Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Свештенството и искушенијата
Свештенството и искушенијата
29.01.2008.

Дарот на свештенството и

искушенијата поврзани со него

 




 

Служењето на свештеникот е највозвишеното служење на земјата – толку високо достоинство добива човекот во светото Таинство на Свештенството. Во текот на вековите многу богослови размислувале за тоа што претставува тој духовен дар, што го добива свештеникот? Точен и во согласност со мислењето на Светите Отци одговор дава, сега покојниот, митрополит Антониј (Храповицки): „Тоа е дар на сострадална љубов“. Тој својот одговор вака го објаснува:

„Човекот, круната на Божјото создание, добил од Бога дар на слободна волја и слобода на избор. Бог не ја ограничува нашата слобода и во ништо не го присилува човекот. Така и свештеникот раководи со паствата преку „зборовите“ на проповедта, а не преку законодавната моќ. Меѓутоа, за зборот, проповедта, поуката на свештеникот, да ги постигнат неопходните резултати и да послужат за духовна преродба и спасение на грешната душа, потребно е да имаат во себе „внатрешна сила“. Таква сила има свештеникот во себе и ја излева во човечките души, обезбедувајќи успех на проповедта и правејќи ја духовно плодотворна. Од устата на свештеникот, заедно со неговите зборови истекува и таа „внатрешна сила“ и се влева во душата на слушателот, а заедно со неа – зракот на благодатта на Светиот Дух, кој таинствено ја осветува душата на грешникот и го истерува од неа мракот, што царува во неа. Таа „внатрешна сила“, која невидливо дејствува на душата на човекот е сострадалната љубов на свештеникот кон сите ближни. Вистинитоста на ова тврдење произлегува од животот на нашиот Господ Исус Христос, Кој Себеси се принел на жртва заради спасението на човечкиот род и за животот на светот, а се потврдува, исто така и во делата на Светите Отци, меѓу кои и свети Јован Златоуст, кој во книгата за свештенството пишува: „Духовната љубов не се раѓа од било што земско, туку слегува од небото. Таа се дарува во светото таинство на Свештенството, но нејзиното примање и користење зависи од желбите и способностите на самиот свештеник“. Целта на свештеникот е духовна преродба и спасение на поверените му човечки души. Обврска на свештеникот е „извршување на светите Таинства“, пред сè на светата Евхаристија. Зашто токму во пресветата тајна на Телото и Крвта Христови настанува осветувањето, преродбата и спасението на самиот свештеник и на верните кои се наоѓаат под негова грижа“.

Свештеникот е слуга Божји, но со негова помош доаѓа до нашето соединување со Бога и спасение. Затоа основното што се бара од свештеникот е да развие во себе молитвена состојба. Со помош на долгогодишниот христијански подвиг и пастирски труд свештеникот е должен во себе да развие и на својата паства на ì пренесе евхаристиско задлабочување во молитвата.

Повеќе од било кого свештениците се изложени на проверки, тешкотии и секакви искушенија. Не им доликува на свештениците да фантазираат, ниту, пак, да се стремат кон материјална благосостојба. Свештенството е пред сè „подвиг“, со кој се поврзани многубројни тешкотии од духовен карактер. Од свештеникот се бара потполна духовна и телесна чистота пред Бога и луѓето. И иако свештеникот живее и ја врши својата служба во светот, преисполнет со гревот, тој не смее да им подлегне на измамите на гревот, ниту, пак, да стане зависен од него.

Според мислењето на Светите Отци, свештеникот, слично на Христа во пустината, е подложен на трите основни искушенија:

1. Искушение материјално-животно:

„Не само од леб ќе живее човекот“ (Мат. 4, 4). Свештеникот, земјаќи ги за пример световните лица или имајќи ја предвид својата и потребата на своите блиски, обично стапува во трка по богатство од желба да живее „како и сите други“.

2. Искушение со авторитет:

Власт над светот... (Мат. 4, 9). Со ова искушение се поврзани:

- стремеж за првенство помеѓу свештенството;

- претерано или неразумно искористување на својата духовна власт;

- обиди за стекнување награди, наменети за световни луѓе.

3. Искушение со светост:

Ако си Син Божји, направи чудо (Мат. 4, 6). Ова е многу суптилно и опасно искушение. Тоа се базира врз достоинството на свештеникот, Светите Таинства кои тој ги извршува и непосредниот контакт со луѓето. Сè започнува од човечките „пофалби“, а завршува со неосновани легенди за „светоста“ на свештеникот, па на крајот и самиот тој ќе почне да верува во своите „заслуги и достигнувања“.

На правилен однос кон таквите искушенија нè учи Христос со својот пример. Пред сè треба во самиот зачеток да се уништат и најмалите движења кои водат кон гореопишаните искушенија. За да се избегнат, треба да се придруваме во својот живот до „средниот спасителен пат“, т. е. умереност и воздржување во сè.

 

 

 

Врз основа на книгата на

проф. архимандрит Кипријан Керн,

„Православното пастирско служење“

 
< Претходно   Следно >