Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед на празинот на св. Агатангел Битолски
Проповед на празинот на св. Агатангел Битолски
13.03.2018.

            Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, АМИН !

Ваше Високопреосвештенство, чесни отци, драги браќа и сестри !

Денес се радува нашиот Македонски род. Денес се радуваат сите светии од ова блажено парче земја. Денес ликуваат и Кирил и Методиј, се веселат и Климент и Наум, воспеваат и Јоаким со Илариона и Гаврила,  светиот Спасо со Ѓоргија, торжествуваат и Прохор со Јована, денес се радува и Злата Мегленскиот украс, славословат и Јоаникиј со Гаврила - светогорецот, денес се радуваат сите знајни и незнајни, воспеваат сите кои на браникот на верата го сочуваа Правото славење на Бога низ вековите до денес овде во Македонија. Велам се радуваат сите, па и ние денес, зашто споменот за праведникот е секогаш врежан во душите и срцата на овој род. А имаме и зошто. Денес, црквата наша Македонска го слави споменот на едно големо светило, запалено од овој род, на еден млад ревносен пламен, кој по светата должност Божја се запали во одбрана на  својата вера и татковината, не плашејќи се мачеништво пред Бога да принесе и да го избави народот свој од нечестивоста, која како злокобен облак се беше надвиснала поттикната од Мухамедовото безумствто.  Денес го славиме Агатангел - ангелот Македонски кој се јави на овој верен род, за да го избави со примерот на своето мачеништво од тешките маки и неприлики, и потпомогнат од Благодатта Божја да ја разобличи прелеста на Агара, постанувајќи верен столб за душите православни во Битола Македонска.

Да се биде маченик за верата Христова, драги мои, е многу тешка работа. И без оглед на степенот на нашето мачеништво, ние сите верни поединечно на некој начин сме тоа - соодветни маченици или сведоци Христови за верата. Но, мачеништвото преставува и духовен подвиг чија вистинитост може да се посведочи единствено преку плодовите од Светиот Дух, а тоа се добрите дела. Делата се тие кои секој еден од нас го разликуваат од другиот, го прават икона Христова сама по себе, Лик по кој сите сме едно во Господа, но со својата слобода бираме колку ќе се уподобуваме - доближуваме до Него. Да се живее според заповедите не е ништо друго, драги мои, туку да се оправда првомачеништвото на Оној, Кој виси на крстот за нас и нашето избавување. Да се прифати Љубовта на Оној Кој држи се, и тоа така силно насочена кон овој род, за нас Македонците отсекогаш значело едно големо мачеништво, но, истовремено таа нишка во нас ја разгорува борбата и предизвикот за наш се поистакнат и повозвишен духовен развој. Затоа, оттука треба да започне нашата грижа за денешницата, оттука треба да нацрпиме и сили за поубава иднина. Не можеме секогаш нашите постапки и дела да ги оддаваме на стихијноста и на забот на времето. Не смееме и да се оправдуваме дека секогаш оној другиот ни е виновен за се. До кога вака? До кога самите ќе го уриваме она што сме го создавале, или поточно она што го создале нашите предци? Дали ние како генерација имаме такво право да газиме по сето она што е свето и макотрпно спечалено од нашите предци, кои денес ги спомнавме? До кога се повеќе ќе размислуваме за некои “европски идеали”, а нема да ја познаваме нашата историја, која не е само државна, туку пред се и над се црковна? Зашто кога не немало како држава, не имало како црква, и како јадро кое истиот народ го водело кон Бога. Како сега наеднаш сето тоа се заборава, и Црквата се остава по маргините на нашето општество, посебно од државата? Па се оди дури доттаму да се уништи сето она, за кое гинеа нашите дедовци и прадедовци, нашите деца да останат духовно необразовани и без корен, за да не знаат за себе и за сето она што им претходело, на истата оваа света почва по која газиме денес. Па зарем за таа света должност не гинеа мачениците од овој род? Како сега ние ќе ја браниме татковината и таа света должност во неа ако не се потрудиме да си ја зачуваме верата прадедова, според истиот пример како што тоа го правел денешниот маченик? Како ќе говориме за понатамошен духовен развој, кога некој се обидува во корен да го засече сето она за кое се пролеало толку маченичка крв? И затоа реков дека развојот во духовноста исклучиво скоро секогаш зависи од поединецот, кој во исто време всушност е и маченик за верата во Христа Исуса.

 Но, само малкумина се тие кои можат да се пофалат со таков степен на духовен развој и просветлување на умот, малкумина се тие, кои како денешниот наш славеник ќе соберат храброст и ќе застанат пред царскиот сарај, со ферманот в рака и ќе го поднесат сиот товар на плеќите свои, без да се тетерават пред тој тежок крст. Таквото сведоштво пред агарјаните за него значела смрт, но пред Бога и пред овој род, кој вечно ќе го чевствува неговиот спомен значи живот вечен. Па нели Ги чувме Господовите зборови  во Евангелието: “Не бојте се од оние кои го убиваат телото, а на душата ваша не и можат ништо; ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од оние кои можат и душата и телото ваше да го уништат, од тие ви  велам да се боите”.

 Светиот Агатангел не можел да трпи и да гледа како Турците неконтролирано се изживувале врз христијаните, притоа не бирајќи начини да ги принудат да пристапат кон исламската вера и затоа поттикнат и огорчен од овие настани, собрал смелост и ги изобличил незнабожците, а на верните им дал поттик да истрајат во вистинската вера. И не само тоа, на верните им го оставил и своето тело, од кое и ние еве имаме дел, за да ни биде сладосна утеха, а главата, пак преку мечот исечена, на Господа Му ја принесе низ вера и дејност света, за преку неа овој род да црпи безбројни исцеленија.

Таквото сведоштво, таквата љубов, таквата несовладлива вистина, и нам ни дава за право да се надеваме дека денес, на ова Божествено тајноводство, бевме уште поблизу до Бога и до светиот, затоа што и меѓу нас има една Икона Христова, еден Архипастир, кој не само што го носи името на овој наш денешен славеник, туку и досега во овие 20 - години архиерејска служба, целосно ни посведочи како се сака верата и татковината и како преку добри дела се љуби својот род и своето паство. Тој, како вистински наш татко, постојано бдее и сочувствува со својот народ, се труди и ревнува со него, за поголеми и побогоугодни дела на ова нива, дела по кои станува препознатлив помеѓу сите нас. Еве денес повторно да проговориме за тие дела и има ли некој, кој сеуште не чул и не видел, какви прекрасни зданија се извишија и во Велес и во Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Богданци и насекаде долж повардарието. Се собравме денес сите соборно во едно од нив, во ова велелепно здание, духовно да Му заблагодариме на Бога за тоа што ни дал едно вакво духовно огледало, на кое сите можеме да се огледаме. Има ли некој кој не прочитал макар мал дел од црковно - просветната дејност за духовна наобразба на овој народ. Секој текст, секоја идеја, препрочитани и поминати преку филтерот наречен Митрополит Агатангел. Има ли некој кој не ги видел радосните лица на најзагрозените наши браќа и сестри кои редовно со години наназад примаа благословен топол оброк во црковните кујни.Секој празник и радосен момент преку посетата и благиот лик на нашиот Архиереј, станаа радост и за тие најранливи категории на луѓе. И во црковното пеење и во уште многу други сегменти, ние, во епархијата стануваме пример за нашите современици. Сите овде присутни, кои редовно доаѓаме и се црквуваме во нашите храмови, сведоци сме дека Велес, како и градовите низ Повардарието, веќе стануваат синоним за духовна култура, која преточена во дела ги полни храмовите со мноштво народ, кој што повторно се враќа во прегратките Господови и таму ја пронаоѓа утехата во овие тешки времиња.

Затоа, Високопреосвештени Владико наш свет, дозволете ми од мое име, од името на моите собраќа свештеници и пред се од верниот народ во нашата и ваша богомдарована Повардарска епархија, топло и молитвено да Ви го честитаме именденот. Единствено нешто за кое што го молиме Нашиот Бог е да Ви подари крепко здравје и бодар ум, а за сето останато Владико, уверен сум дека Семилостивиот Бог ќе го преумножи во вашата душа и срце. Делата се тие кои ќе зборуваат за Вас, но еве и ние јасно и гласно кажуваме: ,,Вие за нас секогаш бевте и знам дека ќе останете море на неизмерна подршка и татковска прегратка во која има место и љубов за сите, Вие имавте и знам дека ќе изнедрите простор за уште поголемо трпение и надминување на сите наши секојдневни несогласувања со кои Ве обременуваме, Вие досега притекнувавте, а во староста Ваша и ќе притрчате во пресрет и помош на секој еден кој од Вас ја побарал, Вие бевте и со Божја помош ќе останете тој аголен камен, на кој што сите ние се потпираме.

Затоа, во овој свечен и радосен миг, со искрени желби кои зрачат од срцата на сите овде присутни, посакувам вака да се среќаваме уште многу лета. Нека светиот новомаченик Агатангел Битолски, вашето престолно кандило пред престолот на Севишниот Бог, ви биде поттик постојано да се молите за нас и да не спомнувате во вашите молитви, а Преблагиот Бог, преку неговата неизмерна благодат и човекољубие, не води низ нашите животи, за да Му вознесуваме слава, благодарност и поклонение на Отецот, Синот и Светиот Дух, Троица едносушна и неразделна, сега и секогаш и во вечни векови, АМИН !   

                                                     проповедал: протоереј Борислав Бобевски           

 

 

 
< Претходно   Следно >