26.05./13.05. |
25.05.2010. | |
Св. мч-ца Гликерија – Ќерка била на некој гувернер од Рим. Станувајќи сирак по смртта на татка си, Гликерија се населила во Трајанопол во ТурцВо времето на нечестивиот цар Антонин, Гликерија била изведена да му принесе жртва на идолот на Диј. Таа нацртала крст на своето чело, па кога царскиот намесник ја запрашал каде е нејзината лампада (оти сите носеле лампади во рацета), Гликерија го покажала крстот на челото и рекла: „Ова е мојата лампада“. По нејзината молитва, удрил гром во идолот и го раздробил на парчиња. Намесникот се разгневил и наредил, та ја биеле и во самица ја фрлиле. И намесникот ја запечатил вратата на самицата, решен да ја умре девицата од глад. Но ангел Божји и се јавувал на Гликерија и ѝ давал небесна храна. После извесно време, кога намесникот мислел дека девицата завршила од гладта, ја отворил самицата и се зачудил кога ја видел здрава, светла и весела. Самичарот Лаодикиј, видувајќи го тоа чудо и самиот Го исповедал Христа Господа и веднаш бил исечен. Потоа Гликерија била фрлена во огнена печка, но останала неповредена од огнот. Стоејќи на средината на огнот, таа Го фалела Господа, споменувајќи го чудото над трите младенци во вавилонската печка. Најпосле била фрлена пред лавови. Помолувајќи Му се на Бога, оваа света девица Му ја предала својата душа на Господа за Кого јуначки претрпела многу маки. Чесно пострадала во 177 година. Од нејзините мошти потекло целебно миро со кое болните се лекувале од најтешки болести. Св. мч. Александар – словен. Осумнаесетгодишен војник во војската на царот Максимилијан. Одрекол по царската наредба да им оддаде почит на римските идоли, поради што бил предаден на капетанот Тиверијан или да го советува да се одрече од Христа или, пак, да го мачи и да го погуби. Бидејќи сите совети биле залудни, Тиверијан го зел со себе и го повел преку Македонија во Цариград каде што и самиот по должност морал да оди. Во секое место младиот Александар бил остро мачен, но во секое место христијаните излегувале пред него, молејќи го за благослов и храбрејќи го во подвигот. По него одела мајка му Пименија. Во текот на ова патување на Александар повеќе пати му се јавувал ангел Божји блажејќи ги неговите маки и храбрејќи го. На едно место, викано Карасура, маченикот направил чудо со молитва: имено, кога жедта му досадила нему и на војниците што го придружувале, тој извадил извор ладна вода во суво место. На брегот на реката Ергина, Тиверијан наредил џелатот да го исече Александар и телото да му го фрли во водата. Кога џелатот замавнал над главата маченичка, видел ангели Божји наоколу, се уплашил и раката сама му се спуштила. Александар го запрашал зошто му опаднала раката, а тој рекол дека гледа светли момчиња околу него. Желен за смрт и соединение со Господа, Александар Му се помолил на Бога да отстапат ангелите за џелатот да не се плаши. И така џелатот ја завршил својата работа во 298 година. Пименија го извадила телото на својот син и чесно го погребала. Имало многу исцеленија на гробот на маченикот. По смртта маченикот ѝ се јавил на својата мајка и ѝ го навестил нејзиниот скорешен премин во другиот свет. Преп. Јован, Евтимиј, Георгиј о Гаврил Ивериски – Основатели се на познатиот ивериски (грузиски) манастир во Света Гора. Свети Јован се подвизувал најпрво во Лаврата на св. Атанасиј, а потоа основал свој манастир, „Ивер“. Се упокоил во 998 година. Евтимиј и Георгиј, го превеле Светото Писмо на грузиски јазик. Евтимиј се упоколи во 1028 година, а Георгиј во 1066 година. Гаврил се удостоил да ја прифати чудотворната икона на Бјата Мајка, која по морето дошла до манастирот. Р А С У Д У В А Њ Е За силата на смртта и на крстот Христов Свети Атанасиј пишува: „Чија смрт било кога ги изгонила демоните? И од чија смрт било кога се плашеле демоните како од смртта Христова? Каде само ќе се произнесе името на Спасителот, таму се изгонува секој демон. Кој во таква мерка ги скротил душевните страсти, и блудниците да живеат целомудрено, и човекоубијците да не се служат со мечот, а плашливите да постанат помажествени? Зарем не верата Христова? Зарем не крснит знак? И кој друг ги уверил луѓето така во бесмртноста како Христовиот крст и воскресението на телото Христово?“ Смртта на безгрешникот и крстот на човекољубецот однесле поголема и трајна победа отколку сите цареви земски со многуте милиони војски. Која војска било кога можела да победи било само еден демон? Меѓутоа, самиот спомен на името на Распнатиот на крстот ги тера во бегство демонските војски. О кога би знаеле сите христијани какво богатство имаат во името Христово и какво оружје во крстот Христов! Б Е С Е Д А за тоа како Бог се служи со неверните за да ги казни верните Зарем овој збор не е тврд? Кој може со него да се нахрани? Царот незнабожечки, царот идолопоклонички, Господ го нарекува Свој слуга! Ако е Божји слуга оној кој знае за вистинскиот Бог и кој го исполнува законот Божји, како може да биде слуга Божји оној кој не знае за вистинскиот Бог и кој не го исполнува законот Божји? Навистина, вистински слуга Божји е оној кој Го познава вистинскиот Бог и кој го исполнува законот Божји, но кога оној на кого Бог му го дал знаењето за Себе, му го дал Својот закон, го преврте знаењето во незнаење и законот во безаконие, тогаш Господ го зема за Свој слуга оној што не знае за да го казни отстапникот. Бидејќи отстапникот од Бога е полош од незнабожецот, отстапникот од Божјит закон паѓа пониско и од родениот идолопоклоник. Затоа, кога Израилот, како стара Божја црква, отстапи од Бога и од законот Божји, Бог го избра Навуходоносор за Свој слуга да го казни отстапникот Израилот. Затоа кога христијанскиот народ во Азија и Африка преку многубројните ереси отстапија од Бога, Бог ги зеде за Свој слуга Арапите да ги казни христијаните за да ги вразуми. И кога христијанскиот народ на Балканот отстапија од Бога и од Божјиот закон, Бог ги повика Турците за Свои слуги да ги казни отстапниците и со казната да ги вразуми. Кога и верните да отстапат од Бога, Бог плете камшик од неверните за да ги вразуми верните. Па како што верните свесно и со сакање отстапуваат од Бога, така неверните несвесно и без да сакаат постануваат слуги Божји, камшик Божји. Но неверните ги зема Бог само моментално во служба против верните. Бидејќи за земјата на Навуходоносор, вели Господ, и ќе ги доведам против оваа земја за нејзините беззаконија, и ќе ги направам за ужас, за потсмев и за вечна пустош. Тогаш ќе се најде слуга против слуга. Бидејќи Бог не ги зема за слуги Вавилонците заради нивната добрина и верата туку заради израилската злоба и неверството. Господи праведен, помогни ни со Твојот севишен Дух секогаш да бидеме се Тебе, единиот и вистински Бог и да го исполнуваме Твојот закон, единствен кој е спасоносен. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|