21.06./08.06 |
21.06.2010. | |
Св. Ефрем патријарх Антиохиски – Во времето на византискиот цар Анастасиј, Ефрем бил војвода на источните страни. Им бил познат на сите поради својата голема побожност и милосрдие и поради тоа бил многу почитуван. Кога требало да се обнови Антиохија, разурната од земјотрес и оган, царот го одредил Ефрема војводата да раководи со таа работа. Ефрем ја исполнувал својата должност со прилежност и љубов. Меѓу обичните работници бил и некој епископ, кој од непознати причини го оставил епископството и работел како обичен работник и никој не знаел дека тој човек е епископ. Еден ден тој човек прилегнал да се одмори од тешката работа со останатите работници и заспал. А војводата Ефрем, погледнувајќи, видел огнен столб како се издига од тој човек, па сè до небесата. Зачуден и вџашен, Ефрем потоа го повикал тој човек и го заколнал да му каже кој е тој. Човекот долго се притеснувал, но најпосле признал дека е епископ и му прорекол на Ефрема дека наскоро ќе биде посветен за патријарх Антиохиски (местото на патријархот било изпразнето зашто во земјотресот загинал стариот патријарх Енфрасиј). И навистина во тие денови Ефрем бил избран и посветен за патријарх. Поради неговата добрина, чистотата и ревноста за христијанството, му се дало од Бога голем дар на чудотворство. Еднаш, за да го убеди еден еретик дека христијанството е вистинито, го ставил во оган својот омофор, а тој се молел на Бога. И омофорот стоел во огнот три часа и останал неоштетен. Видувајќи го ова, еретикот го фатило ужас и ја отфрлил ереста. Свети Ефрем умрел во мир, во 546 година, и се преселил во Царството Божјо. Преп. Зосим Финикиски – Овој светител бил роден во селото Синди, во околината на градот Тир. Се подвизувал во близина на градот Тир во својот манастир. Немајќи никаква дамка на својата совест, проѕирал со својот дух во далечина и знаел што се случува во светот. Така го прозрел и го видел падот на Антиохија од земјотрес, и горко плачејќи се прострел по земјата и Го молел Бога да не го уништи до крај тој град. Еднаш се случило, на патот, лав да му го нападне и да му го изеде магарето. Светителот му наредил на лавот наместо магарето да му служи и да го понесе товарот. Лавот се покажал пред светителот кроток како јагне, го примил бремето на себе и го донесол до вратата на градот Кесарија, каде што Зосим го ослободил и го отпуштил. Свети Зосим се упокоил мирно во VI столетие. Св. вмч. Теодор Стратилат – Овој светител се празнува 8 февруари и неговото житие е таму напишано. На 8 јуни, пак, се празнува преносот на неговите мошти од Ираклија во Евхаит. Така му заветил св. Теодор, при страдањето, на својот слуга Вар: „Телото мое, рекол, положи го во Евхаит на имотот на моите предци“. Свети Атанасиј Синајски го запишал ова чудо од иконата на св. Теодор: во местото Карсат во близина на Дамаск, една група Сарацени со жените и децата се населила во таа цраква. На ѕидот имало фреска со ликот на св. Теодор Стратилат. Еден Сарацен пуштил стрела и го удрил ликот на светителот по лицето. Одеднаш крп потекла од ликот. Наскоро потоа целата таа група Сарацени изумрела тука во црквата. Свети Атанасиј вели дека тој лично бил во таа црква, го видел ликот на светителот на ѕидот и трагите од истечената крв. Р А С У Д У В А Њ Е Страв во страдањето и страв од нестрадање. Тоа е еден ист страв и тој ја означува плашливоста на човекот дали не се оддалечил Бог од него. Кога света Катерина претрпела многу тешки маки, ѝ се јавил Господ и таа Го прашала: „Каде беше досега, Господи, да ме утешиш во толку страдања?“ А Господ ѝ одговорил: „Јас бев дете, во твоето срце“. Но не помал страв може да наиде на духовниот човек кога долго време на него наидуваат страдања. Влегол некој инок во некоја црква во Александрија и видел како некоја жена коленичи пред Спасителовата икона и со плач вика кон Господа: „Си ме оставил, Господи, помилуј ме, Милостив!“ По молитвата, инокот ја прашал жената: „Кој те навредил што толку горко Му се жалиш на Господа?“ Жената одговорила: „Досега никој не ме навредил; и токму затоа јас и плачам, бидејќи Бог ме оставил и за три години не ме посетил со никакво страдање. За тоа време ниту јас сум боледувала, ниту мојот син, ниту пак нешто од домашните животни ми пропаднало„. Б Е С Е Д А за Царот на царевите Царот да не помислува дека со својата сила и мудрост царува, бидејќи ќе биде понижен од бессилните и безумните. Владетелот да не помислува според својот ум и волја ја поставува правдата помеѓу луѓето да помислува смешна безумност и за децата. Кнезовите, поглаварите и судиите да не помислат да владеат според нечија волја и милост, освен по Божја волја и милост, бидејќи до смрт ќе паднат низ последицата по која се лизгаат сите оние што Го забораваат Бога. „Ги сакам сите оние кои мене ме сакаат“, говори Господ. Тоа Господ им го кажува на прво место на царевите, кнезовите и човечките судии. Бидејќи, ако тие го љубљт Господа, тие му се мили многу на Господа. Ако тие Го љубат Господа и народите ќе Го љубат над кои тие владеат и судат. А ако народите Го љубат Господа, ќе ги љубат и своите цареви, кнезови и судии. Доколку еден човек е воздигнат со власт и чест над луѓето, дотолку треба да е поблиску до Бога од луѓето над кои тој е воздигнат. О браќа мои, Господ се распнал за нас на крстот и со тоа ја покажал Својата љубов кон нас. Оној Кој се распнал за нас, навистина повеќе нè љуби од оној кој само се весели со нас на трпезата. Па кога ги љубиме толку многу своите пријатели околу трпезата, како да не Го љубиме Оној Кој од љубов кон нас се распнал на крстот? О Господи благословен, отвори ни го духовниот вид за да ја видиме целата неизмерна длабочина на Твојата љубов и ние да ја разгориме нашата љубов кон Тебе! На Тебе слава и вечна пофалба. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|