Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Успение на Пресвета Богородица
29.08.2007.

  

Sample Image

 

    Величенствено, возвишено, христијански....

    Ниту најубавите зборови, ниту суперлативите не можат да ја прераскажат вчерашната Божествена атмосфера, која ја обзема секоја христијанска душа на жителите на Велес. Чествувањето на Успението на Мајката Богородица, во Велес само ја надополни целата прекрасна атмосфера која беше присутна на секое парче македонска земја. Вториот Велигден, за нас православните христијани, како што милостиво Митрополитот Агатангел го нарече вчерашниот ден, беше вистинска можност за демонстрација на она што вистински тлее во нашите души, а тоа е несогорливиот и силен христијански дух, тоа е потребата од Господ Бог, тоа е потребата од нашата Света македонска црква, тоа е потребата од нашето заедничарење....

 

Sample Image

 

    Одлуката на македонската влада за прогласување на денот на Успението на Пресвета Богородица за неработен се покажа како вистински оправдан потег, затоа што македонскиот народ, како што му доликува на еден древен народ од една библиска земја, во целост го искористи овој ден за молитвено поклонение кон Мајката Божја.

 

 

Sample Image Sample Image

 

 



  

 

 

 


 

 

    Чествувањето во Велес, како и во многу градови во Македонија започна со Вечерна Богослужба во православниот храм, посветен на Успението на Пресвета Богородица. Со Вечерната Богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, а во сослужение на свештенството од велешкото архиерејско намесништво. На Вечерната Богослужба, на која на поклонение кон Мајката Божја дојдоа стотици жители на Велес, беше отслужен и акатистот на Пресветата Владичица Богородица.
 

 

Sample Image

 

     На самиот ден на чествувањето на Успението на  Благословената Дева Марија, Митрополитот Агатангел во сослужение на свештенството отслужи Света архиерејска литургија. На почетокот на Литургијата, Митрополитот Повардарски благоволи и го потстрижа свршениот богослов, чедото Божјо Васил Ристовски, во чин чтец.

 Sample Image  Sample Image

   

 

 

 

 

 

 

   

    Милостивите и ангелски звуци на црковниот хор „Св. Вмч. Пантелејмон” од Велес, причестувањето со Светите Христови Тајни, илјадниците христијански души, кои смирено го чекаа својот ред во недогледната колона  луѓе пред православниот храм, за да и се поклонат на Мајката Божја и да ја помолат за да ги застапува нивните души пред престолот на Спасителот, беа Божествените моменти кои вистински не воведоа во осмиот ден, кои не доближија до Седржителот и во целост ни ја покажаа вистинската димензија на Светата Литургија, како единствен и непобитен извор на нашата духовност и на нашето спасение.   

    Во своето празнично Слово, во беседата изречена пред бројните верници, Митрополитот Агатангел ни ја претстави славата на Мајката Божја, нејзината неизмерна љубов и величие. Тој упати порака, Благословената Дева Марија да ни служи како огледало, како жива икона на библиски христијанин, да се моделираме самите по примерот на благословената Дева Марија, зашто таа е онаа која највозвишено слуша. На Благовештението таа слушаше со покорност и му одговори на ангелот, „Нека ми биде според зборовите твои” (Лк. 1:38). Таа не би можела да го прими Словото Божјо во нејзиното тело, ако прво не го слушнала Словото Божјо во нејзиното срце. Кога пастирите го видоа и се восхитуваа на новородениот Христос, „Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое” (Лк.2:19). Истата потреба од послушност е нагласена и во последните зборови, посветени на Мајката Божја во Светото Писмо, на венчавката во Кана Галилејска: „Се што ќе ви рече, направете!” (Јн. 2:5) им рече таа на слугите и на сите нас.

 Sample Image Sample Image

      

 

 

 

 

 

 

   

   

   

    На крајот од својата беседа, Митрополитот Повардарски г. Агатангел ги помоли сите присутни верници да ја сакаат и да ја почитуваат својата мајка и својот татко, исто како што би сакале и нивните чеда секогаш да ги сакаат и да ги почитуваат нив и ги помоли сите кои имаат било какви недоразбирања со своите родители, да отидат на овој ден, да ги посетат, да побараат прошка и да ги надминат сите недоразбирања.

     Светата Божествена Литургија во Велес ја проследи и министерот за правда, г-нот Михајло Маневски, велешките пратеници во законодавниот дом на Република Македонија, како и градоначалникот на Велес, г-нот Аце Коцевски, кој редовно ги посетува богослужбите.  

 

Sample Image

 

       На крајот од Литиргијата верниците се причестија со Светите Христови Тајни.

 

Sample Image

 

    Чествувањето на Успението на Мајката Божја во Велес помина во вистинска православна христијанска атмосфера, токму онака како што ни доликува, но останува впечатокот дека ова би требало да ни послужи како пример како треба да ги чествуваме сите моменти од црковниот живот, како треба да се однесуваме внатре во црквата за да бидеме подобни на Бога, за да биде нашата христијанска и македонска заедница силна и вечно одржлива.


 

 Sample Image Sample Image  

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Sample ImageSample Image

 

 

 
< Претходно   Следно >