10.01.2014. |
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел и оваа година во рамките на соработката на Повардарската епархија и здружението на деца заболени од церебрална парализа од Велес, Повардарската епархија организираше Божикна забава за овие дечиња. На ова дружење присуствуваше Митрополитот Агатангел кој го благослови овој собир, а присуствуваше и градоначалникот на Општина Велес, г-дин Славчо Чадиев кој ја поздрави оваа благородна активност. На оваа средба настапи црковниот хор при Повардарската епархија „Св. Кирил и Методиј“. На забавата сите дечиња кои беа присутни, како и оние кои не беа во можност да присуствуваат добија пакетчиња од Повардарската епархија. Оваа средба беше шеста по ред, а е со тенденција да продолжи и во иднина.
|
|
10.01.2014. |
На празникот на Рождеството на Нашиот Господ и Спасител, Исус Христос, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство на Повардарската епархија отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм на епархијата „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес.
На вториот ден од празнувањето на Рождеството Христово, кога уште се чествува и Соборот на Пресвета Богородица, Митрополитот Агатангел чиноначалствуваше со Божествената Литургија во храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Кавадарци. На Литургијата, Митрополитот Агатангел благоволи и го ракоположи јероѓаконот Паисиј во чин јеромонах. На трет ден Божик, кога уште се чествува и споменот на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, Митрополитот Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во црквата „Св. Атанасиј“ во Негорци. |
|
10.01.2014. |
На Бадник, како што е предвидено во Типикот, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Царски часови со Василиева Вечерна Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. По завршувањето на Литургијата Архиерејот и свештенослужителите, кои сослужуваа на Литургијата ги осветија Бадниковите гранчиња.
|
|
10.01.2014. |
На празникот на Свети Наум - чудотворец Охридски во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, се отслужи Архиерејска Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел. На Литургијата, Митрополитот Агатангел благоволи и го потстрижа во чин чтец богословот Орце Андреевски од Велес. Присутните верници молитвено му се поклонија на големиот семакедонски светител, а потоа се причестија со Светите Христови дарови. Преподобен Наум Охридски Чудотворец Ученик на Светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто најревносно соработуваа со овие словенски апостоли. Свети Наум патуваше во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост. Знаеше многу јазици. Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека Свети Климент дејствуваше како епископ во Охрид, дотогаш Свети Наум основаше манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси брегот како што и името на Свети Наум ја краси историјата на словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила и засолниште за болните и за неволните. Околу Свети Наум се насобра мноштво монаси од сите страни на Балканот. Беше мудар учител, единствен раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Вршеше чуда и за време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило. Се упокои во првата половина на 10 век. |
|
3.01.2014. |
Годинава по вторпат на 31. декември ноќта со почеток од 23 часот се одржа сеноќно бдение во Велес. Повторно оваа година насекаде се раширија молитвите упатени во Успенскиот храм на Пресвета Богородица. И додека целиот град надвор славеше за дочекот на новата година, и ние присутните во Успенскиот храм славевме, но на поинаков и подостоинсвен начин. На бдението чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на монашкото братство од Серменинскиот манастир, јеромонах Атанасиј, јеромонах Спиридон, јероѓакон Пајсиј и свештениците отец Игор Пармачки и отец Драги Гаштарски. Црнорисците и останатите богослови на вечерната и утрената служба нè удостоија со молитвено источно православно пеење, додека малото женско византиско хорче славословеше на Литургијата. Верното христијанско стадо кое го имаше во многуброен број од ширум цело Повардарие, достојно и пристапи на Светата Причест, а на крајот сите заедно присуствувавме на една љубовна трпеза. Ние присутните ја имавме најтоплата ноќ оваа година. Нека нè држат нашите срца така до дочекот на Рождеството Христово та сите повторно да се собереме и да го прославиме Новородениот и Вечен Бог. За сајтот на Повардарската епархија известува Маја Цаневска - Везилка |
|
31.12.2013. |
Излезе од печат Божикното издание на списанието „Православна Светлина“. Во новиот број се сместени содржини со кои би сакале да се обидеме да ги запознаеме верниците што подобро со традициите на црковниот живот, и со учењето на нашата Света Црква, и да придонесеме за што поголем интерес кај сите верници во Повардарската епархија, па и пошироко, за практикување на нашата православна христијанска вера. Во рамките на овој број се обработени повеќе теми од нашата православна христијанска вера, а со посебен нагласок на празнувањето на Рождеството на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Божик. Се надеваме дека со ова Божикно издание на „Православна Светлина“, ќе ја зголемиме радоста која ја обзема секоја православна христијанска душа во овој дел од годината, кога го празнуваме раѓањето на Богочовекот Христос, Спасителот на светот. Бесплатниот примерок од списанието можете да го најдете во сите цркви и манастири низ Повардарската епархија. |
|
|