Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 06.07./23.06.
06.07./23.06.
6.07.2010.
Sample Image

Св. мч. Агрипина – Света Агрипина била родена и воспитана во Рим. Од самото детство се вежбала да живее евангелски, отфрлувајќи ја од себе смрдеата на страстите и налевајќи го срцето свое со благоухание на девствената чистота, со девственост и целомудрие. Била свршена за Христа Господа и како невеста Христова пострадала за времето на царот Валеријан. Претрпела тепање со стапови сè додека коските не ѝ ги ослабеле. Ангел Божји ѝ се јавил и ја поткрепувал. При новите маки, го предала својот дух на Бога. Нејзините другарки: Васа, Пауна и Агатоника ги пренесле нејзините мошти на островот Сицилија и таму чесно ги погребале. Тука подоцна е подигната црква во име на св. Агрипина. Од нејзините мошти се случувале безбројни чуда. Со силата на нејзините мошти дури и Агарјаните биле вратени од градот каде што моштите почивале. Се упокоила и се овенчала со слава во 275 година.

Св. мч-ци Евстохиј, Гај и други со нив – Евстохиј бил идолски маѓесник во времето на царот Максимијан, па видувајќи го јунаштвото на христијанските маченици, го отфрлил незнабожтвото и се крстил. Го крстил самиот антиохиски епископ Евдоксиј. После тоа, Евстохиј постепено ги превел своите роднини кон христијанството. Неговиот роднина Гај се крстил заедно со трите деца: Пров, Лолиј и Урбан. Сите овие, и уште други со нив, биле изведени пред суд, мачени и обезглавени заради верата во Христа Господа во Листра. Нивните души се преселиле во бесмртното царство Христово.

Спомен на иконата на Пресвета Богородица-Владимирска – Кога татарскиот цар Ахмед ја опколил Москва, кнезот Јован Василевич отишол со војската да го брани градот. Иако војската на кнезот била помалубројна и послаба од татарската војска, сепак таа испаднала победоносна, бидејќи одеднаш Татарите ги обзел неопишлив страв, па се збркале и се разбегале. Овој неочекуван успех сите ѝ го препишувале на иконата на Пресвета Богородица, пред која народот се молел за избавување од Татарите. Поради тоа во Русија е одреден 23 јуни за спомен на ова чудо.

Кажување за покајанието на Теофил – Овој, од завист кон епископот, си ја предал душата на ѓаволот и писмено се одрекол од Христа и Богородица. И потоа Теофил горко се покајал, го исплакал опростувањето од Светат Пречиста после четириесетдневен пост и молитва со солзи, ја примил назад напишаната хартија што му ја дал на ѓаволот, и јавно го исповедал својот грев во црквата пред епископот и народот. И кога епископот му изрекол разрешување и го причестил, на Теофил лицето му заблескало како сонце. Еве пример како милостивиот Бог не само што им ги опростува гревовите на вистинските покајници, туку и во светителите ги вбројува.

 

 

 

 

Р А С У Д У В А Њ Е

Незлобно трпение – тоа е христијанско трпение, а трпението со немоќна злоба не се разликува многу од одмаздата. Нашите големи светители се во секоја евангелска добродетел, но колку се големи и величествени во незлобното трпение! Можеби тие ни се чинат во таа добродетел најголеми затоа што ние сме во неа најмали. Кога пустинските отци еднаш се насобрале околу Јована Колов да слушнат поука, некој завидливец дофрлил: „Твојот сад, Јоване, е полн со отров!“ На ова незлобниот Јован веднаш му вратил: „Тоа ти го рече, гледајќи ја само надворешноста, а што би рекол тогаш кога би ја видел внатрешноста?“ А кога св. Кипријан, еп. Картагински, го извеле на исечување, тој наредил по неговата смрт на џелатот да му дадат 25 златници.

 
< Претходно   Следно >