Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Говор на Митрополиот Агатангел за Св. Пантелејмон
Говор на Митрополиот Агатангел за Св. Пантелејмон
11.08.2011.

Говор на Митрополитот Повардарски г. Агатангел по повод празникот на Св. вмч. Пантелејмон - заштитник на градот Велес

 

Почитувани,

Исполнети сме со огромна духовна радост, што Господ Бог повторно нé удостои да се собереме околу Неговиот свет престол во соборниот храм „Св. Вмч. Пантелејмон“ во Велес. Ние, како православни Македонци, Велешани, неизмерно сме благодарни на Бога и на Неговата мудрост, што и оваа година, втора по ред, добивме одлична можност да се потсетиме, а воедно и повторно да учествуваме во чествувањето на овој празник, кој од минатата година не е само црковен, туку е и празник на градот Велес, чиј Општински совет, со официјална одлука од минатата година, го избра и назначи св. вмч. Пантелејмон за свој заштитник и молитвен закрилник.

Ние, православните христијани, во своето сеќавање посебно ги пазиме и славиме личностите кои на одреден начин ја „спровеле“ во дело Божјата промисла. Таквите луѓе ги нарекуваме свои учители и нивниот пример се обидуваме постојано да го оствариме и примениме во своите животи, бидејќи врз нивните животни дела, се темелат сите битни и значајни настани од одреден историски период на целиот народ.

Токму заради тоа и го создал возвишениот Бог времето и неговото мерење, за повторно и повторно, пак и пак, да се нурнуваме и правилно да го разбереме минатото и неговата вистинска смисла и потоа наоружани со сознанијата и искуството на нашите претци да грабиме сигурно кон иднината, но и да оставаме дел од себеси и сопственото знаење, нешто што ќе биде основна инспирација и вдахновение за идните генерации, за нашите директни потомци.

 

Драги браќа и сестри,

Искрено, од длабочината на својата душа, сметаме дека назначувањето на св. Пантелејмон за заштитник и молитвен застапник на градот Велес пред престолот на Бога е голема историска и духовна придобивка, бидејќи неговиот храм, кој закрилнички се надвива над целиот град е синоним на велешката истрајност и единство, и симбол на народниот непокор на овие македонски простори. Од не така далечната историја знаеме дека трновит бил патот, но и огромна била желбата, рештителноста и истрајноста на македонските христијани за да го изградат овој храм на благочестието и слободата, кој вековно ќе сведочи за македонскиот православен живот. Храмот, со импозантна архитектура и величина, но и ликот на св. вмч. Пантелејмон, и ден денеска ги обединува во доброто сите Македонци од градот Велес. Со ова прекрасно духовно светилиште се идентификуваат и Андреја Дамјанов и неговата градителска тајфа како градители, но и сите жители на градот Велес, како украсители и негови молитвени посетители.

Огромна е културната улога на овој храм за развојот на нашиот град. Повеќе децении храмот „Св. вмч. Пантелејмон“ бил централното место на просветата и многумина до ден денешен на ова место го наоѓаат својот духовен мир и го остваруваат својот редовен парохиски живот. Овој храм претставува скапоцен бисер и културен белег за својот македонски народ. Инаку, покрај со храмот, велешани длабоко во себе се поврзани и со празнувањето и сеќавањето на прекрасниот лик на св. вмч. Пантелејмон, кој како голем молитвеник и исцелител секогаш пред Бога бил застапник и патеводител во благочестието на сите генерации Македонци од Велешкиот регион.

Животот на св. вмч. Пантелејмон е прекрасно сведоштво и за нас современите Македонци. Неговата истрајност и голема верба во милоста и правдата Божја можат да ни послужат како добар пример во актуелните неволји и искушенија, кои ние и како држава и како Македонска православна црква, но и како Македонски народ без никаква вина ги преживуваме. На св. вмч. Пантелејмон од страна на императорот му била понудена овоземска слава и минливо богатство, но тој потпирајки се врз принципите на вистината ја претпочитал вечната слава и нетлената убавина. Тој не бил спремен Небесниот леб да го замени за земниот мир и лажното спокојство, ниту да направи „компромис“ со гревот и богохулноста, како што тоа секојдневно нам, современите Македонци ни се предложува. Угледувањето на добрите примери, неминовно ќе породи и добри дела, по примерот на добриот насад што дава добри плодови.

 

Возљубени наши духовни чеда,

На крајот, од името на Повардарската епархија на МПЦ, би сакал да изразам голема благодарност до многупочитуваниот градоначалник на Велес г. Горан Петров, до Советот на Општината, до сите политички партии, невладини организации и поединци, кои слично како и нашите претци при градењето на Соборниот храм во Велес, сплотено и еднодушно учествуваат во чествувањето на св. Пантелејмон како заштитник и молитвен закрилник на нашиот град.

Верата во Бога, надежта во Неговата неизмерна милост и  љубовта кон нашиот ближен нека ни бидат составен дел од нашето секојдневие, при тоа не заборавајќи дека силен потпорник имаме во ликот на горештиот молитвеник и смерниот подвижник - светиот великомаченик и целебник Пантелејмон, според чии молитви Господ Исус Христос, нека нé спасува и помилува во вековите кои доаѓаат.

 

За многу години... Амин!

 

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ

  †Агатангел (Станковски)

 

 
< Претходно   Следно >