Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Во денот Успение на Пресвета Богородица
Во денот Успение на Пресвета Богородица
27.08.2021.
СЕДУМНАЕСЕТТО СЛОВО
во  вториот том од трилогијата „Беседи и проповеди“ од Филарет Московски,
издадена од издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ во 2018 година

Во денот Успение на Пресвета Богородица
1845 година

А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот, кого го љубеше, како стои,
ѝ рече на мајка Си: Жено, ете ти син! Потоа му рече на ученикот: ете ти мајка!
И од тој час ученикот ја зеде при себе. (Јн 19. 26-27).

Сега, ученикот на распнатиот Исус не ја зема кај себе Мајката Негова како сираче во својот мал дом. Сам Господ Исус, царствувајќи на небесата, Својата Преблагословена Мајка ја зема при Себе, во многуте места за живеење во домот на Својот Отец, во блажено созерцание и присуство на слава, која ја имал Он во Отецот, уште пред светот да биде.
Он Својата Мајка не ја дава сега на едниот Свој ученик, за Таа да биде успокоена од синовското служење, туку на сите Свои ученици, на сите верни православни христијани, за сите синови и ќерки да се ползуваат од Нејзините Мајчински грижи.
Заминувајќи во небесната Црква, Таа чудесно ги собира кај Себе врховните претставници на Црквата, расеани по земјата, и со тоа дава знак, дека Нејзиниот сојуз со верните на земјата не само што не се прекинува со Нејзиното заминување, туку станува уште поопширен и поактивен и дека благодатта која живее во Неа, толку долго криена со смирението, треба да се открие од Нејзиниот гроб и да ја наполни вселенската Црква со Нејзината слава, според Нејзиното, порано некогаш неверојатно, но совршено и вистинско претскажување: отсега ќе Ме ублажуваат сите родови.
Таква е судбината на Пресветата Приснодева во Нејзиното успение за времениот и земен живот, во Нејзиното будење кон небесниот и вечен живот.
По каков пат е дојдено до таква висина на блаженство и слава? – Ова прашање може да се постави и да се одговори не од една празна љубопитност, туку и од љубов кон спасителното учење. Зашто, иако судбината на Пресвета Богородица, во својот посебен вид и степен е беспримерна, но воопшто, таа е последица на тие сили, расположенија, дејствувања и подвизи, кои го предложуваат и извршуваат општиот пат за сите луѓе кон спасението.
Не е лесно да се истражува целокупниот пат на животот на Пресвета Дева, на Нејзиното безмолвие и молчење, кој во поголем дел е скриен од евангелската историја. Всушност на некои од нив ние не еднаш имаме укажано. Но сега ќе застанеме на едно возвишено место на овој пат, кој е откриен во Евангелието, за да истражиме иако само дел од тој пат, кој се открива во тоа возвишување.
Висината на која ја искачувам вашата мисла е гората Голгота. Таму, во часовите, спасителни за целиот човечки род, но воедно и страшни за сè создадено, - тогаш, кога извршувањето на сеопштото спасение не им било познато дури и на избраните луѓе, а сеопштиот страв го чувствувале дури и камењата, тогаш, според изразувањето на пророкот, Животот на човекот ќе виси пред очите (5Мој. 28, 66) на човекот, но човекот видел само страв и смрт, при погледот од кој што и непријателите заминувале растргнати од сострадание – се враќаа удирајќи се во гради – таму, пред крстот на распнатиот Исус стоела Неговата Преблагословена Мајка.
Каква чудесна светлина на Нејзиниот внатрешен живот ги отфрла овие мрачни голготски часови!
