10.06./28.05. |
10.06.2010. | |
Св. Никита исповедник еп. Халкидонски – Во младоста се одрекол од светот и се одалечил на монашки подвизи. Засветувајќи со добродетелта како сонце, бил забележан од црковните старешини и возвишен на архиерејскиот престол во Халкидон. Како архиереј бил особено милостив кон бедните и многу се грижел за сираците, за вдовиците и за тие што немале ништо. Кога лошиот Лав Ерменин станал против иконите, станал и овој светител Никита нажествено во одбрана на иконите, изобличувајќи го царот и објаснувајќи го значењето на иконите. Поради тоа претрпел многу понижувања, озлобувања, темнувања. Најпосле бил протеран во прогонство за вероисповедувањето и во трудови и страдања се претставил на Господа за да прими венец на славата во Царството Божјо. Св. мч-ца Еликонида – Родена е во Солун и воспитана во христијанско благочестие. Во времето на Гордијан и Филип таа преминала во Коринт, каде што велегласно ги изобличила сите оние кои принесуваа жртва на идолите. Кога началникот Периниј ѝ советувал да му принесе жртва на идолот Ескулан, Христовата маченичка му рекла: „Почуј ме, јас сум слугинка Христова, а кој е Ескулап, не знам. Прави што ти е волја“. Поради тоа била изведена на суд и била мачена со страшни маки. Кога ја фрлиле во оган, од нејзиното тело се излеала многу крв и го изгасила огнот, а таа останала жива. Фрлена пред лавови, лавовите не ја ни допреле туку се умилкувале околу неа. Пуштена во храмот божем да им принесе жртва на идолите, таа ги искршила и со тоа уште повеќе го излобила мачителот против себе. Лежејќи во темница целата со рани, ѝ се јавил Самиот Господ со архангелите Михаил и Гаврил, ѝ ги исцелиле раните, ја утешиле и ја укрепиле. Потоа била изведена на губилиштето за да биде исечена со меч. Пред исечувањето Еликонида ги подигнала своите раце во висина и Му се молела на Бога, да ја прими и да ја придружи кон овците Свои во небесната ограда. Кога ја завршила молитвата, се чул глас од небото: „Дојди, тргни, готов е за тебе и венецот и престолот!“ Најпосле била обезглавена со меч и примила венец на славата од Господа, на Кого од љубов и Му се жртвувала како невино и чисто јагне. Св. Игнатиј еп. Ростовски – Како архиереј управувал со стадото Христово 26 години со голема љубов и милосрдност. Кога умрел и телото му било положено во црквата, некои виделе како тој станал од ковчегот, се кренал во воздухот над црквата и од височината ги благословил луѓето и градот, потоа повторно се вратил во својот мртовечки ковчег. И многу други чуда се појавиле на неговиот гроб. Му се претставил на Господа на 28 мај 1288 година. Р А С У Д У В А Њ Е Само горделивиот човек е подготвен секогаш да го споредува Христа со другите големи луѓе. Иако на прв поглед е јасно дека големите луѓе се едно а Господ Христос друго, како што е едно творението а друго Творецот. Христос не е само велик, туку Он е и Творец, и Извор и Вдахнувач на секоја вистинска величина за човечката историја. Наполеон, еден од минливите великани, во прогонство и во беда на островот Света Елена, ги изрекол овие зборови: „Александар, Цезар, Ханибал, Луј XIL, со сета своја генијалност се ништожни. Тие го освоиле светот, но не можеле да се здобијат со ниеден пријател. А гледај, Христос повикува и цели поколенија се поврзуваат со тесна врска што е посилна отколку што е крвната врска.... Христос го запалува огнот на љубовта, кој го проголтува секој егоизам и ја надминува каква сакате љубов“.
|
< Претходно | Следно > |
---|