16.06./03.06. |
16.06.2010. | |
Св. мч. Лукилијан и други со него: Клавдиј, Ипатиј, Павле, Дионисиј и девицата Паула – Остарен како незнабожец и идолски жрец, Лукилијан, како старец со бела коса, ја познал христијанската вистина и се крстил. Неговото обратување во христијанството предизвикало големо возбудување помеѓу незнабожците во Никомидија и тој бил биен и сиот испретепан фрлен во темница. Во темницата затекол четири момчиња: Клавдиј, Ипатиј, Павле и Дионисиј, затворени заради верата во Христа. Старецот им се израдувал на момчињата, како и момчињата на старецот и сите заедно го поминувале времето во побожни разговори, молитви и псалмопеење. Кога ги извеле од темницата, ги мачеле со разни измачувања и најпосле ги испратиле во Византија, каде момчињата со меч биле исечени од војник, а Лукилијан на крста бил распнат од Евреите. Злобните Евреи целото тело му го избоделе со клинци. Една девица, Паула, јавно го зела телото на маченикот и чесно го погребала. За тоа била обвинета и по измачувањата била исечена, примајќи два венца: венец на девство и венец на мачеништво. Нивното мачеништво се случило за време на царот Аврелијан, помеѓу 270 и 275 година. Свешт-мч. Лукијан – Римјанин, бележит по благородно потекло, богатството и ученоста. Некое време бил ученик на апостол Петар. Подоцна папата Климент го испратил заедно со Дионисиј Аеропагит во Галија за проповед на Евангелието, ракоположувајќи претходно за епископ. Со голема ревност Лукијан ја сеел науката Христова, најпрво низ Галија, а потоа и низ Белгија. Кога злобниот цар Дометијан започнал со гонење на христијаните, од Рим биле испратени назначени луѓе во галија да ги побараат и да ги заробат христијанските мисионери. Тие прво го заробиле и го убиле свети Дионисиј, а потоа тргнале во потера по Лукијан. Наоѓајќи го во Белгија, заедно со неговите помошници: презвитерот Максијан и ѓаконот Јулијан, тие на едно место ги убиле овие двајца, а на друго место Лукијана. Кога Лукијан бил исечен, неговото мртво тело се кренало од земјата, ја зело својата глава од рацете (слично на свети Дионисиј и свети Јован Владимир) и така отишло на она место на кое што сакало да биде погребан. Таму паднал и таму бил погребан. Над неговите мошти подоцна била изградена црква. Св. мч. Димитриј руски принц – Подмолно бил убиен од властољубивиот Борис Годунов во осмата година од својот живот во 1591 во градот Углич. По смртта, му се јавил на некој монах и прорекол дека ќе се јави лажен Димитриј, кој на убиецот Борис годунов ќе му предизвика смрт, што подоцна и се случило. Безбројни чуда се случувале на гробот на убиениот принц. Неговите мошти по петнаесет години биле откриени цели и нетлени, и биле пренесени свечено во Москва, и положени во црквата „Св. Архангел Михаил“. Р А С У Д У В А Њ Е О кога би можеле да навлеземе во тајната на Божјата Промисла во човечкиот живот! Со страв и трепет би се исполниле пред секое лошо дело и пред секој човечки грев. „Ги научив твоите дела , Господи, и се згренав!“ Во некои поголеми случаи, тајната на Божјата промисла им е јасна и на помалку духовни луѓе, како, на пример, во судбината на принцот Димитриј и крвничкиот властољубец Борис Годунов. За да дојде на прво место помеѓу владеачите на дворецот на царот Теодор, Годунов отрул повеќе големци. Кога станал прв до царот, намислил да го отруе и братот на царот, осугодишниот Димитриј. Преку најмени луѓе тој неколку пати му давал најтежок отров на малиот принц, но тој не се труел. Промислата попучтила злосторникот да ја умртви својата жртва но не тајно и нечујно, туку јавно. Годунов ги испратил убијците кои јавно на сред бел ден го заклале принцот. Така, Димитриј постанал јавен маченик, а Годунов јавен злосторник за цела Русија. Потоа се кренал некој Димитриј и се прогласил за принц (како божем да е тој вистинскиот принц Димитриј, а дека некој друг бил заклан) и тргнал со војската против Годунов. Го победил Годунова и го довел до таква состојба што морал самиот на себе си да си приготви отров и да се отруе. Оној кој ги труел другите, самиот себе си се отрул! Оној кој го убил невиниот принц Димитриј, бил поразен од човек со име Димитриј! Кој има духовни очи да види, нека ја види тајната на Божјата промисла! Б Е С Е Д А за мирот на неразумните и среќата на глупавите Зарем мирот убива? Да, безбожниот мир убива. Зарем среќата може да погуби? Да, среќата без Бога и спроти законот Божји, може да погуби. Неразумни се тие кои бараат таков мир, а глупави се тие кои трчаат по таква среќа, бидејќи, всушност, не бараат мир, туку меч, и не трчаат по среќа, туку по пропаст. Што е тоа мир на неразумните? И што е тоа среќа на глупавите? Мир на неразумните е телесниот мир, а среќа на глупавите е телесното уживање. Таков мир скал царот Ирод, па црвите го изеле; таква среќа сакала Езавела, па кучињата ја изеле. Како би го нарекле оној човек кој решил да ѕида куќа и прво мисли како ќе го направи кровот во воздухот, а потоа ќе ги ѕида ѕидовите и ќе ги поставува темелите на куќата? Неразумен и глупав! Такви се и сите оние кои пробаат кои пробаат да создадат надворешен мир во светот без внатрешен мир, и да создадат надворешна среќа на луѓето без внатрешна среќа. Христијанската вера е единствена што ѕида сè од темел, а темелот е Христос, тврда и неразрушлова карпа. Така и мирот и среќата на луѓето, христијанската вера ги заснова на Христа. На Христа Господа се заснова и внатрешниот, благиот и радосниот мир, а на овој мир се заснова и надворешниот мир. Исто така е и со вистинската и трајната среќа. Уште подобро е да се рече дека вистинскиот мир и вистинската среќа се како надворешни украси на куќата. Ако пропаднат украсите, куќата пак ќе пчостои, но ако се разурне куќата, зарем украсите ќе стојат во воздухот. О браќа мои, христијанската наука е единствена разумна наука за мирот и среќата. Сè друго е неразумно и глупаво. Инаку, како би можеле слугите да ѕидаат дворец на имотот на својот господар без негово одобрување и бе негова помош? О Господи, извору на вечниот и вистинскиот мир и вистинската среќа, спаси нè од мирот на неразумните и од среќата на глупавите! На Тебе слава и вечна пофалба. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|