18.03.2024. |
ФОТОГАЛЕРИЈА Во Неделата на простувањето - Прочка, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на голем број свештеници од епархијата отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. На Литургијата присуствуваа голем број верници од Велес, кои молитвено побараа прошка од Бога. Во својата празнична беседа Митрополитот Агатангел не повика сите да го искористиме овој ден за да побараме прошка од своите најблиски и од сите оние на кои сме погрешиле и да се обидеме од денешниот ден, па се до Воскресението Христово да ја исполниме нашата душа со добрина, љубов, милосрдие и на тој начин да се обидеме да се соединиме со нашиот Бог, Господ Исус Христос. По Литургијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел зеде молитвено учество во Умилителната вeчерна богослужба, по чие завршување следуваше чинот на меѓусебно простување. |
|
15.03.2024. |
Маршот на фанариотите Откако беше објавен претходниот текст, во кој накратко и аргументирано ја објаснивме правата суштина на нашата автокефалност, првата помисла која ме обземаше беше дека дури сега ќе се возмутат и разбудат духовите на сите фанариоти, кои здружно договорени, како печурки по дожд, ќе пркнат на чистина со своите патетични безобразлуци и манипулации во обид да посеат магла и немир меѓу верниот и богољубив македонски православен народ, кој активно се црквува во Автокефалната Света Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Народот си ја доживува Црквата како своја духовна мајка, преку чија утроба еден ден очекува да се прероди во Царството Божјо, во Небесниот Ерусалим, Кој е вистинска татковина за секој верен христијанин. Навистина ми е жал што се оствари мојата помисла. Наеднаш, од никаде повикани, испливаа на површина збунети професори кои за големо чудо биле шокирани од реалноста, односно од ставот на анкетираните млади свештеници кои Цариград го доживувале како продолжена рака на грчката шовинистичка политика. Па кој подобро од нас свештениците го познава црковен Цариград? Сè уште ги памтиме делата на Велешкиот владика Игнатиј, кој во свое време, иако прост и неписмен, организирано ги собрал сите книги на македонски и словенски јазик и ги запалил во Согленскиот манастир. Ги памтиме и делата на Костурскиот Владика Германос Каравангелис (исто така од Цариградската патријаршија), кој бил директен учесник во убиствата на невини луѓе и во палежите на македонските села во Костурско. Памтиме како на нашите браќа и сестри во Егејска Македонија на сила од грчките попови им беа наметнувани грчки имиња при Светото крштение, а памтиме и дека денеска, во ова време, при богослужбата на еден цариградски владика во еден наш манастир, тој во својата беседа им се обрати на присутните со зборовите: „Се радувам дека конечно грчкиот народ и клирот со верниците од Охридската архиепископија имаат можност да служат заедно“. Шокантното во овие зборови е тоа што за него постои од едната страна само грчки народ, а од другата неименувана и безимена маса. Уште пошокантно е дека самите негови домаќини се потрудиле ова да го преведат како „двата народи“, во обид да го сметат ѓубрето што останало позади него. На крајот на краиштата, апсолутно сме шокирани што самите си ја забораваме и си ја понижуваме својата историја и лесно и без трошка емпатија поминуваме низ ужасниот геноцид кој брутално бил извршен врз нашите сонародници. Што, во меѓувреме, некој да не се покајал, да не си го променил случајно својот негаторски став спрема Македонците, па сега ние да најдеме какво-такво оправдување за нивните недела? Одговорот е се разбира: Не! Цариград е истиот, каков бил тогаш, таков е и денеска. Замислете, да им ја дадеме на управување македонската дијаспора. Како тие ќе постапуваат спрема овие луѓе? Колку Турци има Цариград преобратено во православие? Како ќе им дадеме доверба да ја владеат дијаспората кога дома им е слаба мисијата? Како да им ги довериме нашите македонски заедници? Тогаш многу необични