Ново издание од Повардарската епархија |
19.11.2010. | |
Библиотеката при хуманитарно-мисионерската дејност „Ѓаконија“ од пред некој ден е побогата за уште едно издание. Имено, излезе од печат книгата „Бог препеан во Библијата и во житијата на Светиите“, кое е авторско дело на аџика Станија Узунчева. Станува збор за поезија, за која авторката црпела инспирација од Бог и Светиите, ревносно почитувајќи ги и испонувајќи ги евангелските начела низ целиот свој живот.
ПРЕДГОВОР
Не е лесно да се зборува за Бога, и не може секој да зборува за Него. Потребен е долг и длабок подвижнички живот, очистување на срцето и умот, и зближување со Бога, за да можеме да го почувствуваме како наш Близок, Пријател и Родител. Бог не се крие од нас, туку ние, заради нашите од грев помрачени очи, не можеме да Го видиме. Затоа само Боговидците можат најавтентично да зборуваат за Него, но не како нешто прочитано од книга, туку од лично искуство, од личниот однос со Него, од разговорот со Него. Да се пишува, пак, во стихови за Бога, за Пресветата Негова и наша Мајка, за светителите, не е нешто ново, туку тоа е вековно востановена традиција во светата Православна Црква. Богослужбите кои ги пееме секојдневно се во стихови, напишани токму од такви Боговидци. Исто така едно можеби од најпознатите богословски дела во стихови се токму „Химните“ на свети Симеон Новиот Богослов, кој со својот просветлен ум толку јасно говорел за Бога, како да Го гледал пред себе, од неговиот личносен однос и заедница со Него. Во поново време познати се стихозбирката на светиот Николај Охридски и Жички „Молитви крај езерото“, стихозбирката на светиот новопрославен Симеон Дајбабски, и немногу познатата, но не и помалку вредна стихозбирка на светиот епископ Гаврил Велички Светогорец „33 Песни за Ерусалим“. Книгата која ја имате пред вас, стихозбирката на побожната поетеса Станија Узунчева, како нејзина прва творба, е скромен обид да се зборува за Бога, да се велича Бог, да се слави и фали Неговото име заради сите Негови доброчинства. Во неа се опфатени песни за Бога, за Пресвета Богородица, за светите архангели, за апостолите, за светителите, и неколку молитви. Напишани се на многу едноставен начин, лесни за сфаќање и воспримање, разбирливи за секого. Преку нив лесно можеме да ги запамтиме житијата на светителите, овде опеани, коешто впрочем, е и нејзината цел за издавање на оваа книга. Наменета е за сите, особено за оние кои сакаат да знаат повеќе за нашата света Православна вера. Инспирација добила од нејзиниот богоцентричен духовен живот, од нејзините молитви, од поклоничките патувања во Светата Земја, но и на светите места низ нашата Македонија. Читајќи ги овие стихови, добивате впечаток дека читате житија на светителите. Затоа, топло им ја препорачувам на сите православни христијани, за поука, изградување и напредок во духовниот живот. Бог да ја благослови поетесата Станија за нејзиното богоугодно дело, но и да ги уможи нејзините идни дела, не за нејзина слава, како што и самата поетеса вели, туку за слава на Едниот Светотроичен Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Митрополит Повардарски † Агатангел
|
< Претходно | Следно > |
---|