Илинденско послание |
2.08.2010. | |
ПО МИЛОСТА БОЖЈА, Возљубени празникољупци, Човекољубивиот Бог секогаш е со својот верен народ. Така било некогаш со избраниот еврејски народ, а така е и сега, во денешни дни, со богољубивите луѓе. Во Стариот завет, кога еврејскиот народ се оддалечувал од Бога, Бог му испраќал праведници, патријарси и пророци, да го опоменат и да го вратат кон вистинската вера. Божјите пратеници ја одржувале будна народната свест и народниот дух, го потсетувале народот на неговата потреба од постојана близина со Бога. Еден од најголемите старозаветни праведници бил светиот пророк Илија. Тој бил ревнител Божји и боговидец, поради што се удостоил и да разговара со Бога на гората Хорив (III Цар. 19, 9-14), а бил присутен, заедно со Мојсеј, и на Христовото преображение (Матеј 17, 3). Затоа, Бог го удостоил и да не умре со природна смрт, туку жив да биде однесен на небо (II Мак. 2, 58). Инаку, свети Илија живеел во времето кога со израилскиот народ владеел царот Ахав, за кого се знае дека со сопругата Језавела му служеле на лажниот бог Ваал, а кон идолопоклонство го навеле и народот. Царот Ахав го правел она што не доликува пред Бога, па затоа Бог го испратил пророкот Илија, за да ја разобличи неговата постапка и да го врати на вистинското богопочитување. Но, дури и големите чуда што пророкот Илија ги правел во Божјо име пред царот и царицата, не вродиле со плод, напротив, тие повторно паднале во нов грев. Имено, близу царевиот двор се наоѓало едно мало лозје на еден сиромав човек по име Навутеј. Царот се загледал во тоа лозје и посакал да го купи, но Навутеј му одговори: Да ме чува Господ да ти го дадам наследството од татковците свои (ИИИ Царства 21, 3). Царот се вратил нерасположен во домот свој, а неговата жена, за да му угоди, се послужила со лукавство, па пронашла лажни сведоци, кои изјавиле дека Навутеј хулел на Бога и на царот. Потоа го извеле сиромавиот Навутеј пред судот и го осудиле, па го изнеле надвор од градот и, каменувајќи го, го убиле. Откако ја извршиле казната, царот го добил лозјето, но гревот и неправдата што ги направил пред Бога не останале скриени. Господ го испратил пророкот Илија да го пресретне царот Ахав и да му ја каже казната Божја за неправдата што ја извршил. Возљубени чеда во Господа Зошто во животот посилните забораваат на послабите и поголемите на помалите? Зошто таквите мислат дека и Бог ги заборава малите и нејаките? А, како што е во животот на луѓето, така е низ човековата историја. Затоа и времето кога живеел свети Илија е многу слично на нашето македонско време. И животот на страдалникот Навутеј, честопати бил живот и патешествие на македонскиот народ. Скоро секој период од нашата историја поминувал низ маки, страдања, распнувања и разни голготи. И во сите такви премрежија, нашиот народ имал единствена надеж и закрила во силниот и премилостив Бог. Христијанската вера и Христовата љубов се длабоко вкоренети во личниот и семејниот живот на Македонецот. Затоа тој, иако честопати поробен, секогаш бил духовно непобеден и слободен, за да продолжи понатаму во нова борба за подобра иднина. Тој, исто како и библискиот Навутеј, за какво и да било друго богатство не се одрекувал од наследството на татковците свои, без разлика под чие ропство и насилство се наоѓал. Возљубени потомци на славните илинденци, Македонскиот народ, од сите народи на Балканот, најдолго водел борба за слобода. Во нашата историја забележани се многубројни неуспешни буни и востанија, но тоа не го обесхрабрувало Македонецот, туку напротив, ја засилувало неговата желба за слобода. Едно од тие востанија е Илинденското, кое се разгорело ноќта, наспроти 2 август 1903-та година. Во него се слеани сите македонски надежи за ослободување и сите стремежи за национална и црковна слобода. Оттаму, Илинден е симбол на нашиот непокор и копнеж за слобода. За жал, востанието било задушено, но борбата за слобода продолжила. Така, дочекавме и втор Илинден, во 1944 