Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Слово на архимандритот Нектариј
15.06.2010.
 
Обраќање на архимандритот Нектариј до годинешните матуранти при Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Драчево.

             Драги матуранти, драги млади пријатели!

Sample Image Размислувајќи овие денови што би Ви кажал денеска, ми се наметна мислата од Светото Евангелие за богатиот младич, што се наоѓа  кај евангелистот Марко (Мк. 10, 17-21).

Овој младич се нашол во неизвесност. Тој веќе има, според неговото мислење, добро минато зад себе и го бара патот до совршенството. Но, ни самиот не знае како да го најде. Му се обраќа на Учителот Христа. Го прашува Исуса што му е потребно да прави за да постигне живот вечен. „Исус го погледа и му омиле“, - вели Светото Писмо. Значи, Господ Исус Христос јасно и конкретно одговара на неговото прашање: – Ослободи се од секаква приврзаност кон овој свет и дојди, следи ме!

Животната возраст во која се наоѓате е време на откривање на ДАРОВИТЕ кои Бог обилно ви ги поделил, но тоа е и време на откривање на вашиот животен план. Значи, сега е моментот да се запрашате: „Дали сум задоволен од својот живот? Ме спречува ли нешто на патот на остварувањето?“

Светот и опкружувањето во кои живееме, полни се со немир, нестабилност и притисоци. Ама сето тоа не смее да нé задуши. Тоа се предизвици за да не ѝ се препуштиме на половичноста, туку да се запрашаме и да бараме во што се состои тајната на успешниот живот. Секој од вас нека се запраша по примерот на оној младич: „Што треба да направам? Како да му дадам смисла на животот?“ Не плашете се да си ги поставите овие прашања и да го слушнете стремежот на вашето сопствено срце.

Драги младичи! Ваквите прашања не трпат површни одговори. Тие одговори се способни да го задоволат копнежот за среќен живот. За да откриеш што е за твое добро, слушај Го Бога, слушај Го Бога во себе. Него прашај Го, по примерот на оној младич од Евангелието: „Учителе, Боже мој, кој и каков е Твојот план со мојот живот; каква е Твојата волја за мене и кон мене?“ Бог сигурно ќе ти одговори во најдлабоката длабочина од твоето битие. Не плаши се од Неговиот одговор. Не плаши се ако го чуеш Неговиот повик: „Дојди и врви по мене!“

Почитувани! Кога Господ Исус Христос повикува, Он е силно радикален. Христос сака сé или ништо. Он му се обраќа на секого од нас на оригинален начин. Неговиот повик е, честопати, несфатлив. Кај Него нема пресметаност и сопствени интереси, како кај нас луѓето. Он сака потполна предаденост.

Црквата секогаш се грижела да одгледа и оформи свештенички и монашки кадар. Фала Му на Бога, на нашиве простори се чувствува одзив на тој план, но на Црквата секогаш ѝ  требаат нови апостоли, весници на Радосната вест. Прифатете го позивот што ќе го слушнете во своите срца. Тоа е оној одговор на вашето прашање: „Што треба да направам?“

На Христа да Му кажеш „ДА“, никогаш не е доцна. Он неуморно го вперува Својот поглед на љубовта и го повикува секого од нас на радикален христијански живот.

Наслушај дали и тебе Бог те повикува на поголем дар, кон дарот на свештенството; не плаши се ако можеби те повикува и на монашки живот. Бог му дава длабока радост на оној кој храбро ќе Му одговори. Подеднакво со вера прифати и ако осетиш позив на некое друго звање. Важно е секогаш да останеш со Бога и во служба на Црквата и животот.

Христос Ве сака; на Христа Му требате; Христос има доверба во вас; Христос Ве повикува; Христос Ве праќа. Ја препознавате ли сега својата скапоценост? Вие сте преважни! Му требате на Бога, бидејќи Бог ја љуби Македонската православна црква, го љуби македонскиот народ. Нам ни требате; ние Ве сакаме; Вие сте нашата надеж.

Ако сакате во животот да го почувствувате Христовиот бакнеж на љубовта, бидете подготвени најнапред да се избоцкате на трновиот венец од Христовата глава, што ние луѓето Му го сплетивме.

Останете Му верни на Бога до крајот на вашиот живот; останете ѝ верни на Македонската православна црква за секогаш. Амин!

Божјата љубов и благословот Негов нека го има врз секого од вас и вашите блиски.

 

 
< Претходно   Следно >