Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор „Беседи за животот по животот - том II“
Предговор „Беседи за животот по животот - том II“
16.02.2015.

Предговор на вториот дел од книгата „Беседи за животот по животот“

Sample ImageВо вториот дел од книгата „Беседи за животот по животот“ имаме можност да се запознаеме со повеќе теми, кои се значајни за нашето правилно сфаќање на смртта, на страшниот суд, на вечниот живот, па од ова знаење произлегува и нашиот правилен однос кон овдешниот живот. Митрополитот Антониј Сурошки вели: „Смртта е мера за нашиот однос кон животот. Луѓето што се плашат од смртта, се плашат и од животот. Невозможно е човек да не се плаши од животот, со сета негова комплексност и со сите негови опасности, ако се плаши од смртта. Ако се плашиме од смртта, никогаш нема да бидеме подготвени да преземеме големи ризици; ќе го потрошиме нашиот живот на малодушен, претпазлив и плашлив начин. Единствено ако можеме да се соочиме со смртта, да го разбереме нејзиното значење, да го определиме нејзиното место, како и нашето место во однос на неа, дури тогаш ќе можеме да живееме без страв и да ги искористиме нашите способности“.

За да не се плашиме од смртта, треба да ја демистифицираме тајната на смртта, колку што можеме, да го разбереме тој момент на разделување на душата од телото, да знаеме што се случува со нас во тие моменти, и што нѐ очекува во животот потоа.

Смртта е неизбежен факт, голема тајна, разделба на душата од телото, разделба од ближните, но сепак е и средба со Бога. Соочувањето со смртта ни дава можност да созрееме, да видиме што вредело во животот, а што не. Смртта не е дел од Божјата примарна цел за Неговото создание. Бог не нѐ создал да умираме, туку да живееме. Иако смртта е тажна и тешка за секого, сепак таа е Божји дар, дар со кој се ослободуваме од овој живот, со сите негови тешкотии, гревови и страдања. Како што ноќта е еден вид секојдневно умирање, така и утрото е еден вид воскресение. Денот ни го дава Бог за работа, за творење, а ноќта ни е за да се одмориме од сите дела, од сите напори. Така Бог ни го дава овој живот како ден, за да твориме во Него, за да ја исполнуваме Неговата волја, а смртта ни доаѓа како одмор од животниот труд и напор.

Има една ранохристијанска мисла, во врска со смртта, која христијаните ја кажувале при погребение на некој ближен: „Го садиме човекот во земја, за да расцвета како најубав и најмирисен цвет во вечноста, пред Бог“. Како што новоникнатото стебленце, кое иако излегува од семето, а е сосема поинакво од него, така ќе бидат и нашите воскреснати тела преобразени во вечниот живот. Ете со таква вера, со такво сфаќање за смртта треба да живееме и така да ги учиме идните генерации. Да се плашиме од смртта со побожен страв, но да не паничиме при нејзиното приближување. 

Иако ова е голема тема, се надеваме дека со објавувањето на двата дела од книгата „Беседи за животот по животот“ на нашите читатели ќе им се разјаснат мноштвото прашања, размислувања и предрасуди кои се наталожиле со текот на времето, а за кои не можеле да најдат соодветни одговори.

Да Го молиме Господ да ни помогне да стекнеме правилно сфаќање за смртта, правилен однос кон смртта, за да можеме и правилно да го живееме животот на земјата, та по овој живот, кога ќе се преселиме во оној живот, да расцветаме во вечноста, како најблагоухани цветови, и како плодоносни дрвја, во вечни векови. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 
< Претходно   Следно >