Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Слово во Неделата на православието
Слово во Неделата на православието
10.03.2014.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ваше Високопреосвештенство, почитувани отци, драги браќа и сестри православни христијани.

Sample ImageЕве ние сме во првата недела од Великиот пост. Оваа недела со јазикот на црковниот речник се нарекува Недела на Победата на Православието. Оваа недела се празнува уште од далечниот 9 век, кој е поврзан со еден настан. Имено, на седмиот Вселенски собор во 787 година била осудена иконоборската ерес. Иконоборците се луѓето кои не ги почитувале светите икони и ги осудувале светињите. За жал и царската власт го поддржувала ова еретичко учење. Но по Божјата милост и мудроста на старците, архереите и монаштвото, кои ги криеле иконите и другите светињи во пештерите и катакомбите, овој период на безумие го пребродиле токму вознесувајќи горежди молитви пред тие икони и пред тие светии. Токму во оваа недела, драги браќа и сестри, односно во првата недела од великиот пост, се празнува победата на надиконоборството и сите други ереси, кои ги зафатила во првото илјадитие по раѓањето на Христа Бога и животот на црквата.

 Убеден сум дека сите што сте овде, сте постеле. Едни заради желба, други заради молба, а трети заради свое убедување. Претпоставувам дека на едните постот им бил многу тежок и тие постеле со негодување. Другите воделе упорна борба со себе, со своите страсти, со каприциозноста и угодувањето на својот стомак. Светата Православна Црква драги браќа и сестри, знае за тоа дека човекот за жал обземен од злото во светот тешко се навикнува на црковната дисциплина, па дури уште пред да ја согледа решава да ја наруши. Црквата ја има во вид и слабата и колеблива волја на некој од христијаните. Токму од овие причини враќајќи се во минатото, православието претставува вистински триумф над сите еретички учења. Но за таквиот триумф се потребни борци на вистината, борци кои зачекориле по вистинскиот пат, патот по Христа Бога. Богословски гледано прашањето помеѓу Бога и човекот е двоедно прашање. Првото го условува второто, а второто произлегува од првото. Имено, човекот е битие кое постои во односот, настанува низ односот и ја доживува целата своја полнота низ динамичниот однос. Самото постоење на човекот е факт кој треба да се разгледува суштински и егзистенционално. Во тоа барање, човекот станува свесен за својот однос и истоветност со сите космички битија, но истовремено станува свесен и за посебноста во однос на сите други битија. Таа посебност човекот ја добива преку љубовта кон Бога и љубовта која ја нуди православниот христијанин наспроти современиот свет. Таа љубов е голготска љубов. Таа љубов е саможртвена љубов. Секој православен христијанин каде и да живее, на кој народ да припаѓа, со каква професија да се занимава, претставува личен сведок и носител на оваа Христова љубов. Во првите векови Христовата наука беше подложена на страшни гонења. Цели 3 века христијаните биле колени како животни, мачени, горени, убивани и тоа само затоа што се нарекувале христијани. Во 313 година царот Константин ја признал христијанската вера за вистинска вера, зашто ја увидел евхаристиската моќ на Христовата црква. Токму онаа голготска љубов саможртвена љубов ја забележал тој и затоа ја прогласил за вистинска вера. Но Христовата црква продолжила да биде бранувана со други ереси, со други расколи, преку лажни учители, заблудени проповедници на нови учења кои го понижуваат Христа, ја извртуваат неговата наука и создаваат непријателски табори. Цели 5 века Светата црква се борела против овие лажни учења, утврдувајќи го вистинското учење, вистинскиот домострој, вистинската евхаристија и голготската љубов што секој христијанин ја поседува. И како врв на овие ереси се појавува иконоборството, секта која го одрекува почитувањето на иконите. Во православната црква древен обичај е да се почитуваат светите икони. Преку нив се изобразени значајни настани од историјата на старозаветната и новозаветната црква. Преку ликовите прикажани на иконите на верникот се остава силен впечаток, посилен и од прочитување на некоја книга, зашто иконата ги поучува и расветлува настаните од црковната историја и го насочува верникот кон доброто. Вакво насочување доживеал и регентот Маноил, на кој му била доверена управата на царскиот престол, на малолетниот Михаил Трети. Долго време размислувал, а потоа наредил да му ги донесат исфрлените икони, ги погледнал презриво и сакал да ги запали. Но, тогаш драги браќа и сестри, меѓу иконите ја здогледал сликата на својата мајка која била упокоена, ја земал и почнал да ја бакнува, да ја гушка и во истиот момент доживеал озареност во своето срце. Оваа озареност се преточила во неговата мисла:,, зошто тој ја љуби сликата на мајка си, а сака да ја изгори иконата на нашата заедничка мајка -Небесната царица. Ако не е грев да се зборува со сликата на мајка си, зошто тогаш е грев да се плаче пред нозете на милосливиот Христос“. Веднаш потоа издал наредба да се престане со гонењето против иконите и токму на денешен ден во 842 година, точно во првата недела од постот е прекинато гонењето против иконите. Како пример ќе ја споменеме и Марија Египетска. Таа го напушти порочниот живот, откако беше поразена од чистотата и непорочноста на Пресветата Богородица што ја видела во црквата.

