28.05./15.05. |
28.05.2010. | |
Преп. Пахомиј Велики – Родум е Египќанец и во младоста незнабожец. Како војник учествувал во војната на Константин против Максенциј. Потоа, дознавајќи од христијаните, за единиот Бог и видувајќи го нивниот благочестив живот, Пахомиј се крстил и отишол во тиваидската пустина кај познатиот подвижник Паламон, кај кого 10 години се учел на подвижничкиот живот. Тогаш му се јавил ангел во облека на схимник, на местото наречено Тавенисиот, и му дал штичка на која бил напишан устав за отшелнички манастир, наредувајќи му таков манастир да устрои на тоа место, проречувајќи му дека во тој манастир ќе се стекнат многу иноци заради спасението на душите. Послушувајќи го ангелот Божји, Пахомиј почнал да прави многу келии, иако на тоа место немало никој освен него и неговиот брат Јован. Кога братот го укорил за тоа што прави непотребни згради, Пахомиј просто му рекол дека тој ѝ последува на заповедта Божја без оглед кога и кој ќе дојде тука да живее. Но наскоро се слеале на тоа место многу луѓе покренати со Духот Божји и почнале да се подвизуваат според Пахомиевиот устав, добиен од ангелот. И кога бројот на иноци се зголемил, Пахомиј постепено основал уште 6 манастири. Бројот на неговите ученици изнесувал до 7000. Св. Антониј се смета за основател на отшелничкиот живот, а св. Пахомиј на манастирското општожитие. Смирението, трудољубието и воздржанието на овој свет отец било и останало редок пример за поддржување на огромниот број монаси. Безбројни чуда направил св. Пахомиј, но и безбројни искушенија претрпел од демоните и од луѓето. И им послужил на луѓето како татко или брат роден. И мнозина поттикнал да појдат по патот на спасението. И многумина ги упатил на патот на вистината. Бил и останал големо светило на Црквата и голем сведок на вистината и правдата Христова. Се упокоил мирно во 348 година, во 74 година од својот земен живот. Мнозина од неговите ученици Црквата ги вброила во редот на светителите, како што се: Теодор, Јов, Пафнутиј, Пекузиј, Епоних, Сур, Псој, Дионисиј, Псентаисиј и други. Св. Ахиј еп. Лариски – Овој голем ерарх и чудотворец бил роден во Кападокија. Учествувал на I Вселенски собор, на кој ги посрамил еретиците и, како со својата ученост така и со светоста, предизвикал големо восхитување. Земајќи еден камен, Ахил им довикал на еретиците: „Ако е Христос создание Божјо, како што вие велите, кажете, од овој камен нека потече елеј!“ Еретиците молчеле и се чуделе на таквиот повик на св. Ахил. Тогаш светителот пак рекол: „А ако е Синот Божји рамен на Отецот, како што ние веруваме, нека потече елеј од овој камен“. И елејот навистина потекол на восхитување на сите. Св. Ахил се упокоил мирно во Лариса, во 330 година. Самуил, царот македонски, кога ја освоил Тесалија ги пренесол моштите на св. Ахил во Преспа на островот во езерото, кој се нарече и денес се вика Ахил или Аил. Преп. Силуан – Прво бил комедијант, глумејќи ги сите и секого. Потоа, загреан со љубовта Христова, му постанал ученик на св. Пахомиј. „Готов сум да го дадам својот живот, говорел св. Силуан, само да добијам прошка на гревовите“. Р А С У Д У В А Њ Е Кога насилникот извршува насилство над праведникот од користољубие, тогаш насилството донесува една полза и една штета, и тоа: штета на насилникот, а полза на тој што страда насилно. Годунов го убил осугодишниот цар Димитриј за да завладее на престолот без наследник. Брзо завршиле и царските денови на Борис и насилникот се предал на скапување и проклетство, а Димитриј се посветил. По 15 години лежење во гробот, телото на Димитриј било откопано и било најдено нетлено и чудотворно. И над неговото тело се случиле 45 чудни исцеленија. Значи, чија е штетата а чија е ползата од насилството? Кога насилникот би помислил дека со своето насилство ќе му помогне на противникот да се вброи во светителите и дека за себе ќе добие погибел и проклетство, тој би отстапил од замисленото насилство. Но лошата помисла е претеча и сопатнил на насилството. Б Е С Е Д А за проречената и случена пропаст на Египетските идоли Кој ќе го изговори тоа? Навуходоносор, царот вавилонски, Мојот слуга, говори Господ. Ова пророштво се остварило: Навуходоносор го покорил Египет и куќите на лажните богови, идолите египетски, ги изгорел со оган. Ги изгорел, но не ги уништил засекогаш. Бидејќи потоа дошло пропаст и на Вавилон, пак според пророштвото на светиот пророк Еремија, и Вавилон постанал и до ден денес останал, купиште на урнатините, живеалиште на шакали, за ужас и за потсмев, без жители (51:37). Но во преданието, што го запишал свети Епифаниј Кипарски, останало и едно друго пророштво на Еремија за крајното разорување на египетските идоли. „Сите идоли ќе паднат, гласи тоа пророштво, и сè што е со раце направено ќе се разурне во она време кога ќе дојде ваму Дева Мајката со Младенецот, роден во пештера и положен во јасли“. И ова пророштво го сочувале самите египетски врачари, кои уште во времето на Еремија вовеле обичај да ја сликаат Дева како се одмара во постела и Нејзиниот Младенец како лежи повиен со пелени во јаслите. Навуходоносор, слугата, можел, според Божјо допуштање, само да го коси злото, но не и да го искоренува. Но покосеното зло, како и покосената трева, повторно расте. А кога дошол Господарот на Земјата, тој го корнел злото од коренот. Навуходоносор, слугата, ги изгорел храмовите и ги искршил идолите, но храмовите повторно се обновени и се направени нови идоли, бидејќи не биле истргнати од човечките души. А кога дошол Господарот и се зацарил во душите на Еѓипјаните, храмовите и идолите засекогаш паднале. Исто така е и со непослушните и богоборните Евреи: Навуходоносор, слугата, ги одвел во ропство од 70 години, а навредениот Господар ги расеал по целиот свет, каде што се и денес расеани, по скоро 2000 години. Тоа раселување на еврејскиот народ по целиот свет го прорекол Еремија. А така времето го оправдало Божјиот пророк во сите негови зборови. Господи, Кој сè гледаш, дај ни да се придружиме кон зборовите на Твојот вистински пророк. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|