09.07./26.06. |
8.07.2010. | |
Преп. Давид – Родум од Солун. Прво се подвизувал близу до Солун во една колиба направена под бадемово дрво. Подоцна го продолжил својот подвиг во Тесалија. Толку се исчистил со пост, молитва и бдеење, што се удостоил да прими голема благодат од Бога. Еднаш зел жар во раката, ставил темјан и го покадил царот без никакви повреди на раката. Видувајќи го тоа, царот му се поклонил доземи. Со многубројни чуда им помагал на луѓето. Мирно се упокоил и се преселил во блажената вечност во 540 година. Празник на иконата Тихвинска – Оваа икона на св. Богородица најпрво била во Цариград, но на 70 години пред падот на Цариград, во 1383 година, таа ненадејно се појавила во воздухот близу до градот Тихвин во Северна Русија. Каде што се спуштила на земјата, била построена црква и манастир. А според градот Тихвин е наречена „Тихвинска“. Безбројни чуда се случиле од оваа чудотворна икона, особено многу болни од неа добиле исцелување. Празник на иконата Одигитрија – Оваа икона на дрво ја изработил самиот евангелист Лука. Иконата ја видела и самата Пресвета Богородица и ја благословила. Таа икона св. Лука му ја подарил на државникот Теофил, за кого ги пишувал Делата на светите апостоли. Од Антиохија иконата подоцна е пренесена во Ерусалим, а од Ерусалим ја зела царицата Евдокија и ја испратила во Цариград на дар на царевата ќерка, на побожната Пулхерија. Пулхерија ја положила во влахернската црква, во својата сопствена задолжнина. Еднаш Пресвета Богородица им се јавила на двајца слепи и ги довела во црквата во Влахерна, пред својата икона, и тука на двајцата им го повратила видот. Поради тоа, таа икона ја нарекле „Одигитрија“ – „Патеводителка“. Кога војските на персискиот цар Хозрој и скитскиот Каган нападнале на Цариград, патријархот Сергеј ја изнесол оваа икона на градските бедеми и ја носел по бедемот. И Пресвета Богородица тогаш ги спасила христијаните од нехристијаните. Непријателските војски се збуниле, морето се разбранило, лаѓите потонале, непријателите кои останале живи се дале во бегство. Оттогаш е востановен споменот на ова чудо од Пресвета Богородица во саботата на петтата недела од Чесниот Пост со читање на Акатистот. Во времето на иконоборството оваа икона била пренесена во манастирот „Пантократор“ и таму заѕидана во ѕид и било поставено кандило пред неа да гори. Како што била заѕидана, така била и најдена. Празник на Богородичната икона „Лидска“ или „Римјанка“ – Иконата „Лидска“ на Богомајката, патријархот Герман, заточеник на верата, му ја испратил на папата во Цариград кога Исток пострадал за иконите. Иконата тргнала по површината на водата, побрза од бродовите по морето што пловат, полесна од водата и од сафирот, по површината плови, а водата не ја допира. Иконата во Рим останала многу време, години многу, сè додека царевите иконоборци од борбата со Христа не се умориле. А кога мирот златен Истокот го позлатил, иконата „Лидска“ дома се вратила, полесна од водата и од сафирот, по површината плови, водата не ја допира. Две престолнини, две маченички силата на Богородица ја познале, силата пречудна на Лидската икона што мртвите ги подига и болните ги лекува. Р А С У Д У В А Њ Е За христијанинот покајанието непрестајно е неопходно до последната воздишка. „Разгледај и ќе видиш, говори св. Марко Подвижник, дека тајната на благочестието кај Божјите угодници се остварила преку покајанието“. Покајание и на смртниот час! Се случило ова: еден стар и познат испосник и духовник умирал и го повикал свештеникот да го причести. По патот, на свештеникот му се придружил некој разбојник и посакал и самиот да види како умира светиот човек. Светиот старец мирно примил причест и мирно разговарал со свештеникот. Тогаш разбојникот се расплакал и рекол: „Блазе на тебе! Ах со каква ли смрт јас ќе се удостојам?“ Светиот старец (погоден одеднаш) му одговорил: „Биди и ти како јас, Па и на тебе ќе ти биде како на мене!“ Разбојникот се вратил, по патот плачејќи и лелекајќи самиот на себе, па паднал и умрел. Тогаш луѓето виделе некој јуродив каде што плаче над светиот старец и игра и пее над разбојникот: „Со гордоста оној ги изгуби сите заслуги, а со покојанието овој ги собра сите плодови!“ |
Следно > |
---|