03.06./21.05. |
4.06.2010. | |
Св. цар Константин и царица Елена – Родители на Константина му биле царот Констанциј Флор и царицата Елена. Флор имал уште деца од втората жена, но од Елена го имал само Константина. Кога се зацарил, Константин имал три големи борби: една против Максенциј, тиранин во Рим, втората против Скит на Дунав и третата против Византијците. Пред борбата со Максенциј, кога Константин бил многу загрижен и се сомневал во својот успех, по еден ден му се јавил преблескав крст на небото целиот накитен со ѕвезди и на крстот било напишано: „Со ова победувај“. Восхитен, царот наредил да се направи голем крст, сличен на оној што му се јавил и да се носи пред војската. Со силата на крстот, тој ја добил славната победа над бројно надмоќниот непријател. Максенциј се удавил во реката Тибар. Веднаш по тоа Константин го издал познатиот Едикт, во Милано во 313 година, да престанат гонењата на христијаните. Победувајќи ги Византијците, тој изградил прекрасен престолен град на Босфор, кој од тогаш е наречен Константинопол. Но пред тоа, Константин паднал во тешка нагрдна болест. Вражачите и лекарите му советувале како лек капење во крвта на закланите деца. Тој тоа го одбил. Тогаш му се јавиле апостолите Петар и Павле и му рекле да го побара епископот Силвестер, кој ќе го излекува од страшната болест. Епископот го поучил во верата христијанска и го крстил и нагрдата исчезнала од неговото тело. Кога настанал раздор во Црквата поради интригантот и еретик Ариј, царот го свикал l Вселенски собор во Никеја во 325 година, каде што ереста била осудена, а православието утврдено. Света Елена, благочестивата мајка на царот, многу ревнувала за верата Христова. Таа го посетила Ерусалим и го пронашла Чесниот Крст Господов, и соѕидала на Голгота црква посветена на Воскресението и уште многу други цркви по Светата земја. Во својата 80 годинасе преставила оваа света жена пред Господа, во 327 година, а цар Константин ја надживеал својата мајка за 10 години и се упокоил во својата 65 година, во градот Никомидија. Неговото тело било погребано во црквата на „Светите апостоли“ во Цариград. Преп. мч. Пахомиј – Родум е од Мала Русија. Во младоста го фатиле Татари и го продале на еден Турчин-кожар како роб. Поминал во ропство 27 години, во местото Усаки во Мала Азија. Насилно го потурчили. Отишол на Света Гора, се замонашил и поминал 12 години во манастирот „Свети Павле“. Се решил да пострада за Христа. Неговиот старец, духовникот Јосиф, го придружувал до Усаки, каде што Пахомиј му се јавил на својот поранешен господар како христијанин во монашка облека. Турците го ставиле на маки, потоа го фрлиле во темница и најпосле го обезглавиле на 8 мај 1730 година, на самиот ден на Вознесението. Од неговата крв и од моштите се случиле многу чуда. Погребан е на островот Патмос во црквата „Св. Јован Богослов“. Така овој малоруски селанец постанал маченик и венцоносец во царството Христово.
Р А С У Д У В А Њ Е Дека порокот е нешто грешно и срамно гледаме и по тоа што тој секогаш се скрива и дека секогаш и постојано го зем на себе образот на добродетел. Св. Јован Златоуст добро вели: „Порокот нема свое сопствено лице, туку зема на заем лице на добродетел“. Затоа Спасителот рекол: „Доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи“ (Мт. 7:15). Наречи го лажливиот-лажливец, крадецот-крадец, убиецот-убиец, блудникот-блудник, клеветникот-клеветник и ќе ги огорчиш. Ако, пак, било кој човек го наречеш: чесен, несебичен, вистинит, справедлив, совесен, ќе го озриш и ќе го задоволиш. Пак, според Златоуст, велам: „Добродетелта е нешто природно во човекот, додека порокот е нешто неприродно и лажно“. Ако некој човек и се фати во порок, тој брзо го оправдува својот порок со некоја добродетел и го облекува во рувото на добродетел. Навистина, порокот нема свое сопствено лице. Исто како ѓаволот, кој е татко на пороците! Б Е С Е Д А за децата Божји Оној кој што го има во себе Духот Божји, само тој има сведоштво дека е Божјо чедо. Духот Божји нема ни такво сведоштво. Ниту пак сета вселена може да го даде тоа сведоштво. Самата вселена без Духот Божји што друго ни сведочи, освен дека сме ние нејзини робови, нејзина жртва, која таа немилосрдно ја проголтува? Незнабожците всушност така и мислеле. Богоборците од нашите дни зарем не мислат и тие така? Мислат. Бидејќи навистина е тешко на човекот кој не Го познал Духот Христов, Духот Божји, Сведокот небесен, да се оттргне од таква мисла. „Не примивме дух на ропство“, говори истиот апостол. Каков е тој дух на ропство? Секој друг освен Духот Божји, што Господ Христос го испраќа на оние кои Го љубат. Единствено Духот Божји е сесвет дух на слободата и посиновувањето. О среќа, о мир, о радост кога Божјиот Дух ќе се свие во очистеното човечко срце како ластовица во своето гнездо! Тогаш нашата надеж ќе отвори стотина порти на темницата на вселената и нашата прегратка поширока од вселената се пружа кон Некој поголем и помилостив од вселената. Кон кого? Кон Отецот! И ние тогаш извикуваме: „Авва Отче!“ Сведоштвото за Бога што доаѓа низ очите може да нè доведе во сомневање дека и ние сме чеда Божји. Но сведоштвото што ни доаѓа од срцето, од Духот Божји, не ни остава ни најмалку сомневање. Тоа Бог сведочи за Бога. Какво сомневање овде може да има? И нè милува Нас Бог Светиот Дух во самото срце на нашето битие. Какво сомневање овде може да има? Не, туку тогаш ние знаеме и сосема сигурно чувствуваме дека Бог е Отецот, а ние сме чеда Божји. Ничии слуги, ничии робови, но чеда Божји. О Господи Боже, Духу Свети, всели се во нас и остани во нас како Сведок на Троица и Царството како Сведок на Рајот бесмртен. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!
|
< Претходно | Следно > |
---|