се отслужи и Света Божествена Литургија. На чинот на осветувањето и на Литургијата молитвено присуствуваа голем број верници од Гевгелија и околните места. Митрополитот Агатангел во своето празнично слово го потенцираше непроценливото духовно значење и возвишеност на монашкиот позив и мисија и изрази надеж дека новоформираната монашка обител ќе биде изворот на жива вода од којшто духовно ќе се насладуваат верниците кои ќе го посетат овој манастир. |
|
23.09.2013. |
На 21.09.2013 година, кога Светата Православна Црква го празнува споменот на Раѓањето на Пресвета Богородица – Мала Богородица, во Согленскиот манастир посветен на Рождеството на Мајката Божја се отслужи Архиерејска Божествена Литургија на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на јеромонахот Авакум, протоереј Ристе јанушев, свештеник Мики Миовски и ѓакон Васил Ристовски. Манастирската црква беше исполнета со верни души кои молитвено го побараа застапништвото на Мајката Божја пред престолот на Спасителот, за здравје и спасение на нивните души. Многумина од присутните верници пристапија кон Светата Тајна – Евхаристија и се причестија со Светите Христови дарови. |
|
|