прашања, ќе се појават во праксата како проблем. Еве, да речеме, му носат на грчкиот поп македонско дете за крштевка, а кумот му вика на попот: Отче, името на детето му е - Македонка! Кој тогаш ќе биде пошокиран? Родителите и кумот, или грчкиот поп кој по ниедна цена нема да ја потпише крштеницата. Така ли ќе ја пуштиме низ вода нашата дијаспора, која со децении макотрпно ја собиравме на едно место. Каде ни е сериозноста и одговорноста за тие македонски души? Ако професорот алудира на шокираност од нашиот наводен национализам, ела професоре да го видиш грчкиот! Дури тогаш, и тоа како, ќе бидеш занемен од неговиот пеколен раскош. Еден друг професор, со вмровска провиниенција, имплицитно ни праќа порака дека требало да ја следиме траекторијата на Цариград до полноправна автокефалност, без притоа да обрнуваме многу внимание на Томосот за автокефалност од СПЦ, кој треба да биде игнориран и невидлив, речиси неважен. Полноправна автокефалност не дава Цариград, професоре! Цариград е само една од еднаквите Помесни православни цркви во светот, која единствена од нив има амбиција да го владее православието. Оваа нивна пуста желба е неканонска и по ниеден основ не е втемелена врз апостолското и светоотечкото предание. Според овој професор, добро било тоа што сме го решиле спорот со Грција, така биле тргнати сите лоши вести. Е, ова нека им го каже на оние што бранејќи го името, денеска чмаат по затвори, или на оние што со пиштол на челото беа донесени во марица за на сила да го притиснат копчето во Собрание. После оваа изјава нека биде спокоен професорот, баш е подобен за министер. Искрено, негативно ме изненади неговиот лесен компромис со кобната „северномакедонштина“. Третиот, пак, професор од сдсмовска провиниенција, го поврза НАТО со Црквата. Нашето црковно име, а со тоа и нашата автокефалност, да ти било безбедносно прашање. Ова го доживеав како некој новоговор: „НАТО-вска автокефалност“, која мора да биде одобрена од централниот комитет и по стандардите на „мириљубивиот“ северноатлански сојуз. Потоа, како од ракав, почна да реди руски шпиони, некакви забрани и директиви, што дури и еден Жданов и Берија ако беа живи ќе останеа зачудени од неговиот страствен настап и отвореност. А, извинете професоре, само да прашам: Каде се американските шпиони? Колкумина од нив седеа на таа маса покрај вас? Простете на мојата иронија, но навистина не можам да сфатам во каква дистопија живеат некои луѓе, во каква психолошка состојба самите се доведени, каква ШТАЗИ логика им минува низ нивните глави!? И на крајот, последно, но незаборавено, морам да го спомнам и дежурниот адвокат на фанариотите, кој преку едно катил-писмо, полно со лични навреди, лицемерие и извртување на фактите, се обиде да парира на моите аргументи, без притоа да каже нешто конкретно и издржано за она што директно и индиректно беше прашан и повикан. Еве, ќе му повторам уште еднаш: ќе покаже ли лична чест и доблест, па да ги врати наградите кои му ја создадоа и обликуваа кариерата додека клеветеше и ширеше лаги за нашиот Архиепископ? Ќе се извини ли, ќе побара ли прошка од нашиот добар Поглавар, која сум сигурен дека ќе му биде дадена како татко што ја дава на синот? Каде е канонот, врз чија основа Цариградскиот патријарх е самодржец во православието? На него и на неговите манипулации ќе морам најповеќе да се задржам. На паметен и искрен човек е доволно да му се каже еднаш, но еве, јас не губам надеж дека ќе ја заработам неговата разумност. Евангелски е да се оттргне братот од заблудата и да се врати на правиот пат. Се надевам дека правилно ќе ме разбере и дека нема во него да се покренат, под влијание на гордоста и суетата, страшни чемери, јадови и пискотници. Не ми е целта да го провоцирам, но кон него ќе бидам брутално искрен. Мотивот за ова мое повторно обраќање е мирот и спокојот на мојот возљубен македонски народ. Сепак се работи за вистината, а кога е она во прашање, тука нема никави оправдани компромиси. |
Повеќе...
|
|
12.03.2024. |
Омаловажувањето на автокефалноста на Македонската православна црква - Охридска архиепископија Томосот за автокефалност на Македонската православна црква - Охридска архиепископја, на многумина во оваа држава им ги расипа плановите. Разумната братска постапка на Архиереите од Српската православна црква и на Неговата Светост, Патријархот г. г. Порфириј, им дојде некако неочекувано и изненадно, како гром од ведро небо. Невообичаено им беше два балкански православни народи да ја напуштат конфронтацијата и политичките притисоци и да се согласат да живеат во мир и со почит едни покрај други, како браќа и добронамерни соседи. Тоа како да не им беше предвидено во нивните „длабоки“ анализи и „непогрешливи“ планови и пресметки. Наеднаш, без никаква претходна најава, им пропадна целиот долгогодишен труд и напор. Откако изчезна сета пизма и конфронтација, која честопати е вообичаена за нашето поднебје, им се срушија основите на нивните пеколни и лицемерни намери во однос на конечното решавање на македонското национално и црковно прашање, кое за нас Македонците според нив треба и мора да биде губитничко. Ете, МПЦ - ОА доби целосна автокефалност, без никакви услови и пазарења, без никакви притисоци, отстапки и скриени затезни камати кои треба да дојдат на наплата во поблиска или подалечна иднина. Македонскиот народ, по долги години на негирања и понижувања, најпосле оствари една важна победа во борбата за зачувување на својот идентитет и на својата славна духовна историја. Сето тоа го остваривме со сопствени сили, со долгогодишна самопрегорна работа на нивата Господова, со цврста волја и огромно молитвено трпение на македонскиот народ и свештенство. |
Повеќе...
|
|
11.03.2024. |
ФОТОГАЛЕРИЈА На празникот на кој Светата православна црква го чествува споменот на Светиот новомаченик Агатангел Битолски, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски, кој го носи името на овој маченик, отслужи Божествена архиерејска Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес во сослужение на бројно свештенство од Повардарската епархија. Со празнично слово и именденска честитка од името на целиот клир и целото паство на Повардарската епархија се произнесе протоереј Русе Жекоски, кој му посака на Митрополитот Агатангел како и досега, успешно да долголетсвува на почвата Господова, и уште долги години да биде пример за ревносно извршување на Словото Божјо и ревносната љубов кон својот македонски народ. По завршувањето на Литургијата беше осветен и прекршен славскиот колач и беше послужена трпеза на љубовта. На многаја лета, владико свет!
|
|
4.03.2024. |
ФОТОГАЛЕРИЈА Во Неделата на блудниот син, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи света Божествена Литургија во црквата „Св. Атанасиј“ во Богданци. |
|
27.02.2024. |
Возљубени, Во овој подготвителен период пред Великиот Пост, со голема радост сакаме да Ве информираме дека го збогативме книжниот фонд на издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ со четири реизданија на книги, кои нашата читателска публика подолг временски период ги бараше. Станува збор за книгите „Старец Јосиф Исихаст“, „Мојот живот со старец Јосих Исихаст“, „Свети Нектариј Егински“ и „Давидов Псалтир“. Знаеме дека ова е радосна вест за многумина од Вас, а сите ние, кои под духовно водство на нашиот Митрополит Агатангел, како главен двигател на нашата издавачка дејност, работиме во оваа духовно-просветна дејност, во оваа прилика сакаме да ја изразиме својата благодарност до Вас и својата радост што нашиот македонски народ е Богољубив и е жеден за духовните поуки кои произлегуваат од житијата, подвизите и беседите на светиите и преподобните Божји угодници, кои ги подготвуваме на нашиот мајчин македонски јазик, во нашите книги. Издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е формирана во 2007 година, по иницијатива на нашиот Митрополит Повардарски г. Агатангел. Таа, до денес, ги оствари и потполно ги надмина замислите и очекувањата кои на самиот почеток ги имавме. Обедини многу луѓе во една благородна и просветна мисија, дел кои активно работат во нејзиниот состав, а најголемиот дел сте сите Вие, кои ги збогативте Вашите домашни библиотеки со нашите изданија во изминативе години, а со тоа ги поставивте темелите на Вашата домашна црква која ќе Ви биде голема помош за да го насочите Вашиот и животите на Вашите најмили во вистинскиот правец, кон светлината на Царството Небесно и кон Господ Исус Христос. Новите изданија, како и досега, можете да ги порачате на телефонскиот број 043/221-231; на нашата е-пошта:
Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете
; како и на нашата ФБ страница. Цената на новите книги изнесува: „Старец Јосиф Исихаст“ 400 денари; „Мојот живот со старец Јосих Исихаст“ 400 денари; „Свети Нектариј Егински“ 400 денари; „Давидов Псалтир“ 350 денари. |
|
|