Ќе спомнеме, дека времето на Христовото страдање не било време на опасност за сите кои Нему му биле блиски. Тоа го гледаме од Неговите сопствени зборови, со кои Он, предавајќи се Себеси во рацете на непријателите ги запазил од слична опасност Своите ученици: вие Мене ме барате, оставете ги овие да си одат. Но како Он можел да бара поштедување за Своите ученици од тие, кои не го поштедиле Самиот Него? – Седвижечката сила на Своето Божествено слово, која непосредно пред овој крај чудесно се јавила, соборувајќи ги препреките и склоповите со еден збор: Јас сум. Евангелистот, објавувајќи за тој настан, додава, дека Господ порано го претскажал тоа, и тоа се исполнило согласно со претскажаното. За да се изврши словото кажано од Него: од оние, што си Ми ги дал, никого не погубив. Тоа значи, дека блиските кон Господа, за време на Неговото страдање, не само што се наоѓале во опасност, туку и би загинале, ако Он не го одвратил тоа со посебно провидение. Од таа опасност, од таа блиска гибел, сите ученици, го оставиле Него и побегнале – сите, без исклучок и на Петар, кој потоа се упатил кон Исуса во дворот на првосвештеникот, но таквиот тест не го издржал ни Јован, кај кој што, наскоро љубовта ја повратила неговата храброст и го води кон проследување на возљубениот Учител до крстот. Но Мајката Господова не ја гледаме ни во страв, ни во бегање, туку ја гледаме како стои пред крстот Исусов. И така, не гледате ли, дека Таа стои во духот поголем од сеопштиот страв, поголем од Својата лична опасност, повеќе од апостолската храброст?
Кој би кажал, дека за Пресветата Дева својствено е повеќе од сите, да се насочи во блискоста кон Својот страдален Син, поради природата на мајчинската љубов, тој би се покажал себеси како слаб толкувач на Нејзиното голготско стоење. Ако земеме да расудуваме за една природна мајчинска љубов, тогаш што треба да се очекува за Нејзиното срце, чувства, живот, од страдањата на Нејзиниот Син, при погледот од кои и туѓите биле надвор од себе, и земјата треперела, и камењата, и воздухот и сонцето ги сокрило своите зраци? – Не, природната љубов толку многу не објаснува, колку што го прави неразбирливо тоа, под каков образ Пресветата Дева можела да стои пред крстот, непоразена од стравот, не предавајќи се на нестрпливата скрб, не подлегнувајќи на безживотна изнемоштеност. Како може да се протолкува оваа висока храброст и крепост на духот? – Со ништо друго, освен со Нејзината длабока преданост на Божјите судбини, Нејзината вера во Божествената сила на Својот Син, која Нејзе и била позната повеќе од сите. Од сите јавни и тајни чуда за време на Неговиот земен живот, Нејзиното знаење на Христовите тајни, кои најрано од сите Таа ги знаела и сите совршено ги сложувала во срцето Свое. Верата, надежта поголема од надеж, љубовта не само природната, туку љубов со вера возвишена во духовното и божественото, ја хранеле во Неа внатрешната животворна светлина, која не е обвиена од темнината, смртта и голготските ужаси, и со непоколебливи стапки Таа го достигнала откривањето на светлината и радоста на Христа воскреснатиот.
Дојди христијанска душо, гледај ја и следи Царицата Небесна: зашто Нејзиното следење е укажување на патот кон Бога и за тебе според кажаното: ја доведуваат пред Царот девици кои одат по Неа.
Не бегај од мислите за страдањето Христово, ниту поради невнимание, ни по своеволно мудрување, ниту поради малодушност; зашто нема друг пат кон спасението, освен преку Голгота и крстот.
Приближи се кон распнатиот Господ со вера, надеж и љубов, и цврсто пред Него постави се себеси со благоговејно размислување и молитва. Во тоа ќе најдеш светлина за твојот пат и сила за твоето патување.
Ако опасност, беда или скрб, непосредно тебе те постигнуваат, ја колебаат твојата храброст и го трошат твоето трпение, спомни си за Мајката Господова како стои пред крстот Негов, и разгледај ја Нејзината бескрајна и безвиновна скрб, и од Нејзината непобедлива храброст и трпение, возбуди се себеси кон храброст и трпение во твоите, крајно мали и веројатно не без вина скрби, и во истото тоа време проси од Неа способност од талантите на благодатната духовна крепост, кои во Неа преизобилно се умножени преку верни и благословени дејствувања.
Уште да погледнеме, како од Голготската висина се открива некој понизок, но со тоа не помалку последователен дел од патот, по кој одела Преблагословената Марија кон вечната слава.
