Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проповед на празникот на Св. Атанасиј
Проповед на празникот на Св. Атанасиј
1.02.2017.

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!!!

 

Ваше Високопреосвештенство, чесни отци, драги браќа и сестри,

 

            Sample ImageСе собравме денес, да го прославиме споменот на жителот на небесниот Ерусалим, на многупочитуваниот во овој крај, свети Атанасиј Велики, епископот Александриски.

            Свети Атанасиј се родил кон крајот на 3 век во градот Александрија и уште од најрана возраст бил решен во сè да го следи примерот Христов. Уште како дете, свети Атанасиј во игрите со своите врсници не знаел за невини детски будалштини, живеејќи ја Црквата, и неговите детски игри биле нарекувани- Црква. Па, така неговите врсници во тие детски игри го избрале Атанасиј за Владика, а тој дел од своите врсници ги поставувал едни за свештеници, а други за ѓакони. За, потоа  децата свештеници и ѓакони, да ги претставуваат пред своето дете Владика, некрстените елински деца кои тој ги крштевал во морската вода. Како што растел телесно, со годините, свети Атанасиј така растел и во изучувањето на Божјото слово и во добродетелниот живот, та кога се исполнило времето, бил поставен за владика на градот Александрија. Она што било праслика, што било претскажано во неговите детски игри, сега навистина се исполнило.

            Но, како што подучуваат светите отци, дека ако сакаме да имаме вистински удел во радоста на Пасхата Господова, на Воскресението, најпрво треба да го поминеме патот до Голгота, патот на страданијата и распнувањето. Така и свети Атанасиј, целиот свој живот како владика го поминал во страдања, неправедни клевети и прогонства. За потоа да може да стане и жител на небесната црква и низ сите векови да го воспева Бога и молитвено да се застапува за сите нас кои се трудиме достојно да го празнуваме неговиот спомен.

            Спомнавме дека свети Атанасиј целиот свој живот како Владика го поминал претрпувајќи неправедни клевети и прогонства. Но, неговата големина била во тоа што тој исто како и многустрадалниот Јов, ниту еднаш во своите страдања не похулил, ниту пак се пожалил на Бога за тоа зошто страда на правдина.

            А, за што навистина бил прогонуван и клеветен свети Атанасиј?

            Затоа што тој како владика, татковски ги карал и поучувал оние свештеници и верници кои за Бога учеле поинаку за разлика од тоа што било напишано во Светото Писмо. Ги опоменувал, ги поучувал свети Атанасиј дека тоа е погрешно, дека грев е така да зборуваат за Бога, а тие наместо да се поучат, гневни и посрамени започнале неправедно да го клеветат пред царот, со истите обвиненија со кои евреите го клеветеле Христос пред Пилат. Дека тој не ги исполнува царевите закони и дека подготвува бунт против царот.

            Таков бил животот на свети Атанасиј, но таков бил и животот Христов, а и на секој човек што сака да живее праведно исполнувајќи ги евангелските заповеди.

            Светите отци зборувајќи за Црквата Христова, за овоземната Црква, честопати знаат да кажат дека е Црква која војува. А против што војува? Против клеветите!

            Од секогаш таа била напаѓана со разни клевети, но секогаш и опстојала непоколеблива во вистината.

            Уште од Стариот Завет безбројни се примерите кога ѓаволот – чие име значи клеветник, се обидувал со разни клевети да ги прелаже праведните со цел да ги оддалечи од патот на праведноста. Тој продолжи преку клевети да ги смутува верните и во Новиот Завет и ќе продолжи да се обидува да ги прелажува луѓето до крајот на вековите, до Второто Христово доаѓање.

            Оние луѓе, кои паднале под влијание на ѓаволот, живеат живот исполнет со клевети, со лага со подмолност, секогаш гневни и незадоволни. Додека, пак, верните живеејќи христијански, живеејќи со Христа, живеат во Вистината. Таквите не се плашат од клевети, од озборувања, напротив ги очекуваат и смело ги поднесуваат. А тоа е така затоа што знаат дека така им правеа на пророците, дека така му правеа на Христа и апостолите, на плејадата Христови маченици и праведници.

            И, токму нив, пророците, апостолите, мачениците и праведниците имајќи ги за пример во нашиот живот, секое искушение и секоја клевета насочена кон нас станува многу полесна и побезболна препрека на нашиот пат кон Вечноста. Затоа што, не постои клевета, не постои искушение ново измислено под небото и на земјата посебно за нас. Напротив, ако ги исчитуваме житијата на светиите, многумина од нас што панично лелекааме кога сме под опсада од некое искушение или клевета, само ќе се засрамиме кога ќе видиме како тоа го поднесувале светите отци или какви и колку поголеми искушенија од нас претрпувале, без притоа да похулат на Бога и да речат: Зошто Господи, зошто мене ми се случува ова?

            За жал, кога ние денес размислуваме или зборуваме за светителите, најчесто си ги претставуваме како некои надлуѓе, како некои луѓе кои биле поинакви од нас, понадарени, без мана, безгрешни. Но, всушност  и тие се луѓе, што живееле и грешеле како нас, но за разлика од нас, секогаш кога ќе станеле свесни дека некаде згрешиле, дека Го нажалиле Бога, веднаш се покајувале за стореното дело и се труделе повеќе никогаш да не го повторат истото дело. Можеби откако ќе се покаеле, повторно ќе згрешеле, повторно ќе го натажеле Бога и можеби истиот грев ќе го повтореле неколку пати, но важно е дека се труделе повторно да не грешат и да не ги повторуваат истите гревови.

            И ако денес за многумина од нас животот и делата на светителите ни изгледаат како сказни од дамнина, тоа не било случај и со нашите претци. Тие, нашите претци, нашите баби и дедовци, многу добро биле запознаени со животот и делата на свети Атанасиј и затоа не случајно овој храм му го посветиле токму нему. Тие, нашите претци, вашите баби и дедовци, живееле во времиња многу слични на времето во кое живеел свети Атанасиј. И тие биле прогонувани и клеветени кај властите доколку ја исповедале верата наша Христијанска, но не се плашеле од клеветите и прогоните, храбро, во секое време стоеле како бедеми на својата Црква. А со тоа што овој храм го посветиле токму на свети Атанасиј, тие сакале да испратат порака некому, да остават аманет.  А кому таа порака сакале да ја испратат, ако не нам?! Нивните поколенија! Овој храм е најубавиот и највечниот аманет што можеле да ни го остават.

            И затоа, стоејќи тука на молитва, чувствуваме, како секое делче, како секое зрно песок од овој храм да извикува кон нас со гласот на нашите претци:

            „Стојте цврсто во верата наша Христијанска!!! Сакајте си ја и чувајте си ја Црквата!!! Онака како што свети Атанасиј си ја сакаше и бранеше Црквата, онака како што и ние вашите претци ја сакавме, издигнавме и сочувавме оваа Црква во многу потешки времиња од вашите.“

            И ако денес ние не го слушнеме и исполниме аманетот од нашите претци, тогаш кој ќе се грижи за нашите поколенија? Каков аманет ние ќе оставиме?

            Вие сте светлината на светот! Аманетот е: - Исполнување и поучување во светите Христови заповеди. Затоа што, оној што ќе ги исполни и поучи Христовите заповеди, тој голем ќе се нарече во Царството Небесно!

            Од Бога благословено и за многу години!

Свештеник Љупче Миланов

Црква „Св. Атанасиј“ село Негорци 31.01.2017 год.

 
< Претходно   Следно >