30.06./17.06. |
30.06.2010. | |
Св. мч-ци Мануил, Савел и Исмаил – Браќа, Персијци, од татко незнабожец и мајка христијанка. Воспитани во духот на христијанството и крстени. И како христијани биле високи службеници кај царот Аламундар. Биле испратени кај царит Јулијан Отстапник да водат преговори и да утврдат мир меѓу Персијското царство и Грчко-римското. Царот отстапник на идолите на Халкидон им приредил некаква сквернавена прослава. На таа прослава царот со своите големци им принесувал жртви на идолите. Персиските пратеници отсуствувале од таа прослава. Царот ги повикал и им наредил и тие да земат учество во прославата и да им принесат жртви на боговите. Тогаш тие изјавиле дека се странски поданици, дека се дојдени како пратеници на персискиот цар заради воспоставување мир помеѓу двете царства, а не поради нешто друго; дека се христијани и дека го сметаат за недостојно тоа да им се поклонуваат на мртвите идоли и да им принесуваат жртви. Царот се разјарил и ги фрлил во темница. Утредента повторно ги извел и почнал со нив да се препира за верата, но светите браќа биле неодоливи и непоколибливи. Тогаш голи ги заврзале за едно дрво, ги удирале и ги стружеле со железни четки. За сето време на мачењето тие се молеле на Бога со благодарност за маките: „О сладок Исусе, овие маки ни се слатки поради љубовта Твоја!“ Ангел Божји им се јавил, ги утешил и им ја одзел секоја болка. Спротивно на сите меѓународни односи, опакиот цар Јулијан најпосле изрекол пресуда, овие тројца браќа со меч да се пресечат. Кога им ги пресекле главите, настанале големи земјотреси, земјата се расцепила и ги примила телата на светите маченици во себе за незнабожците да не ги изгорат по наредба на царот. Телата на мачениците потоа земјата ги исфрлила христијаните да ѓи најдат и чесно да ги погребаат. Над нивните мошти се случиле многу чуда, кои кога ги виделе многу незнабожци се обратиле во верата христијанска. Разбирајќи како Јулијан нечовечки ги предал на смрт неговите делегати, персискиот цар ја подготвил војската против него. Јулијан, пак, тргнал во освојување на Персиското царство уверен во својата победа. Но бил победен до последниот човек и самиот загинал со срам, на радост и смеа на целиот свет. Преп. Пиор – Нитријски отшелник. Загреан со љубовта кон Бога, Пиор рано се одрекол од светот и се оддалечил во египетската пустина, каде што мажествено се подвизувал. За него велат дека никогаш не седнувал на трпеза да јаде, туку секогаш јадел стоејќи и работејќи. Кога го прашале зошто прави така, св. Пиор одговорил: „Не сакам да се занимавам со јадењето како со работа туку како со нешто споредно“. Кога го повикале во советот за да се суди некој брат, кој нешто згрешил, тој дошол носејќи на грбот една вреќа песок, а на градите едно мало ќесе со песок. Запрашан, што му значи тоа, светителот одговорил: „Вреќата со песок на грбот тоа се моите гревови, кои што јас не ги гледам, а ќесата со песок тоа се гревовите на мојот брат, што треба јас да ги судам“. Тогаш сите браќа се посрамиле и извикале: „Тоа е патот на спасението!“ Живеел 100 години и се упокоил во Господа во VI век.
Р А С У Д У В А Њ Е Христовите противници секогаш постигнувале обратен резултат во своите напори против Христа. Наместо да ја застанат раката на христијанството, тие ја расширувале, продлабочувале и ја правеле побујна. Наместо да ја исушат, тие предизвикувале, така де се рече, потоп од неа по целиот свет. Каде што паднал еден маченик, таму се создавала чета од христијани; каде што бил нанесен срам, никнувала слава, каде што се рекло: тука е крајот на христијанството, овде бил почеток на побујна сеидба. И покрај сите обѕири и меѓународни обичаи, Јулијан Отстапник ги убил персиските пратеници за мир: Мануил, Савел и Исмаил заради својот налудничав фанатизам. Што постигнал со тоа Јулијан? Го умножил бројот на христијаните, го зголемил бројот на светите маченици и го забрзал својот крај и крајот на паганизмот. Посредно и не сакајќи, Отстапникот помогнал во раширувањето и продлабочувањето на христијанството. И тоа не само со своето опако гонење, туку и со несебичните изјави. Во расправијата со христијаните тој изјавил: „Христос не направил ништо во својот живот што би заслужувало слава, освен ако тоа не се смета за големо дело што ги лекувал хромите и слепите и што изгонувал демони!“ О каков бедник. Како отварањето на очите на еден единствен слепец со силниот збор не е поголемо дело од покорување на десет царства! Но драгоцено е тоа што тој како најголем предавник на Христа по Јуда ги признал чудата Христови. |
< Претходно | Следно > |
---|