23.08.2021. |
На 22.08.2021 година, вo црквата „Св. Спас“ во Гевгелија, се отслужи Света Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Повардарски г. Агатангел. На Литургијата, Митрополитот Агатангел благоволи и го ракоположи во чин свештеник, ѓаконот Милан Дојчиновиќ од Струмица. Митрополитот Агатангел најпрво им го претстави новиот свештеник на присутните верници, а потоа изрече поука до новиот свештенослужител пред Престолот Божји, ревносно и совесно да ја чува и проповеда Православната вера и верно да Му служи на Господ Исус Христос и на својот македонски род. |
|
20.08.2021. |
На големиот христијански празник, Преображението на Господ Исус Христос на планината Тавор, во црквата „Свети Атанасиј“ во Неготино, беше отслужена Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на бројно свештенство од целата епархија. На Литургијата, Митрополитот Агатангел благоволи и го ракоположи најпрво во чин ипоѓакон, а потоа во чин ѓакон, дипломираниот теолог Милан Дојчиновиќ од Струмица. На крајот на Литургијата, Митрополититот и свештенослужителите пристапија на средината од храмот, каде што извршија осветување и благословување на грозјето коешто верниците го донесоа од своите лозја и ги прекршија и благословија празничните лебови. |
|
15.08.2021. |
На денот кога светата православна црква чествува спомен на пренос на моштите на свети Климент Охридски, како и откривање и пренос на моштите на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи света Божествена Литругија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес. |
|
9.08.2021. |
На 8 и 9 август 2021 година, се чествуваше споменот на патронот и заштитникот на градот Велес, светиот великомаченик Пантелејмон. Жителите на градот Велес неговата закрила ја чувствуваат многу одамна, за што сведочи и изградбата на Соборниот храм на Повардарската епархија, посветен на овој светител, по чии молитви, градот бил спасен од страшната чума која се појавила во XIX век. Празнувањето започна со Вечерна Богослужба на која голем број верници од Велес молитвено го просеа застапништвото пред Бога од светиот вмч. Пантелејмон, нивниот закрилник. Централен настан на празнувањето, беше светата Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство од целата епархија. На Литургијата присуствуваа голем број верници од Велес, а и по нејзиното завршување, не престануваа реки од народ да се движат кон Соборниот храм за да му се поклонат на својот закрилник, светиот Пантелејмон. Кратко житие на Светиот великомаченик Пантелејмон Родум од Никомидија, од мајка христијанка и татко незнабожец. Мајка му се викаше Евула, а татко му Евсторгиј. Како момче ја изучи лекарската наука. Свештеникот Ермолај го повика кај себе, го научи на верата во Христа и го крсти. Пантелејмон чудотворно излечи еден слеп когошто другите лекари залудно го лечеле: го излечи со името на Христос и го крсти. Од завист лекарите го обвинија дека е христијанин, па Пантелејмон излезе на суд пред царот Максимијан. „Со телото застана пред земниот цар, а со умот стоеше пред Царот небесен“. Тој слободно изјави дека е христијанин и пред очите на царот излечи еден фатен човек од долгогодишна болест. Ова чудо ги привлече кон Христа многубројни незнабожци. Царот го подложи Пантелејмон на маки, но Господ му се јави на светителот неколкупати и го избави цел и неповреден. Тогаш пострада и Свети Ермолај заедно со Ермип и Ермократ. Кога беше осуден на смрт, Пантелејмон клекна на молитва. Во тој миг џелатот го мавна со меч по вратот, а мечот се скрши како да беше од восок. И џелатот не можеше да го погуби додека светителот не ја заврши својата молитва и самиот не рече да го заколат. Неговите мошти станаа исцелителни. Свети Пантелејмон беше заклан под некоја маслинка, којашто потоа целата се закити со плод. Името Пантелејмон значи „семилостив“. Семилостивиот Бог ја прими неговата праведна душа и го прослави меѓу Своите големи светители. Овој прекрасен маченик пострада чесно за Христа во својата младост, на 27 јули 304 година. Свети Пантелејмон се повикува при молитвите на водоосветување и елејоосветување (осветување на масло) заедно со Свети Ермолај и останатите бесребреници и чудотворци. Најубавиот храм посветен на овој светител се наоѓа на Света Гора. |
|
8.08.2021. |
На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на светата преподобна маченичка Параскева Римјанка (света Петка), во храмот „Св. Петка“ во Кавадарци се отслужи Света Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот, свештенослужителите и верниците се упатија во дворот на храмот, кадешто се изврши водосвет. Во предвечерјето на празникот беше отслужена вечерна богослужба ширум храмовите низ Повардарската епархија. Во Велес вечерна богослужба беше отслужена во црквата „Св. Петка“, која како и секоја година беше масовно посетена од жителите на градот Велес кои дојдоа да и се поклонат на преподобната маченичка Параскева. Св. преподобна маченичка Параскева Римјанка (света Петка) Родена е во Рим од родители христијани. Од детството научена на верата во Христа. Најусрдно ревнуваше да ги делотвори сите Божји заповеди. Со сведоштвото на нејзиниот вистински благочестив живот и вера упатуваше на патот на спасението и други. Кога ѝ умреа родителите, го раздаде имотот на сиромасите, а самата се замонаши. Како монахиња со уште поголем жар и ревност ја проповедаше верата во Христа не криејќи ја од никого, иако во тоа време римските власти крваво ја гонеа христијанската вера. Први за проповедање на забранетата вера Света Параскева ја обвинија зли Евреи. Ја изведоа на суд пред царот Антонин. Сите ласкања на царот не помогнаа ни најмалку да ја поколебаат Божјата слугинка во вистинитата вера. Тогаш ја подложија на огнени маки и ѝ ставија усвитен шлем на главата. Но Господ чудесно ја спаси и таа се избави и се оддалечи од Рим. Тргна од град во град да го обраќа тогашниот незнабожечки народ кон христијанското благочестие. Уште во два града беше изведувана пред кнезови и судии и истизавана за Господ, но притоа вршеше големи чуда со силата Божја и брзо се опоравуваше од маките. Како и секогаш, незнабожците нејзините чуда ги припишуваа на магии, а нејзиното опоравување на силата и милоста на нивните богови. Еднаш на кнезот мачител Света Параскева му рече: „Не ме исцелија твоите богови кнезу, туку мојот Христос, вистинскиот Бог“. Најпосле некој кнез Тарасиј ја уби со меч. Тоа беше славниот крај на многуплодниот живот на оваа светителка. Нејзините мошти подоцна беа пренесени во Цариград. Чесно пострада за Христа во 2 век. |
|
2.08.2021. |
На денот кога се чествува споменот на светиот пророк Илија, како и националниот празник на Република Македонија, беше отслужена света архиерејска Литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, а на која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на протоереј-ставрофор Славе Јованов, протоереј Игор пармачки, протоѓакон Васил Ристовски и ѓакон Никола Ѓорѓиевски. |
|
|