Слово до матурантите при Македонската богословија |
18.06.2010. | |
Обраќање на класниот раководител, проф. Момчило Павловиќ до 42 генерација богослови при МПБ „Св. Климент Охридски“ Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, почитуван пратенику на САС, драги гости, колеги и матуранти. Почитувани учесници на ова свечено промовирање на XLII-та генерација на матуранти во МПБ, Свети Климент Охридски, не можеме, а да не го споредиме овој момент со она очекување од блажениот апостол Павле, за еден нов настан во човековото живеење. Овој момент на нашите матуранти, кој ние сите повозрасните, овдека присутни, сме го доживеале, некој порано некој подоцна од својот живот, сега еве и тие како многу генерациии го дочекаа денот, за кој се надеваа од самиот почеток на нивното пристигнување во оваа институција, пред пет години. Но, како што вели апостолот, гледаа нејасно како во огледало..., така и нивниот крај не беше јасен во нивните мисли и во нивните очи, но ете благодарение на Божјата милост и на нивниот труд, сега веќе крајот од нивниот животен почеток го доживуваат како, мажи кои го оставиле детинското зад себе и подготвени се да се соочат со сé она што го носи не само секојдневниот живот, туку и она повозвишеното од секоја земна грижа, да се работи на нивата Господова и да се носи Христовиот крст во овој свет.
Да се биде работник на нивата Господова никогаш не било лесно и едноставно, ниту во времето на апостолите ниту пак денеска, затоа што повикот од Христа да се следи Неговото дело е бескомпромисен: Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене.Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува (Мт 10,37-39). Но, овој повик од Христа кон нас не значи дека е тоа отуѓување од нашите најблиски по плот, туку тоа претставува повик за надминување на самиот себе, односно повик да бидеме слични на Него преку исполнувањето на Неговите заповеди, а пак за вистинското исполнување на Неговите заповеди ќе следи и награда: Кој ве прима вас, Ме прима Мене; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда; и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда (Мт 10, 40-41). Говорејќи за крајот на оваа генерација не може да се зборува за истата, а да не се направи една ретроспектива на нивното доаѓање, престојување и работење во оваа институција. Оваа генерација пристигна во учебната 2005/2006 година. На почетокот од нивното школување започнаа 15, а подоцна еден од нив го напушти школувањето. За време на нивното образување беше многу евидентно нивното не само телесно, туку и духовно и образовно растење, а тоа го гледаме и од постигнатите успеси во текот на нивното школување, нивниот општ успех се движеше околу 4,25 во овие пет години, односно од ова може да заклучиме дека ова генарација во многу нешто приличи на Парабола за посеаното семе, за кое Христос вели: Зашто земјата (т.е. човекот)сама од себе донесува плод, најнапред трева, па клас, а потоа и полно зрно во класот (Мк 4,28), всушност ова е полнота на една генерација со која ние во овој момент искрено се радуваме и искрено ја споделуваме нивната заслужена зрелост. Почитувани матуранти, за нас вработените во Богословијата голема беше радоста кога пристигнавте овдека пред пет години, а сега е уште поголема кога го гледаме плодот од нашето заедничко работење со вас, т.е. радосни сме дека нашиот труд не бил залуден. За време на вашето наобразување се трудевме сите ние несебично да ви го пренесеме нашето знаење и искуство, онолку колку што нам Бог ни дал, па така воспитувањето во Богословијата и Црквата е секогаш според дарот кој доаѓа од Бога, или како вели апостол Павле: Јас посадив, Аполос поли, но Бог направи да израсте. Затоа, ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сé е Бог, Кој прави да израсте (1Кор 3,6-7), па затоа во иднина, сеќавајте се на овие зборови дека секој ваш успех треба да го препишете најпрвин на Бога, а пота на себе. Денес, веќе по долго исчекување се соочивте со вистината дека она за што се надевавте пет години веќе е реалност, а од утре ќе постане минато. Таа вистина неоспорно ја заслуживте, но тоа не значи дека вашите животни предизвици завршуваат со овој ден, напротив тие од денес, па во текот на целиот ваш живот ќе се намножуваат, и тогаш најпрвин вие, а подоцна и сите останати луѓе околу вас ќе можат да препознаат со каква љубов сте ја изучувале науката која ви е предавана во ова училиште. Но, не заборавајте дека секој човек во својот живот има духовни падови и духовно возобновување, па затоа кај вистинскиот богослов никогаш не треба да се појави очајот во неговиот живот, затоа што секој оној кој го повикува името Божјо, со вера, со надеж и со љубов, Бог ќе го чуе и ќе му помогне. А дека ова е така најдобро ни сведочат библиските настани како што се: средбата со Јаир, средбата со Стотникот, средбата со жената Хананејка, средбата со Закхеј на Христа и други, а дека е неизмерна љубовта Божја кон човекот кога кај него ќе се роди вистинското покајание, најдобри ни се примерите искажани во параболите Христови: За загубениот син, За жената грешница, а најсилен пример од многуте кои ги имаме во Светото Писмо ни е примерот на разбојникот од десната страна од Христовиот крст. Да се биде работник на нивата Господова не е едноставна и лесна работа, туку е голема дар Божји, но воедно и голема одговорност, за што говорат и Христовите зборови: Вистина ви велам: сé што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сé што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото (Мт 18,18). Овој дар од Христа ни дава голема власт, но во исто време и голема одговорност, особено кога е во прашање грижата на луѓето од Црквата за спасене на остатокот од светот. За тоа сите ние треба најодговорно и најсериозно да ги исполнуваме овие зборови, затоа што ни се поверени душите од обичните луѓе и било какво изневерување, манипулирање или злоупотребување на оваа власт ќе ни биде за осуда, а не за награда. А сега, браќа, ве предавам на Бога и на словото на Неговата благодат; Он може да ве унапреди подобро и да ви даде наследство меѓу сите осветени (Дела 20,32). Па затоа од денес, па во понатмошниот ваш живот трудете се достоинствено да одговорите на заповедите Христови и Пазете се за да не го изгубите она, за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда (2 Јн 1,8). Нека ви е честит овој успех и ви посакувам секое добро од Бога во животот. Амин. Слово на матурски ручек од матурантите - 42 генерација Овде научивме да љубиме, да другаруваме, да се жртвуваме, да плачеме со расплаканите и да се радуваме со радосните. Ја видовме вистинската светлина, го примивме Духот небесен. Ја најдовме верата вистинска, на Неразделната Троица и се поклонуваме, зашто таа не спаси нас.Научивме Која е вистинската Светлина, Која никогаш не заоѓа – Троичниот Бог: Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Нема да ги заборавиме и светиите, по чии молитви се спасуваме. Читајќи ги житијата, од нивниот пример научивме како да бидеме силни во верата, да се бориме за неа од еретиците и да ја чуваме Црквата од разни напасти. Ваше Блаженство, со длабока метанија ја изразуваме нашата благодарност за Вашите молитви архипастирски. Како што Вие и Вашите браќа архиереи сте столбовите на Црквата наша Македонска, така ќе ја изразиме нашата благодарност кон Вас за сè што имате направено, така што ќе бидеме последователи на Светиклиментовото слово. Со науката која овде ја примивме полесно ќе се справуваме со искушенијата и бремето на нашата паства. Нашиот отец, Неговото Високопреосвештенство г. Агатангел со многу жртви, поттикнати од неговата родителска љубов придонесе за непречено образување на нашата вера и за тоа ќе му бидеме секогаш благодарни. Го поздравуваме и Наставничкиот совет при оваа духовно научна институција и кон нив искажуваме ГОЛЕМА благодараност за науката која ни ја предадоа. Нашата благодарност ја искажуваме кон нашиот класен раководител, проф. Момчило Павловиќ, како и до пратеникот, Неговото високопреподобие г. Нектариј. Но нашето дело не завршува овде. Ветуваме дека со нашите сили ќе се надоградуваме во спасоностаната наука и ќе се покажеме достојни служители пред престолот Христов, каде достојно ќе ги подигнеме Светите дарови и ќе благодариме од од сите и за сè! Благодарејќи Му на Бога за сè што ни дал да Му се обратиме со оваа молитва: Боже, направи да бидеме едно семејство што живее во едно срце, со една љубов, како еден човек, по предвечната Твоја промисла за првородениот Адам! и никогаш да не заборавиме дека нашиот брат е нашиот живот! |
< Претходно | Следно > |
---|