Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 31.05./18.05.
31.05./18.05.
31.05.2010.
Sample Image

Св. мч. Теодот – и седум девојки маченички: Текуса, Александра, Клавдија, Фаина, Ефрасинија, Матрона и Јулија. Теодот бил оженет и бил гостилничар во Анкира за време на царот Диоклецијан. Иако бил оженет, живеел според словото апостолско: „времето натаму е кратко, та оние што имаат жена да бидат како да ја немаат“ (1. Кор. 7, 29). А гостилницата ја држел да може несомнително што повеќе да им помага на христијаните. Неговата гостилница им била прибежиште на гонетите верни. Теодот тајно им испраќал помош на разбеганите христијани по планините и тајно ги собирал телата на загинатите и ги погребувал. Во тоа време биле изведени на суд и мачени за Христа седум девојки: биле мачени, исмевани и најпосле потопени во езерото. Една од нив, св. Текуса, му се јавила на сон на Теодот и им рекла да ги извади нивните тела од езерото и да ги погреба. По темната ноќ Теодот отишол со еден другар отишол да ја исполни волјата на маченичките и воден од ангел Божји успеал да ги најде сите седум тела и да ги погреба. Но тој другар го издал на судијата и судијата го ставил на тешки маки. Сите маки Теодот ги трпел како да бил во туѓо тело, имајќи го целиот свој ум задлабочен во Господа. Кога мачителот му го претворил целото тело во рани и забите со камења му ги здробил, наредил со меч да се исече. Кога бил изваден на губилиштето, мнозина христијани плачеле по него, а св. Теодот им говорел: „Не плачете, браќа, по мене туку прославете Го нашиот Господ Исус Христос Кој ми помогна да го завршам подвигот и душманот да го победам“. Кажувајќи го тоа, ја положил својата глава на трупчето под мечот и бил исечен во 303 година. Некој свештеник чесно го погребал телото на маченикот на едно возвишение надвор од градот. На тоа место подоцна бил подигнат храм во името на св. Теодот.

Св. мч-ци Петар, Дионисиј, Андреј, Павле и Христина – Петар – прекрасно момче. Дионисиј – угледен маж. Андреј и Павле – војници и Христина – шеснаесетгодишна девица, сите Го исповедале храбро Христа Господа и поднесле маки и смрт за Неговото име. Некој Никодим, кој со нив бил мачен, се одрекол од Христа насреде маките и одеднаш се симнал од умот, па како бесен го гризел своето тело и фрлал пена низ устата додека не издивнал. Тоа било во 250 година.

Св. мч-ци Ираклиј, Павлин и Венедим – Биле атињани. Пострадале за верата во времето на Декиј. За Името Христово биле изгорени во огнена печка.

Р А С У Д У В А Њ Е

Да се скријат добродетелта и својот подвиг било обичај кај подвижниците и подвижничките не само во првите времиња на христијанството, туку и низ сите векови до нашиве дни. Евдокија, жената на славниот кнез Димитриј Донски, ослободителот на Русија од Татарите, останала вдовица во 1389 година и тоа сè уште млада. Целата проникната со благочестие, оваа кнегиња ѕидала храмови, делела милостиња, тајно го измачувала своето тело со пост и со бдение. До телото носела железни синџири. Меѓутоа, пред светот секогаш била насмеана, облечена во раскош, накитена со бисери. Светот сешто зборувал за неа: почнале да се пронесуваат гласови за нејзиниот неморален живот. Тоа го слушнале и нејзините синови, па навредени и налутени отворено ѝ рекле на мајката што се зборува за неа. Мајката ја разотворила својата раскошна облека и синовите со ужас го виделе нејзиното тело сосема исушено и ослабено, стегнато со железните синџири.

Б Е С Е Д А

за сведоштвото на Светиот Дух

Бог Син Го испраќа во светот Бог Светиот Дух да сведочи за Него до крајот на времињата. „Он ќе сведочи за Мене“. Како ќе сведочи Бог Дух за Бог Синот? Ќе сведочи на многу начини, и тоа:

-          Привлекувајќи ги човечките души кон Црквата Христова;

-          Отворајќи ја смислата на Светото Писмо;

-          Доведувајќи ги на ум заповедите Христови;

-          Давајќи им топлина, свежина, сила и милина на зборовите Христови;

-          Обраќајќи ги покајните грешници кон праведници;

-          Исполнувајќи ги сите ветувања и пророштва Христови на луѓето, на народите и на Црквата Божја;

-          Утврдувајќи ја Црквата Христова и одржувајќи ја силна против сите бури на времињата и сите адски и човечки злоби низ вековите.

Духот Кој дејствува на овие и на многу други слични начини е Дух Божји, Дух на вистината, благ, животворен и сесилен.

Ниеден Христов збор не се противи на Духот Божји, ниту Духот Божји се противи на некој Христов збор. Затоа, кога Духот Божји ќе благоволи да се всели во човековото срце, Он постанува жив и нелажен сведок за сè што рекол и што направил Христос. И човекот тогаш верува радосно и непоколебливо. Бидејќи, како да не Му верува на најголемиот и најтрајниот Очевидец и Соучесник на сите зборови, на сите чуда и на сите дела Христови?

Затоа, браќа мои, да се молиме пред сè и над сè, овој Соучесник и Очевидец, Духот Свет и Сесилен, да се всели во нашите срца за верата наша да постане жива, непоколеблива и радосна. О Боже, Свети Дух, Духу на вистината, пријди и всели се во нас. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!                                                                                     

 
< Претходно   Следно >