Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Кон делото на Станија Узунчева - Митрополит Агатангел
Кон делото на Станија Узунчева - Митрополит Агатангел
9.02.2011.

 

Во Светото Писмо многу често ги сретнуваме изразите: „Пејте Му на Господа“, „Ќе Му пеам на Господа сè додека постојам“, „Воскликнете кон Бога со радосен глас“, „Фалете Го Господа на небесата, фалете Го во висините“, „Сè што дише нека го фали Господа“... Во Стариот Завет Мојсеј Му испеал благодарствена песна на Бога по победата над фараоновите војски (2. Мој. 15, 1-19), и една песна пред смртта (5. Мој. 32, 1-43). Светата Девора, која извесен период била судија и водач на Израилот, заедно со Варак испеале благодарствена песна кон Бога (Суд. 5 гл.). Со песна Му благодареле на Бога и трите момчиња кои на чудесен начин се избавиле од огнената печка (Даниил 3, 57-88). Во Новиот Завет евангелистот Лука сведочи за средбата на Елисавета, мајката на светиот Јован Крстител и Претеча, со Пресвета Богородица, при што заиграл младенецот во утробата на Елисавета, а Марија, пак, вдахновена од Светиот Дух испеала благодарствена песна (Лука 1, 46-55). На сличен начин Му благодарел на Бога и таткото на свети Јован Претеча, Захарија (Лука, 1, 68-79). Па и како поинаку да реагира една душа, кога ќе застане пред Бога, кога ќе ги види чудесата Божји во својот живот? Кога ќе види што сè направил и прави Господ за неа? Што друго можеме да кажеме, кога ќе се соочиме со величието Божјо, со Неговата неизмерна сила, освен: „Тебе Боже, душата моја Ти благодари...“ Токму во Светата Црква Бог устроил централна служба, центар и идентитет на Црквата да биде Благодарствената служба, т.е. Светата Евхаристија или Литургија. Преку оваа служба, принесувајќи Му на Бога дарови кои Он ни ги дал, ние најдолично Му благодариме Нему за сè, и преку учеството во Литургијата, пак, даровите, т.е. талантите кои Бог ни ги дал, добиваат вистинска смисла и вистинско назначување. Бог, на сите нас ни дал по некој талант: некому му дал талант за сликање, некому за пеење, некому за пишување, некому за разни занаети, но сите овие таланти може и треба да се разработат, да се развијат, да се охристоват, да се осветат преку Црквата, и да Му се вратат и посветат повторно на Бога. Талантот, ако не е правилно насочен, ако ни користи за гордост и суета може да биде погубен, додека, пак, ако е правилно насочен, ако се користи со смирение и скромност, и свест дека не е од нас, туку дека е даден од Бога, тогаш може да нè води кон светост. А светоста е природен копнеж на секоја душа, најнормална и најприродна состојба на постоење на секоја личност. Светителите не биле некакви чудаци во своето време, туку тие биле најголеми и најздрави личности, блиски на Бога, Негови пријатели и застапници за нас и за сиот народ. Од блискоста со Бога, и од нивниот себеодрекувачки начин на живот, љубовно посветени целосно на Бога, тие добиле светост. И затоа ние ги почитуваме, ги сакаме, ги празнуваме нивните празници, ги целиваме нивните свети и чудотворни мошти, ги следиме нивните поуки, ги бараме нивните молитви и застапништво за нас пред Бога.

И поетесата Станија Узунчева, во својата дебитантска стихозбирка, Го слави, Го фали и Му благодари на Севишниот Бог заради сите Негови добрини. Во нејзините песни за Бога, во нејзиното лирско богословење и богославење очигледен е нејзиниот восхит од Божјата светост: „Чудесен си Ти, Боже, во силата и светоста Своја!“ Чувствувајќи ја Неговата љубов, која може да го загрее и најстуденото срце, таа вели: „Со љубов неизмерна и безусловна, Боже, човекот го љубиш. Со секаков вид на храна изобилно го снабдуваш и храниш. Боже, од Твоите плодови сите созданија на земјата се заситуваат. Твоите совршени дела и чудеса никогаш не престануваат“. Во многу од нејзините песни таа се восхитува на Божјата светлина, на светоста, по која копнее постојано, но стоејќи пред Бога ја гледа својата грешност, својата недостојност, па во една песна покајнички вели: „На поклонение во Светата земја Господова тргнав, но некаква сила во душата сомнеж ми побудува. Дали се удостоив? Дали е вистинско време да се патува? Дали со каење, исповед и молитви Бог сè простува? Дали сум за подвиг вистински подготвена и достојна?“

По овие песни, следуваат песните за Пресвета Богородица, во кои ги опишува историските околности и собитија околу раѓањето и воведението на Богомајката.

Во третиот дел се опфатени песните посветени на светите архангели Михаил и Гаврил, кои поетесата посебно ги почитува и кои имаат големо значење во нејзиниот личен и семеен живот.

Во четвртиот дел се опеани житијата и делата на светите апостоли, евангелисти и дел од седумдесетте апостоли. За секого од нив зборува, почнувајќи со историски вовед, потоа фалејќи го неговиот подвиг и жртва за Христа и за Светата Црква, и истакнувајќи ги посебните карактеристики на секого од нив.

Во петтиот дел се опфатени песни за многубројни светители, кои поетесата ги избрала, и кон кои негува посебна почит и вера во нивната сила, во нивните силни молитви пред Бога. Сите песни се еден вид историско препејување на нивните житија, на нивните поуки и дела. Почнува со старозаветниот водач на Израилот и праслика Христова, светиот пророк Мојсеј, па потоа за оној, кој претставува граница помеѓу Стариот и Новиот Завет – светиот Пророк, Претеча и Крстител Христов Јован, па потоа за најпознатите и најпочитувани светители како што се: света Петка, свети Димитриј, свети Јован Златоуст, свети Николај, свети Климент и Наум и и многу други светии според црковниот календар, а завршува со песната за светиот Пајсиј Велики.

По овие, во шестиот дел, следуваат молитвите кон Бога, кон Пресвета Богородица, кон архангелите. Во нив е опеана нејзината чувствителност, восхит, благодарење, се гледа нејзината искреност, посветеност и разговор со Бога, нејзините размислувања за Бога и општо за човечкиот живот.

Песните се пишувани срдечно, на едноставен, простодушен начин, но и за да бидат сфатени, треба и читателот да има чисто срце, едноставност и простодушност. Песните се производ на верата, побожноста и добрите дела на Станија, која се труди сиот свој живот на Христа Бога да Му го предаде. Бог ì дал на Станија талант за пишување, а таа е должна да го развива, обработува и умножува. Ова е нејзино прво дело, прва стихозбирка, но нека не биде последна. Бог да ја укрепи и просветли во нејзиниот живот, да твори уште повеќе и уште подобро, по молитвите на Пресвета Богородица и на сите светии, за слава на нашиот Бог Света Троица, во вечни векови. Амин!

 
< Претходно   Следно >