година, за времето на НОБ, дочекавме и трет, 1991 година, прогласувајќи независна и суверена македонска држава. Благочестиви чеда на нашата Света Црква, Илинден, со Божја промисла, стана еден од нашите најголеми и најзначајни празници. Тој е ден кога треба да се радуваме, тоа е време кога треба да заедничариме, тоа е настан што бара да бидеме сложни и едномислени. Да веруваме дека, со Божја помош, доаѓаат благопријатни времиња за нас, како народ, држава и Црква, зашто услишани се молитвите на многуте македонски светители и слободата е платена со жртвите на нашите претци. Бог му даде на Македонецот, како и на сите други народи, да има своја земја во која самостојно ќе живее и ќе твори, и своја помесна Црква во која ќе се спасува. Затоа, во овие историски мигови, да го исползуваме нашето вековно искуство, па мудро, со Божја помош и со едномислие, да донесуваме одлуки за нашата иднина. Слободата, нам, на Македонците, никогаш не ни била подарена, за неа сме морале да се бориме, да дадеме жртви за да ја извојуваме. Така и во овие времиња со најразлични искушенија, треба да бидеме будни, со храброст и мудрост да си ги браниме и чуваме светоста на Црквата и името на Татковината. Само како слободен народ ќе можеме духовно, културно и економски повеќе да напредуваме. Тоа ќе можеме да го оствариме, пред сè, потпирајќи се на своите сопствени заеднички сили и надевајќи се на правдата Божја. Возљубени во Господа, Македонската православна црква и оваа година го празнува Илинден заедно со својот народ, како што заедно ги поднесувала и ги поднесува сите тешкотии и страдања. И денес, преку црковно-народните одбележувања, нашата Света Црква ги зајакнува духовните и патриотски чувства меѓу својот народ, повикувајќи ги на единство сите Македонци во Татковината и расеаните по светот, да бидеме заедно, како во овие илинденски чествувања, така и во сите денови од нашиот живот. Во оваа година, како Црква и како народ, одбележуваме и 1100 години од блаженото упокојување на свети Наум, охридскиот чудотворец. Ова е уште една прилика да Му заблагодариме на Бога за големиот дар, за небоземниот горостас и заштитник свети Наум и за неговото дело. Ретки се народите и Црквите што можат да се пофалат со повеќевековна историја и со такви духовни големини, со такви подвижници и чудотворци, каков што е нашиот просветител и закрилник – свети Наум. Секогаш и во секое време да Му благодариме на Бога за сите дарови со кои нè обдарил, зашто „без Бога не можеме ништо да направиме” (Јован 15, 5). Да се молиме на Господ да ни подари цврстина во верата, како на светиот пророк Илија, на нашиот свети Наум и на сите светии. Со ревноста на пророкот и молитвеноста на охридскиот чудотворец, да се бориме против злото и да ја браниме вистината, но и смело, слободољубиво и братољубиво да чекориме по патеките трасирани од нашите великани и херои за духовна и национална слобода. Да си спомнеме и за славниот Самоил, и бестрашниот Карпош, и за сите предилинденци, илинденци и поилинденци, и да се молиме за покој на нивните души, Господ Бог да им дарува Царство Небесно. Честитајќи ви го празникот и годишнината, ви испраќаме архипастирски благослов, со молитва пред семоќниот Бог за радосен и богоугоден живот, исполнет со празничен дух, проникнат со силата на верата Христова. Да го прославиме Илинден, тој свет ден и црковно-национален празник, и овде во Татковината и до каде што нè има по светот. Да се собираме околу Црквата наша, за да се потсетуваме на сè што е свето и македонско. Да ги вкусиме плодовите од големата милост Божја, по молитвите на свети Илија, свети Наум и на сите свети богоугодници. Да се радуваме и прославуваме со нив, за да биде прославено името Божјо и да биде нашата радост вечна, сега, секогаш и во вечни векови, амин.
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ † С Т Е Ф А Н
ЧЛЕНОВИ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД:
На Илинден, 2010 Лето Господово
|
< Претходно | Следно > |
---|