Иконите уште, драги браќа и сестри го поттикнуваат духот на благочестивиот живот, претставуваат образ на најголемите вистини на нашата вера. А почитта што и ја оддава верникот на иконата всушност е почит на она што е изобразено на неа. Да се завртиме околу себе, и да погледнеме во нашите православни храмови. Ќе забележиме дека тие се украсени со икони и тоа икони кои се наоѓаат на иконостасот на црквата, икони кои се ставени насекаде околу нас. Нивното присуство влијае врз верникот, да биде концентриран во молитвата, да не ги разнесува мислите, да не талка по непотребните работи, туку чувствувајќи го нивниот духовен допир да го почуствува боголепието на богослужбата.

Токму во оваа недела посветена на недела на православието, на неделата на  победата и големата радост за христијаните, црквата Ви се обраќа вам со зборовите: „Бидете вистински христијани, бидете искрени Христови следбеници каков што бил Натанаил. Не отстапувајте од наредбите на православнта црква, чувајте ги како зеницата во своето око, тие се свети, тие се разумни и полезни. Да бидеме смели исповедници на христијанската вера, цврсти поддржувачи на православната црква зашто сега е погодно време, не пропуштајте го“.

Црквата како евхаристичка заедница дава задоволство на сите христијани, а особено на младите за задоволување на глатта за вистинското општење и заедничарење, токму преку несебичната и чиста љубов која претставува најдлабока тајна на животот. Таквата пак љубов не доаѓа сама од себе. Таа се здобива со труд личен и заеднички, со пост и молитва. Верата треба секојдневно да се живее и нејзините вистини да се преточуваат во секојдневната пракса. Ваквото живеење е достојно и му открива на секој човек бесконечни хоризонти и живот вечен. А тоа е голем предизвик за секој човек, а особено за младите кои се отворени за се она што е целовито, вечно и совршено. Токму православието почива на целовитост, вечност, совршенство и бесконечност. Па затоа големо е значењето за сите луѓе, за сите возрасти и за сите времиња. Победата на православието е навистина една светла точка во иднината на светот и човекот.

„Да бидеме совршени, како што е совршен нашиот Отец небесен, како што вели евангелистот Матеј, за да се удостоиме да го видиме отвореното небо и божјите ангели кои се качуваат и слегуваат кон Синот Човечки“ (Јован 1:51).

Благочестиви христијани, ние сме должни да го сочуваме единството на Православната црква од било какви ереси и расколи, да ја чуваме нашата Света Македонска Православна Црква како своите очи, да се подучуваме од претходните примери, но и да бидеме вдахновени со богомудрието на вселенските собори, кои го утврдуваат единството меѓу сите христијани, меѓу сите цркви, меѓу сите православни народи. Да бидеме вистински носители на Христовата љубов и таа да пребива во нас како би се зарадувала и небесната и земната црква постојано сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

 отец Горан  Панзов

 

 

 
< Претходно   Следно >