Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 25.05./12.05.
25.05./12.05.
25.05.2010.
Sample Image

Св. Епифаниј еп. Кипарски – Роден е како Евреин, но увидувајќи ја силата на верата Христова се крстил заедно со својата сестра Калитропија. Во својата 26 година се замонашил во манастирот на св. Иларион. Подоцна основал посебен манастир каде што се прочул, по цела Палестина и по Египет поради своето подвижништво, по духовна мудрост и по чудотворство. Бегајќи од славата човечка, се одалечил во Египет. На патот се сретнал со великиот Пафнутиј, кој му прорекол дека ќе биде архиереј на островот кипар каде бил ненадејно избран за епископ. Во 60 година постанал епископ во градот Саламини и како епископ управувал со Црквата Христова 55 години. На земјата живеел 115 години и се упокоил за вечно да живее во царството Христово. Пред смртта бил повикан во Цариград од царот Аркадиј и жена му Евдоксија на епископскиот собор, кој требало, по желба на царот и на царицата, да го осуди св. Јован Златоуст. Пристигнувајќи во Цариград, тој отишол во царскиот двор каде што царот и царицата долго го задржале наговарајќи го да се изјасни против златоуст. Слушнале граѓаните, слушнал Златоустиот, божем Епифаниј се согласил со царот против златоуст. Затоа св. Јован Златоуст му напишал писмо: „Брате Епифаниј, слушам дека си го советувал царот јас да бидам прогонет; знај дека и ти повеќе нема да го видиш својот престол“. На тоа Епифаниј му одговорил: „Страдалнику Јоване, одолевај им на навредите; знај дека и ти нема да стигнеш до местото во кое те прогонуваат“. И двете овие светителски пророштва набрзо се случиле: не сакајќи ни за што да се согласи со царот за прогонството на Златоуст, Епифаниј тајно седнал во лаѓа и тргнал за Кипар, но на лаѓата умрел; а Златоустиот царот го прогонал во прогонство во Ерменија, но овој светител по патот умрел. Св. Епифаниј се упокоил во 403 година. Од многуте дела на св. Епифаниј најпознато е „Ковчеже“, по грчки: „Панарион“, во кое се изложени и побиени 80 ереси.

Св. Герман патријарх Цариградски – Син на прв царски сенатор, кого го убил царот Константин Погонат. Истиот овој лош цар го кастрирал сенаторовиот син Герман и сосила го оддалечил во манастир. Како монаг Герман засветлил како ѕвезда со својот добродетелен живот. Поради тоа бил избран прво за епископ Кизички, а потоа, кога се зацарил Анастасиј ll, и за патријарх Цариградски. Како патријарх го крстил злогласниот Копроним, кој за време на крштението ја извалкал водата со нечистота. И тогаш патријархот прорекол дека тоа дете кога ќе порасне ќе внесе во Црквата нечиста ерес. Тоа и се случило. Кога Копроним постанал цар, ја обновил иконоборечката ерес. Лав Исавријанин, таткото на Копроним, го почнал гонењето на иконите, а кога патријархот Герман му се спротивставил, Осорниот Лав извикал: „Јас сум цар и свештеник!“ па го исфрлил Германа од престолот и го отерал во манастир, каде што овој светител проживеал уште десет години додека Господ не го повикал кон Себе во Царството небесно во 740 година.

Св. Мч. Панкратиј – Од Фригија дошол во Рим, каде како четиринаесетгодишно момче бил мачен и убиен за Христа во 304 година. Овој светител многу се почитува на Запад. Во Рим постои црква со негово име, во која почиваат неговите свети мошти.

Р А С У Д У В А Њ Е

Свети Климент Александриски кај варварите наведува еден страшен обичај. Кога ќе заробат непријател, вели тој, тие жив го врзуваат за мртво тело човечко и така двајцата ги оставаат и живиот и мртвиот заедно да се распаднат. Дај Боже да може да се рече: Благодарност на Бога што тој варварски обичај поминал! Всушност, тој не поминал, туку и денес царува во потполна сила. Секој оној кој својот жив дух го врзува за тело умртвено од страстите е исто толку варварин како оној кој го врзува живиот човек за мртовец и ги остава обата да се распаднат.

Б Е С Е Д А

за тоа како луѓето во среќата не го слушаат законот Божји

Оваа желба ја подига Господ над војските против Јоакима, царот Јудин и против народот јудејски. Но зарем овие зборови не се актуелни и денес кога ќе се кажат во лицето на нашиот народ и, без малку, на секого од нас поединечно? Кога ќе се осетиме среќни, ние Го оставаме Бога во сенка и Неговите зборови ги предаваме на заборав, но штом ќе нè опкружи несреќата со своите темни крилја, ние се обраќаме ко Бога и повикуваме за помош. Во несреќата заповедите Господови ни се чинат слатки како мед, а во среќата тие се горчливи како лек. Зарем тогаш не е подобра несреќата од среќата? Зарем не поспасоносна несреќата во која Го бараме Бога отколку среќата, во која Го забораваме Бога?

О земјо, земјо, земјо! Чуј го словото Господово! – извикува вистинскиот пророк Божји. Човекот е земја, словото Господово е живот посаден од таа земја. Дали земјата повеќе сака да остане без животниот посев и да биде проколната или ќе го негува поверениот посев и да биде благословена? О колку е грозна, гола, вододерна и јалова нивата, а како е убава обработената нива со богат посев покриена! И едната и другата нива, ти си човеку! Избирај: смрт или живот! Ниеден домаќин не ја цени земјата спорем ништо, ако не роди никаков посев. Зарем Бог ќе биде понепаметен од обичните домаќини и ќе ја цени за нешто нивата што ќе го изјалови секое семе што во неа ќе се фрли?

Што ќе биде од човекот кој во својата среќа не ги слуша зборовите Божји? Со магарешки погреб ќе се погребе. Така му рече пророкот на царот Јоаким и неговиот збор се оствари. Кога Халдејците го зазеле Ерусалим, го убиле Јоакима, го влечеле под градските ѕидини и го оставиле на псите. И се случило со непослушниот цар тоа што им се случува на магарињата. О човеку, о земјо! Чуј го благовремено словото Господово за да не се излие на тебе гневот на домаќинот како на јалова нива и крајот твој да биде ист како крајот на магарињата.

Господи, долготрпелив, спаси нè од скаменето срце и од помрачен ум, од овие две лути болести со лоши последици во овие часови од животот што луѓето ги нарекуваат среќни. Спаси и помилувај, Господи над војските! На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >