Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 22.06./09.06.
22.06./09.06.
21.06.2010.
Sample Image

Св. Кирил архиеп. Александриски – Од благородно потекло е и близок роднина на Теофил Александриски, по чија смрт бил поставен за патријарх. За време на својот живот води три лути борби: со еретиците новацијани, со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија. Новацијаните настанале во Рим и така биле наречени со презвитерот Новациј, ересоначалникот. Тие се гордееле со својата добродетел, шетале облечени во бела облека, забранувале втор брак и држеле дека не треба да се молиме за оние кои ќе направат смртен грев, ниту да ги примаме назад во црквата оние кои  еднаш ќе отпаднат од Црквата, па макар тие горко да се каат. Кирил нив ги победил и ги истерал од Александрија заедно со нивниот епископ. Со Евреите борбата била многу потешка и покрвава. Евреите се осилиле во Александрија уште од почетокот, откако Александар Велики го основал тој град. Нивната омраза кон христијаните била бесна и свирепа. Тие ги убивале христијаните подмолно, ги труеле, на крст ги распнувале. По долгата и тешка борба, Кирил успеал кај царот Теодосиј Помладиот да се протераат Евреите од Александрија. Неговата борба, пак, против Несториј, патријархот Цариградски, ја решил Третиот вселенски собор во Ефес. На тој Собор претседавал самиот Кирил, застапувајќи го во исто време и римскиот папа Целестин, по молба на овој, кој поради староста не можел да дојде на Соборот. Несториј бил осуден, анатемисан и од царот прогонет на источната страна на царството, каде и умрел со ужасна смрт (црви му го изеле јазикот, со кој ѝ хулел на Пресвета Богородица, нарекувајќи ја христородица). По завршената борба, Кирил во мир проживеал и ревносно го пасел стадото Христово. Се претставил на Господа во 444 година. За него се зборува дека ја составил „Богородице Дево радувај се!“

Св. Кирил Белоезерски – Роден и воспитан во Москва во куќа на големци. Пострижен во манастирот на Цимон каде што се подвизувал на восхит на сите останати монаси. За да ја скрие својата добродетел, се правел јуродив (налудничав). Разговарал лично со св. Сергеј Радонежски и од него примил многу поучни поуки. Не по своја волја, бил избран за игумен на тој манастир. Но тој постојано се молел на Пресвета Богородица да му го покаже патот каде во безмолвие би се подвизувал. Една ноќ видел голема светлина и чул глас: „Кириле, излези од тука и оди на Бело Езеро!“ И тој навистина излегол од Симоновиот манастир со еден другар, отишол во белоезерските предели и таму, во густа борова шума, почнал да се подвизува. По време таа пустина се претворила во голема обител. Преп. Кирил добил од Бога голем дар на чудотворство, та болни исцелувал и многу други чуда правел. Се претставил во 1429 година, во 90-та година од својот живот, и се преселил кон Господа, Кого цел век Го љубел со огнена љубов.

Р А С У Д У В А Њ Е

Ние грешиме, ако сметаме дека ни е должност да ги мразиме оние кои ги мразат нашите роднини. Таа омраза преминува во нас како некоја семејна болест. Усвојувајќи ја љубовта на своите роднини, ние ја усвојуваме и нивната омраза. На таа слабост понекогаш потклекнувале и некои големи духовници. Патријархот Теофил никако не го сакал св. Јована Златоуст и до смртта останал негов огорчен противник. Свети Кирил, негов роднина и наследник на престолот александриски, ја примил таа омраза против Златоустиот светител и долго ја носел во себе. Залудно го советувал св. Исидор Пелусиот да го промени своето мислење за Златоуст и да го запише во диптихот на светите: Кирил не можел да ја промени својата лоша волја. Тогаш Пресвета Богородица, за чија слава и чест толку се борел св. Кирил против Несториј, му се јавила на Кирил во една визија со мноштви ангели и со Јован Златоуст во голема слава. И Светата Пречиста го замолила Златоуста да му опрости на Кирила, и тие се прегрнале и целивале еден другиот. Таа визија потполно го променила чувството на Кирила кон Златоуст и Кирил со срам се каел што онака неразумно го мразел дотогаш. Затоа сè до смртта правел сè за да го прослави што повеќе Златоуста како голем Божји светител.

Б Е С Е Д А

за оние кои ја љубат смртта

Така говори Господ, Создателот на небото и на Земјата, преку Својот пророк. Кој ја мрази Божјата Мудрост, Го мрази Бога, акој Го мрази Бога, што има друго освен смрт? Не е ли смрт сè што е вон Бога? Сонцето и ѕвездите, морињата и планините, животните и билките, што е тоа освен мртва прашина, вообличена и оживеана со Божја сила, со збор Божји, со Мудрост Божја? Кој не Го љуби Бога, тој не само што не Го сака Бога, туку тој не сака ништо што е од Бога, т.е. ни убавината на ѕвездите, ни поредокот на морињата и планините, ни животната сила што е во животните и во билките. Кој не Го љуби Бога, тој Го иззема и Го оддалечува Бога од природата. Што останува тогаш? Само смртта, обезличена, темна прашина, само смртта. Но и таа прашина е создадена од Бога. И таа прашина богомразецот мора да Му ја даде на Бога и она што надминува тоа да го љуби. А што надминува? Само она што не се додирнува до Бога, т.е. смртта, гревот и ѓаволот. Кој не Го љуби Бога, тој, всушност, ја љуби смртта, гревот и ѓаволот. Секој богомразец е играчка на ѓаволот, плод на гревот и залог на смртта.

Ако Те мразиме Тебе, о Господи на љубовта, немаме кого, ниту што да сакаме. Бидејќи и она што го сакаме на Земјата, заради Тебе го сакаме; и способноста да сакаме е од Тебе. Безумен е оној кој ги сака зраците, а го мрази сонцето и оној кој ги сака капките вода, а го мрази изворот.

Вдахни нè со животворна љубов кон Тебе, Сељубен Господи наш. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >