Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 02.07./19.06.
02.07./19.06.
2.07.2010.
Sample Image

Св. ап. Јуда – Еден од дванаесетмината. Син на Јосифа и Саломија (не Саломија Витлеемска, ами друга), а брат на Јаков, братот Господов. Со Салома, ќерката на Ангеј, синот на Варахин Захариин, Јосиф дрводелецот имал четири сина: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда. Овој Јуда понекогаш се нарекувал Јуда Јаковов, по попознатиот од себе брат Јаков. Своето послание св. Јуда го почнал вака: „Од Јуда, слугата на Исуса Христа, а брат на Јакова“. Иако и он можел да се нарече брат Господов, тој тоа не го правел од смирение и срам, оти од почетокот тој не Му верувал на Христа Господа; и кога старецот Јосиф пред смртта сакал и на Исуса да му даде дел од имотот како и на останатите свои деца, на тоа сите се спротивставиле, па и Јуда, само Јаков доброволно одделил дел од својот дел и го наменил за Исуса. Јуда уште се нарекува Левиј и Тадеј. Има уште еден Тадеј, или Јуда, бил еден од големите апостоли. Го проповедал Евангелието по Јудеја, Самарија, Галилеја, Идумеја, Сирија, Арабија, Месопотамија и Ерменија. Во Едеса, во градот на Авгар, ја дополнил проповедта на оној другиот Тадеј. Кога проповедал во пределите околу Арабија, бил фатен од незнабожци, распнат на крст и со стрели убиен за вечно да царува во царството Христово.

Преп. Пајсиј Велики – Египќанец е по раѓање и по јазик. По едно видение во сон, мајка му го ветила на Бога на служба. Како момче дошол кај преп. Памво и овој го примил за ученик и соученик на преп. Јован Колов, кој и го опишал житието на Пајсиј. На радост на својот духовен отец, Пајсиј вложувал труд врз труд и подвиг врз подвиг. Повеќепати му се јавувал пророкот Еремија, кого тој особено го сакал и почесто го читал; почесто му се јавувале ангели Божји, а и Самиот Господ Христос. „Мир на тебе возљубен угоднику мој!“ – му рекол Господ Христос. По големата благодат од Бога, Пајсиј имал особен дар на воздржување од јадење. Често не вхусувал леб по 15 дена, уште почесто по една седмица, а еднаш, по сведоштвото на св. Јован Колов, 70 дена проживеал не вкусувајќи ништо. Имал голема борба со духовите на злобата, кои му се јавувале понекогаш онакв какви и што се, а понекогаш и во вид на свети ангели. Но, благодатниот слуга Божји не се давал никогаш да се измами и прелаже. Бил проѕирлив и чудотворец познат по целиот Египет. Се преселил во вечноста во 400 година. Исидор Пелусиот ги пренесол неговите мошти во својот манастир и чесно ги погребал.

Св. мч. Зосим – Бил римски војник во времето на царот Трајан. Храбро ја исповедал својата вера во Христа Господа, поради што претрпел тешки маки. Насреде маките слушнал глас од небото: „Биди мажествен, Зосиме, и крсти се, Јас сум со тебе!“ Ангели Божји му се јавувале во самицата. После многуте мачења, со секира бил обезглавен во 116 година.

Преп. Јован Отшелник – Се подвизувал во VI век близу до Ерусалим. Со подвигот достигнал висок степен на чистота и сила така што ѕверовите му се покорувале. Во длабока старост се упокоил во Господа во 586 година.

 

Р А С У Д У В А Њ Е

Младите монаси го запрашале еднаш Пајсиј Велики: „Кажи ни, оче, збор за спасението и како треба да живееме по Бога?“ А старецот им одговорил: „Одете и исполнувајте ги заповедите Божји и чувајте го преданието на отците“. Преданието на отците е искуство на светителите во духовната област, огромно искуство од близу две илјади години, искуство на многу стотини и илјади свети мажи и жени. Колку пребогато стовариште на мудрост! Каков непрегледен куп од докази за секоја вистина на Светото Писмо! И сето тоа богатство, сета таа мудрост, сите тие докази, сето тоа искуство протестантите го отфрлиле! О неискажано безумие! О просјачка сиромаштија!

 
< Претходно   Следно >