Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 27.05./14.05.
27.05./14.05.
27.05.2010.
Sample Image

Св. мч. Исидор- Во времето на царувањето на Декиј, Исидор бил земен од островот Хиос насила во војска. Тој од малечко се држел до верата Христова и својот живот го поминувал во пост, молитва и добри дела. Па кога во војската се покажал како христијанин, војводата го зел на разговор и му советувал да се одрече од Христа и да им принесе жртва на идолите. Светителот одговорил: „Иако ми го убиеш телото, над душата моја немаш власт. Јас Го имам вистинскиот и шив Бог, Исуса Христа Кој и сега во мене живее и по мојата смрт ќе биде со мене; и јас сум во Него, и ќе останам во Него, и нема да престанам да Го исповедам Неговото свето име додека е духот во телото мое“. ВОјводата наредил, та најпрво го биеле Исидора со волковски жили, а потоа му го отсекле јазикот. Но и без јазикот Исидор со Духот Божји говорел и Го исповедал името Христово. Меѓутоа, војводата го стасала казна Божја и тој одеднаш занемел. Немиот војвода најпосле дал знак да го исечат Исидора. А Исидор ѝ се израдувал на таа пресуда, па фалејќи Го Бога, излегол на губилиштето каде што била отсечена главата во 251 година. Неговиот другар Амониј го погребал неговото тело, но за тоа и самиот пострадал и примил маченички венец.

Преп. Серапион Синдонит – „Синдон“ значи крпа платно. Синдонит бил завикан овој светител, бидејќи својата телесна голотија ја криел само со една крпа од платно. Во раката носел Евангелие. Серапионивеел како птица без покрив и без грижа, преминувајќи од едно место на друго. Својот синдон му го дал на еден бедник кој треперел на мразот, а тој останал сосема гол. Кога некој го запрашал: „Синдоне, кој те соголи?“ Тој покажал на Евангелието и рекол: „Ова!“ Но потоа иа Евангелието го дал за откуп на некој должен човек, кого доверителот го гонел во самица за долгот. Еднаш во Атина четири дена не јадел ништо, бидејќи немал и почнал да вика од глад. Кога го прашале атинските филозофи зошто вика, тој одговорил: „На тројца им бев должен; двајца подмирив, а третиот уште ме мачи. Првиот заемодавец е телесната поход, која ме мачеше од младоста; втората беше среброљубието, а третиот стомакот. Оние двајца ме оставија, уште овој третиот ме мачи“. Филозофите му дале златник да купи леб. Тој отишол кај фурнаџијата, зел само еден леб, го оставил целиот златник и си отишол. Во својата старост мирно Му се претставил на Господа во V век.

Блажен Исидор Јуродив заради Христа – Германец по потекло. Доаѓајќи во Ростов, ја возљубил верата православна, па не само што станал член на православната црква туку го зел на себе подвигот на јуродивство. Одел целиот во партали. Денот го поминувал покажувајќи се безумен и со безумието ги учел луѓето, а ноќта ја поминувал во молитва. Ноќевал во една колиба од гранки, која сам ја направил во некое калиште. Големи и страшни чуда покажал овој светител и за животот и по смртта. На еден трговец, кој бил изфрлен од лаѓата и се давел во морето, му се јавил Исидор одејќи по водата и го извадил на брегот. Кај кнезот Ростовски одеднаш пресушиле сите садови со вино кога слугите негови го избркале Исидора од пред врата и не му ја дале ни побараната чаша со вода. Кога умрел, во 1484 година на 14 мај, во својата колиба, целиот Ростов замирисал со некој прекрасен мирис. Оној трговец, кого Блажениот го спасил од морето, му подигнал црква на она место каде што му била колибата.

Р А С У Д У В А Њ Е

Гревот што им служи на другите како соблазна е двоен грев. Благоразумниот човек внимава со својот гревовен пример да не соблазни никого и да не го наведе на грев. Свети Амвросиј ја пофалува таквата благоразумност на раноупокоениот цар Валентијан, наведувајќи ги овие примери од неговиот живот: „ Кога царот слушнал дека се зборува во Рим за него како страсен ловец и љубител на ѕверови – што тој всушност и не бил – и како таа страст го одвлекува царот од државните задачи, тој веднаш наредил да се убијат сите ѕверови во неговата градина. Кога повторно слушнал дека некои злобници шират глас за него дека рано руча (сакајќи со тоа да го претстават како ненаситен), тој си наложил на себе многу тврд пост и тајно и јавно. При јавните ручеци ретко го гледале како каснува нешто. Кога повторно неговите сестри се расправале со некој човек околу некој имот, царот, иако имал право да пресуди, тој предмет го испратил кај јавниот суд за да не му се префрли дека е пристрасен“. Навистина овој побожен цар со голем страв го почитувал словото Господово: „Тешко на оној кој ќе соблазни еден од овие малечки“.

Б Е С Е Д А

за Христа како Давидов подмладок

Со овие зборови пророк Еремија го прорекол доаѓањето на Спасителот на светот од коленото Давидово. Вистинскиот Подмладок е самиот Господ Исус Христос. На никој друг овие зборови не можат да се однесуваат бидејќи во времето на доаѓањето на Господа Исуса на ерусалимскиот престол не седел повеќе кнез од Давидовото колено, туку туѓинец, Ирод Идумеецот. Ниту па од тогаш па до ден денес некој друг познат подмладок од Давида, ниту како световен, ниту како духовен владетел. Во време на раѓањето Христово беа уште само неколку лица од Давидовото племе, и тоа непознати и сиромашни. Во нив се вбројуваа и Пресвета Дева и праведниот старец Јосиф, дрводелецот. Значи, јасно е дека, за изминатите илјада години, откако е изречено оваа пророштво, не се појаваил некој друг величенствен подмладок од коленото Давидово, освен самиот Господ Исус. Ова постанува уште појасно од следните зборови: „ Како што не може де се изброи небесната војска, ниту да се измери морската песок, така ќе го умножам семето на Давида, Мојот слуга, и Левитите, своите слуги“. Овие зборови можат да се однесуваат само на духовните потомци на Давида преку Христа Господа, т.е. христијаните, бидејќи само бројот на христијаните (а никако телесните потомци Давидови, кои воопшто и ги нема) за ови 20 века може да се мери со ѕвездите на небото и со песокот во морето.

О браќа мои, да се радуваме што и ние христијаните се вбројуваме во овој народ Божји, во овој најголем народ во историјата на светот, како според бројот, така и според карактерот. Уште повеќе да се радуваме што и ние припаѓаме на овој божествен Подмладок Давидов, кој со Својата крв нè искупи од туѓина и нè направи наследници и сонаследници на вечното Царство. Господи, преблаги, Ти си нè избавил нас, блудните синови и свињарското понижување и гладување и си нè направил Царски синови. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >