15.06./02.06. |
15.06.2010. | |
Св. Никифор Исповедник патријарх Цариградски – Цариградски благородник. Татко му Теодор бил висок службеник на цариградскиот двор, богат и благочестив. Никифор службувал неколку години во дворот во истиот чин како и неговиот татко. Но видувајќи ја сета светска суета, тој се оддалечил на бреговите на Босфорот и таму изградил манастир. Манастирот набргу му се наполнил со монаси, а тој управувал со манастирот, не сакајќи самиот да прими монаштво, под изговор дека е недостоен, иако во сè им служел како пример на сите. Пред тоа учествувал на Седмиот вселенски собор како лаик, од лаосот (верник од верниот народ) по волја на царот и на патријархот, и многу бил корисен за соборот со своето извонредно познавање на Светото Писмо. Кога умрел патријархот Тарасиј, Никифор бил избран за патријарх спротивно на неговата волја. Веднаш по изборот, примил монашки чин и сите останати чинови по ред и во 806 година во „Света Софија“ бил востоличен за патријарх. Тоа било во времето на царот Никифор, кој набрзо отишол во војна со Бугарите и загинал. Неговиот син Ставрикиј владеел само три месеци, па умрел. По него, се зацарил добриот цар Михаил, наречен Ранкаба, но владеел само три години, додека Лав ерменецот не го соборил и изгонил. Кога Лав се зацарил, патријархот му ја пратил книгата „Православно вероисповедување“ да ја потпише (по обичај на сите византиски цареви, што се сметало за заклетва дека ќе се држи и ќе ја брани вистинската вера). Царот не ја потпишал, тоа го одложил за по крунисувањето. А кога патријархот го крунисал, тој одбил да ја потпише таа книга и набрзо се објавил како еретик-иконоборец. Патријархот се обидел да го посоветува и да го поврати во вистинската вера, но залудно. Царот насилно го изгонил Никифор во затвореништво на островот Проконис, каде во беда и лишување од секаков вид, поминал тринаесет години, па се преселил во вечноста во 827 година. Како патријарх со Црквата Христова управувал девет години. Св. новомач. Константин – Роден како муслиман на островот Митилена. Бидејќи излекуван од тешка болест во црква, со помош на света вода и гледајќи други чуда на верата Христова, тој се крстил на Света Гора во скитот Капсокалива. Подоцна паднал во рацете на Турците, кои по страшни мачења од четириесет дена, го обесиле во Цариград на 2 јуни 1819 година. Св. мч. Јован Нови Сочавски – Благородник од Трапезунт. Обвинет од некој завидлив Латин, пострадал за Христа во 1492 година, во градот Аскерман. По мачењата, затоа што не сакал да ја присвои персиската вера (исламот, чии припадник бил и градоначалникот), свети Јован бил врзан за нозе и влечен низ градот. Видувајќи го, некој злобен Евреин притрчал и го заклал. Таа ноќ многумина виделе огнен столб над неговото тело и тројца светлосни мажи околу него. Молдавскиот војвода Јоалександар му го пренесол чесното тело со големи почести во градот Сочава и го погребал во митрополитскиот храм, каде и денсе почива. Чесно пострадал и се прославил на 2 јуни 1492 година. Св. свешт-мч. Еразмо Охридски – Овој светител бил роден во Антиохија и живеел во времето на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Крепко се подвизувал на ливанската гора и бил надарен од Бога со голем дар на чудотворство. Како архиереј тргнал да го проповеда Евангелието. Стигнувајќи во градот Охрид, Еразмо со молитва го воскреснал синот на некој човек по име Анастас и го крстил. Во таа прилика Еразмо покрстил и многу други незнабожци и ги разорил идолските жртвеници во Охрид. Заради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан, кој во тоа време престојувал во Илирија. Царот го извел пред бакарната статуа на Зевс, му наредил да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свет Еразмо пројавил сила и од идолот излегла страшна ламја која го исплашила народот. Повторно светителот пројавил сила и ламјата умрела. Тогаш светителот го проповедал Христа и покрстил дваесет илјади души. Огорчениот цар наредил, та ги исекле сите овие дваесет илјади души, а еразмо го ставил на тешки маки, па потоа го фрлил во самица. Но му се јавил ангел Божји, како некогаш на апостол Петар, и го извел Еразмо од самицата. Потоа овој слуга Божји отишол во Кампанија, каде им го проповедал Евангелието на луѓето, па се вратил во градот Хармелија, каде се повлекол во една пештера, во која се подвизувал до смртта. Пред смртниот час, трипати се поклонил кон Исток и со подигнати се молел на Бога за Бог да им ги опрости гревовите и да им дарува вечен живот на сите оние кои со вера ќе го повикуваат неговото име (на Еразмо). По свршувањето на молитвата, се чул глас од небото: „Нека биде како што молеше, исцелувачу мој, Еразмо!“ Сиот радосен, светителот уште еднаш погледнал во небото и видел венец на славата како се спушта кон него, и видел хорови на ангели, пророци, апостоли и маченици кои приоѓаат да ја примат неговата света душа. На крајот извикал: „Господи, прими го мојот дух!“ и издивнал околу 303 година. Пештерата со црква, посветена на св. Еразмо и денес постои недалеку од Охрид и од неа и до ден-денес се пројавува големата сила на угодникот Божји Еразмо свештеномаченикот. Р А С У Д У В А Њ Е Иконопочитувањето е составен дел на православието од кое тоа не може да се оддели. Тоа што на некои луѓе им се причинува дека почитувањето на иконите е исто што и идолопоклонството, тоа не е никаков доказ против иконите. И на Евреите им се причинило дека Христос твори чуда со силата на сатаната, а не како Бог; и на Римјаните им се причинило дека христијанските маченици се обични волшебници и маѓесници. „Иконата е божествена работа, но не е обожена“, му рекол св. Никифор на иконоборниот Лав Ерменин. Пото му објаснил како Бог му наредил на Мојсеја да направи змија од бакар и да ја воздигне во пустината, како пред тоа заповедал да не прави на себе резбан лик. Ова го заповедал да го спаси избраниот народ од египетското идолослужење, а другото го заповедал Он, Единиот и Севишниот Бог, да ја покаже Својата сила и преку иконите. Тоа е Неговата света волја а наша полза за спасението. Ако иконите се малку значајна работа или дури и идолска, зарем многумина од најсветите и најдуховните луѓе и жени, во историјата на црквата, би пострадале за иконите до смрт? Б Е С Е Д А како мудроста се јавува насекаде Премудроста Божја е самиот Господ Исус христос, преку кого е создадено сè што е создадено. И сè што е создадено го објавува својот премудар Творец, како тоа што е во полето, така и она што е во градот. Во полето е чиста и светла природата, а во градот е човекот со неговите занети и способности. Премудроста Божја вика, а не шепоти, преку целата природа и преку сите полезни занаети и човекови способности. Таа го покрила целото поле, таа го исполнила целиот град, таа е над земјата и под земјата, во ѕвездените височини и во морските длабочини. Оној кој сака да ја чуе, може да ја чуе на секое место; оној кој со неа сака да се учи и да се насладува, може на секое место да се учи и да се насладува; оној кој со неа сака да се поправа и да се надградува, може да се поправа и да се надградува на секое место. Толку е јасна и очигледна премудроста Божја во светот од почетокот на светот во сите создадени работи. Но таа е уште појасна и поочигледна во пророците и во другите Божји луѓе, кои се удостоиле со пристап кон Неа, покрај создадената природа. Преку нивни усти премудроста Божја се разгласувала во полињата и градовите, на улиците во градот и на портите на човекот. Но Премудроста Божја е најгласна и најјасна во лицето на самиот Господ Исус Христос. Во лицето на Господа Исуса Христа премудроста Божја се јавила во тело и се покажала на луѓето во чудесна сила и Своја убавина. Таа премудрост Божја не говори преку тварите, ниту преку луѓето, туку говори самата за себе и самата од Себе, лично и непосредно. Со Својата мудрост Господ го исполнил целиот свет преку Својата Света Црква, така што, може да се рече, како пред деветнаесет столетија во Палестина така Он и денес преку служителите на Словото вика во полето, на улиците, во најголемата светска врева, по сите градови и пред сите порти. Обраќа мои, да ги отвориме портите на нашите души за Премудроста Божја, воплотена во Господа Исуса Христа! О Господи Исусе, Премудрост Божја и Сило, отвори ги нашите души и всели се во нив. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|