23.06./10.06. |
23.06.2010. | |
Свешт-мч. Тимотеј еп. Бруски – Заради големата чистота на душата Бог му дал дар на чудотворство, та им ги лекувал сите болести и рани на луѓето. Во времето на опакиот цар Јулијан, кој се одрекол од Христа, свети Тимотеј бил фрлен во темница. Верниците го посетувале и во темницата за да слушнат мудра поука од својот архипастир. Дознавајќи за тоа, Јулијан наредил, та џелатот му ја пресекол главата во темницата, во 362 година. Неговата душа отишла во Рајот, а моштите останале чудотворни за да им помагаат на луѓето и да ја јавуваат силата Божја. Св. мч-ци Александар и Антонина – Двајцата биле од Александрија, Антонина чесна девица а Александар царски војник. Двајцата биле христијани. Прво Антонина била изведена на суд и на мачење. Па кога неа ја фрлиле во темница, Александар, по наредба на ангел Божји, отишол во темницата (иако дотогаш ѝ бил непознат на Антонина), ја покрил со својот војнички плашт, ѝ рекол да ја наведне главата и да оди низ стражарите пред вратата. Така девицата избегала, а војникот останал во темницата. Тогаш го извеле Александар пред судијата и почнале да го измачуваат поради името Христово. Разбирајќи за ова, Антонина самата му се пријавила на судијата, кој и двајцата почнал да ги става на разни маки. Им ги исекол рацете, потоа ги тепал по голо тело, а раните им ги горел со свеќи и најпосле ги фрлил во оган што бил наложен во една дупка и ги закопал со земја. Чесно пострадале заради љубовта Христова и се преселиле во дворовите на Царот небесен на 3 мај 313 година. Злобниот судија, Фист, во часот на смртта на маченикот, постанал нем и го спопаднал духот на бесот, кој го измачувал 7 дена и најпосле го умртвил. Св. Васијан еп. Лавдикиски – Роден е во Сиракуза како незнабожец од незнабожни, угледни и гогати родители. Воспитан со филозофија во Рим. По своја топла желба бил крстен од некој благочестив старец Гордијан. Тоа ги навредило неговите родители и за да го избегне нивниот гнев, по заповед на св. Јован Богослов, кој му се јавил, отишол во Равена и му се јавил на епископот Ѕрс, својот роднина. По упатството на епископот, Васијан се настанил кај црквата посветена на св. Аполинариј, надвор од градот и тука долго се подвизувал со труд, пост и молитва. Кога умрел епископот во градот Лавдикија во Лигурија, Васијан бил избран за епископ, според некое откровение во сон, иако тој тоа не го сакал. Бил поставен за архиереј од Амвросиј Милански и Урс Равенски. Имал голема благодат на исцелување, можел и мртви да воскреснува. Бил присутен на последните мигови на св. Амвросиј и чул од устата на овој како Го гледа Господа, Исус Христос. Поживеал во труд и подвиг во длабока старост и во 90-та година од својот живот завршил и се преселил во Царството Божјо околу 409 година. Неговите свети мошти останале чудотворни да сведочат за силата Божја и величината на Божјиот светител.
Р А С У Д У В А Њ Е Не е сеедно да го јадеш својот оброк со благослов и да го јадеш без благослов. Секој оброк е Божја трпеза што Бог ја поставил за нас. Затоа треба на Бога, како на домаќин, да му се заблагодари и да се проси Неговиот благослов. Благословеното јадење е послатко и позаситно, додека неблагословеното е и невкусно и незаситно – тоа не е здраво. Еднаш царот Теодосиј Помладиот излегол на прошетка во околината на Цариград, па здогледувајќи ја колибата на некој монах подвлегол во неа. Старецот го запрашал царот дали сака да јаде? „Сакам“, одговорил царот. Старецот изнел пред царот леб, масло, сол и вода. Царот јадел и пиел, паа го прашал монахот: „Знаеш ли ти кој сум јас?“ „Бог те знае!“ – одговорил монахот. „Јас сум царот Теодосиј“. Монахот, молчејќи, му се поклонил на царот. Царот му рекол: „Јас сум цар и од цар сум роден, но верувај ми, никогаш во животот не сум јадел толку вкусно како денес кај тебе“. „А знаеш ли заради што?“ – рекол старецот. „Заради тоа што, продолжил тој, ние монасите, секогаш со молитва и со благослов ја подготвуваме храната, оттука и лошата храна кај нас се претвора во вкусна; кај вас, пак, подготвуваат храна со многу труд, но благослов не бараат (од Бога) и затоа и вкусната храна не е вкусна“. Б Е С Е Д А за тоа како грешникот го снаоѓа она од што се плаши Безбожникот се плаши од смртта што брзо доаѓа, крадецот се плаши од разбивачите, убиецот се плаши од мечот, горделивиот се плаши од срамот, отимачот се плаши од глад, лакомиот се плаши од болест, клеветникот се плаши од судот на вистината. Она од што се плаши нечестивиот, тоа и ќе го снајде. Праведникот сака чиста совест, вистински мисли, мир, милосрдие, љубов, вистина, правда, кроткост. И тоа Бог му го дава додека е овде на земјата. Праведникот сака Царство Божјо, сака Рај, сака друштво од ангели и светители, сака гледање на лицето Божјо со бесмртниот живот. И Бог сето тоа му го дава тогаш кога ќе го повика кај Себе. Колку е праведен Господ кон нечестивите и колку е преблаг кон праведните! Она од ѓто нечестивиот се плаши, тоа Господ му го допушта, а она од што праведникот се плаши, тоа Господ го отклонува од него. Од што се плаши праведникот? Само од гревот. И бОг го отклонува гревот од праведникот и ги управува неговете нозе по патот на добродетелите, и Бог го чува праведникот од лоши духови, од сејачите на гревот и со Својата благодат го полева посевот на добродетели во неговото срце. О Господи, Кој сè гледаш, сочувај нè од нечестиви патишта, од нечестива печалба и од страв на нечестивиот! Помогни му на нашето колебливо срце да се утврди во желбата само за она што ти е Тебе угодно. Бидејќи она што Ти е Тебе угодно тоа на крајот ќе победи и ќе царува, а сето останато ќе биде предадено на скапување и заборав. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|