Во Евангелието се зборува, дека Спасителот наш кога ја видел пред Својот крст Својата Мајка и Својот возљубен ученик Јован, и зборува на Својата Мајка: Жено еве ти син. Потоа му вели на ученикот: еве ти мајка. Во овие зборови ја гледаме љубовта на Божествениот Син кон земната Мајка, која што Он сака не само да ја утеши во лишувањето на Синот, но надоместувајќи се Себе во лицето на друг, и, за да го почитува Нејзиното девство, а заедно со тоа да го награди и девството на возљубениот ученик, го избира девственикот Јован, нарекувајќи го син на Приснодевата. Но ние не ни претпоставуваме, што се заклучува во овие посебни Господови зборови, ако возљубениот ученик без сомневање, повеќе од сите го разбира срцето и мислите на својот Учител, без да ја толкува оваа согласност. Каква е таа согласност? - Од тој час ученикот ја зеде при себе. Од тоа се открива, дека посинувањето на Јован произлегува од тоа, да се обезбеди Нејзиното живеалиште и потребите за времениот живот. Треба да кажеме, дека Нејзината љубов и вера кон Божествениот Син секогаш ја поттикнувале колку е можно да биде поблиску до Него, и затоа Таа патувала насекаде каде што бил Он; и затоа, како што Он бил туѓ на браќата Свои, така и Таа; како што Он немал каде глава да засолни, така и Таа.
Така Пресветата Дева одејќи во внатрешниот живот по патот на верата и совршената преданост во волјата Божја, во надворешниот живот одела по патот на откажувања од земни блага и задоволства, по патот прост, непредвидлив, по патот на доброволни лишувања, принесувајќи се во жртва на верата и Бога.
Гледај христијанину и следи го овој благослов и биди внимателен, за твојот животен пат, по крајна мера да не биде премногу оддалечен од овој.
 И од тој час ученикот ја зеде при себе. Гледаш ли? Мајката на Царот Небесен не е во одаи, во великолепие, не е опкружена од слуги. Таа живее заедно со еден рибар, во мала и тоа, туѓа куќа, без слава, без блесок, во тишина, во едноставност, за да се ползува само од таквото спокојство и служење, кое Нејзе и е принесено од благоговејната усрдност на бедниот рибар.
Гледај на тоа и учи се да не го цениш високо богатството, да не си лаком за задоволства, за слава, блесок, туку да ја сакаш едноставноста, скромноста и тивката просечност; не ја презирај бедата кога ќе ја сретнеш кај другите, не плаши се од неа, ако таа сака да те посети, не срами се од неа, ако таа веќе се населила кај тебе.
Не ги одземаме од тебе земните добра, ако Провидението ти ги дава тебе; ползувај се од нив со благодарност кон Бога, со добродетелност кон ближните, со смирение, но внимавај на себе и на своето срце, за да не се прилепи кон нив.
Ако ти се наоѓаш на патот кон небото, како што и треба да биде, тогаш не се обременувај премногу со земното, за да не паднеш во раслабување на незавршениот пат.
Прекрасен е, но и страшен, и без сомневање полн е со вистини законот на нашата судбина која нам ни ја открил нашиот Спасител, кога рекол: каде е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше. Богатство Он го нарекува тоа со кое е исполнета нашата мисла, кон што се стремат нашите сили. Зашто ние сами ја определуваме нашата судбина; ние ја носиме неа во себе, во склоностите кои господарат во нас. Ако нашето богатство е предмет на желбите кои господарат во нас, кои се наоѓаат и остануваат на земјата, во земните блага, во грижите, задоволствата, славата, тогаш овде долу останува и нашето срце; а каде е нашето срце, таму е нашиот живот, таму е нашата судбина и затоа тој не се наоѓа на небото. Да си избереме и да си подготвиме подобра судбина за себеси; да се расположиме себеси така, за нашето сокровиште да не биде на земјата. Скријте си за себе сокровиште на небесата; тука постојано пренесувајте си ги вашите мисли, вашите желби, вашата љубов; и таму ќе биде вашето срце, вашиот живот, вашата радост, вашето блаженство, благодатта и добрините на Отецот и Синот и Светиот Дух во вековите. Амин.


 
< Претходно   Следно >