Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 01.06./19.05.
01.06./19.05.
1.06.2010.
Sample Image

Свешт-мч Патрикиј еп. Бруски со тројцата презвитери: Акакиј, Менандар и Полиен – пострадале за верата Христова во времето на Јулијан Отстапник во Бруса Азиска. Царскоит намесник Јуниј ги довел овие светители до врелите води и го прашал Патрикија: „Кој ги создаде овие лековити води, зарем не нашите богови Ескулап и другите, на кои ние им се поклонуваме?“ Св. Патрикиј одговорил: „Вашите богови се демони, а оние води како и сè останато, ги создаде Христос, нашиот Господ и Бог“. Тогаш намесникот прашал: „А дали твојот Христос ќе те спаси, ако јас те фрлам во оваа врела вода?“ Светителот одговорил: „Ако сака, може да ме сочува цел и неповреден, иако јас пожелувам во таа вода да се разрешам од овој временски живот и со Христа вечно да живеам; но нека биде врз мене Неговата света волја, без која ни влакното не паѓа од главата на човекот!“ Слушнувајќи го ова, намесникот наредил, та Патрикија прво го фрлиле во врелата вода. Врелите капки прснале на сите страни и ги изгореле остро мнозина присутни, но светителот Божји, на чиј јазик била непрестајната молитва, останал неповреден како да стоел во студена вода. Видувајќи го ова, намесникот се разјарил од срам и наредил на Патрикиј и на останатите тројца негови презвитери да им се отсечат главите со секира. Тогаш овие незлобиви следбеници Христови прочитале молитва, ги положиле своите глави под секирата џелатска. Кога им биле отсечени главите, нивните души весели се вознеле во Царството Христово вечно да царуваат.

Св. Јован еп. Готски – Бил епископ во Грузија, но кога тамошниот каган татарски почна да ги мачи христијаните, тој се одалечил четири години меѓу Готите во Бесарабија. (Готската епархија била образувана за време на св. Константин Велики.) Слушнувајќи за смртта на каганот, се вратил на својата служба и го раководел своето паство ревносно и богоугодно. Пред својата смрт, рекол: „По 40 дена заминувам да се судам со каганот“ (т.е. низ смртта оди пред престолот Божји). И така било. На четириесетиот ден се преставил и отишол при Господа. Се упокоил мирно во Vlll век.

Св. кнез Јован Вологотски – чудотворец. Богобојазлив и благочестив, од мал тој од својот стрико, кнезот Јован Василевич, бил фрлен во самица со својот брат Димитриј, каде поминале полни 32 години. Пред смртта, Јован се замонашил и го добил името Игнатиј.

Р А С У Д У В А Њ Е

Великите ерарси, столбовите на православната Црква, умееле да ги соединат во својот карактер кроткоста и решителноста, кроткоста кон праведните и покајаниците, а решителноста кон непокајните крвници. Една недела, по светата служба, царот Иван Грозни се приближил кон митрополитот Филип за да добие благослов. Митрополитот се преправал дека не го гледа царот и гледал во иконата на Спасителот. Тогаш придружникот на царот му се приближил на митрополитот и му рекол: „Владико, господарот е пред тебе, благослови го!“ Митрополитот погледнал кон царот и рекол: „Господару, плаши се од судот Божји: ние овде принесуваме бескрвни жртви на Бога, а зад олтарот се пролева христијанска крв. Колку невини страдалници! Ти си висок на престолот, но сепак си човек!“ Разлутениот цар го опоменувал Митрополитот да молчи, но митрополитот му рекол: „Каде е мојата вера, ако јас молчам?“ Кога царот почнал да му се заканува, тој мирно одговорил: „Јас сум дојденец и гостин на земјата и подготвен сум да пострадам за вистината!“ По некое време, лошиот цар го удавил митрополитот, но не го удавил светителот.

Б Е С Е Д А

за светите Божји луѓе

Ова го сведочи оној кој и самиот бил свет Божји човек, апостол Петар, каменот на верата и витезот на крстот. Како свеет Божји човек, тој според своето сопствено искуство, објаснува како говореле и како говорат светите Божји луѓе и вели: „Зборувале просветени од Светиот Дух“. Значи, тие не говореле според своето сопствено умување, ниту според своето паметење, ниту според своето учење, ниту според својата зборливост, туку говореле со Духот и според Светиот Дух. Мудроста Божја се изливала преку нив и вистината Божја се откривала преку нив. Светото Писмо не го напишало лажливото книжевничко перо (Јерем. 8:8), туку го напишале слуги и избраници на Светиот Дух. Ниту Светото Писмо го пишувале луѓе на кои пишувањето им било занает, туку го пишувале светители Божји, упатени и вдахновени од Божјиот Дух да пишуваат. Честопати и несакајќи, па дури и противејќи се, тие морале да пишуваат, како што сведочи свети пророк Еремија, говорејќи: „Па се сетив, нема веќе да споменувам за Него (Бога), ниту ќе зборувам во Негово име; но во срцето како да имам распален оган, затворен во коските мои и се измачував да го задржам, но не можев“ (20:9).

О браќа мои, браќа, Светото Писмо не е од човекот туку од Бога, не е од земјата туку од небото, не е од телото туку од духот, да, од Божјиот Свет Дух. Светите Божји луѓе пишувале вдахновени од мудроста и вистината на Светиот Дух: пророците и евангелистите, апостолите и отците, учителите и ерарсите, како и пастирите.

О Боже, Духу Свети, Духу на Мудроста и на Вистината вдахни нè со твојот животворен Дух за да ја познаеме Мудроста и Вистината, и да ја исполниме со Твоја помош. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >