Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание од Повардарската епархија
Ново издание од Повардарската епархија
4.06.2010.

 Sample Image



 


 Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, издаваштвото при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ ја подготви и ја испечати книгата „Биди верен до смртта“ од Митрополит Јован Сничев. Книгата содржи голем број проповеди и архипастирски посланија на Митрополитот Сничев. Преводот од српски јазик го подготви дипломираниот теолог, презвитера Весна Ѓорѓиева.

 Предговор за книгата „Биди верен до смртта“

 Митрополитот Санкт-Петербуршки и Ладошки Јован (Иван Матвеевич Сничев) е роден на 9 октомври 1927 година во селото Ново-Мајачка во Каховскиот реон, во Харковската област во селско семејство. Неговите луѓе не се одликувале со побожност, и иако понекогаш оделе во црква, сепак своите деца не ги воспитале во побожен дух. На петнаесет годишна возраст, токму кога се измачувал со помислата за смислата на животот, Младиот Иван првпат слушнал за православната вера од побожните старици од селото кои се собирале во приватни домови на молитва. Тогаш во неговото срце паднало семето на словото Божјо, и почнало да носи плод. На шеснаесет годишна возраст ја согледал грешноста и гнасотијата на светот со неговите соблазни и тогаш во него се разгорел огнот на верата. Бог по Својата промисла му ја испратил благочестивата подвижничка Февронија, која му станала духовна мајка, и свештеникот, отец Леонид Смирнов, кој го упатил во духовниот живот на светата православна вера.

Во 1944 година бил повикан во војска, но заради нарушеното здравје бил отпуштен, по што станал црковен служител при храмот на Свети Петар и Павле во градот Безулук. Тука се запознал со епископот Мануил (Лемешевски) којшто го зема да му биде сокелијник, а во храмот го поставува за ипоѓакон и секојдневно му наредува да проповеда во храмот. На 9 јуни 1946 година од страна на својот епископ-старец бил потстрижан за расофор со име Јован и бил ракоположен за ѓакон, а на 14 јануари 1958 година за свештеномонах. Увидувајќи ги неговите способности епископот го испраќал младиот јеромонах да ги смирува внатрешните проблеми во епархијата. Но животот со него не траел долго, затоа што владиката Мануил бил протеран од страна на богоборните власти, а младиот Јован се запишал во Саратовската духовна семинарија а потоа и на Ленинградската духовна академија, која ја завршува и е испратен на изучување на сектите и секташките активности. Во 1955 год. се сретнува повторно со својот епископ кој тогаш се вратил од прогонство, и во наредната година Јован му помагал на епископот во составувањето на чин за опело над архиереј. Во септември 1956 година бил потстрижан во мантија и бил поставен за професор во Минската духовна семинарија.

Во 1957 година бил ослободен од таа должност и се враќа кај архиепископот Мануил (тогаш веќе архиепископ Чебоксарски и Чувашки) и му помага околу составувањето на „Каталог на руските православни архиереи во периодот од 1893 до 1956 година“, „Топографија на архиерејските катедри и викаријатства“ од истиот период и „Фотоалбум на православните архиереи од почетокот на крштевањето на Русија до 1958 година“. За учеството во овие капитални дела тој е одликуван со украсен крст од патријархот Алексиј I.

Во април 1961 год. бил произведен во игумен, а околу Пасха 1964 год. во архимандрит. На 12 декември 1965 година бил ракоположен за епископ Сизрански. Во февруари 1966 год. ја одбранил својата магистерска дисертација и добил академска титула магистер на богословски науки. Во 1969 година бил поставен во Кубинската и Сизранска катедра, а од септември 1972 му се дава привремено управување со Чебоксарската епархија.

Во септември 1976 година бил произведен за архиепископ. Во јуни 1987 година ја посетил Светата Земја. Во 1988 година на Ленинградската духовна академија добил титула доктор по црковна историја. Од август 1990 година високопреосветениот Јован како митрополит ја возглавил Санкт-Петербуршката епархија. Набрзо почнала и неговата активна религиозно-социјална, публицистичка активност, која го направила името на овој архиереј познато како низ Русија, така и зад границата.

Во неговите проповеди, тој, со пророчка смелост отворено зборува и ги изобличува виновниците и причините (Западот, Масоните и Евреите) кои ги посочува како непријатели и виновници за распадот на Царска Русија, за подивувањето на народот и оддалечувањето од неговата мајка – Светата православна црква, за губењето на националното чувство. Во негово време бројот на храмови се зголемил за три пати. Учествувал во многу ТВ емисии, одржувал часови по веронаука, иницирал издавање на списанија во неговата епархија...

Владиката ретко ја напуштал својата епархија. Обично тоа било заради седниците на Светиот Синод, во кој бил член од 1990 година. Во декември 1994 година пак ја посетил Светата Земја, каде што отслужил литургија во храмот на Воскресението Христово кај гробот Господов.

На 2 ноември (20 октомври ст.ст.) 1995 митрополитот ненадејно се упокоил како последица на срцев напад. На гробот на владиката е поставен едноставен дрвен крст. На метална табла е напишано: „Јован (Сничев), по милоста Божја митрополит Санкт-Петербуршки и Ладошки, свештеноархимандрит на Александро-Невската Лавра“.

Богоборните безбожници во Русија и надвор од неа го сметале за традиционалист, антисемитист, жесток борец против сектите, монархист, националист, па дури и фашист со антизападно настроение. Додека, пак, верниот народ во него гледал жив сведок Христов, свој вистински пастир, кој постојано го повикува народот да ì се врати на вистинската вера, на автентичниот духовен живот, кој аргументирано, како што му доликува на интелектуалец од негов калибар, без страв ги изобличува богоборните власти, и ги наоѓа вистинските причини за распадот на Света Русија (како што ја нарекува тој) – а тоа е отпаѓањето од Бога и од единствената вистинска вера, Православната, но го наоѓа и лекот, а тоа – искреното и покајничко враќање во прегратките на Бога и на единствената вистинска Мајка – Светата православна црква.

Господ, Когошто тој го беше силно возљубил со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот вој разум, нека го всели во вечните живеалишта заедно со сите светии, кои од памтивек Му угодиле на Бога. Нека му е вечен споменот! Амин.

Митрополит Повардарски г. Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >