24.05./11.05. |
25.05.2010. | |
![]() Св. Кирил и св. Методиј Рамноапостолни – Родени браќа, родум од Солун, од познати и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал 10 години меѓу македонските Словени и така го научил словенскиот јазик. Потоа Методиј се одалечил во гората Олимп и се предал на монашки подвиг. Тука подоцна му се придружил и Константин ( Кирил ). Но кога хазарскиот цар Каган побарал од царот Михаил проповедници на верата Христова, тогаш, по заповед на царот, овие двајца биле пронајдени и испратени меѓу Хазарите. Убедувајќи го Кагана во верата Христова, тие го крстиле со голем број негови доглавници и уште поголем број народ. После извесни време, тие се вратиле во Цариград, каде што составиле словенска азбука од 38 букви и почнале да преведуваат црковни книги од грчки на словенски јазик. На повик на кнезот Растислав отишле во Моравија, каде што ја распространиле и ја утврдиле благочестивата вера, а книгите ги намножиле и им ги дале на свештениците да ја учат младината. На повикот на папата, отишле во Рим, каде Кирил се разболел и умрел, на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се вратил во Моравија и се потрудил до смртта на утврдување на верата христова меѓу Словените. По неговата смрт – а тој се упокоил во Господа на 6 април 885 година – неговите ученици, Петточислениците, со св. Климент како епископ на чело, го преминале Дунав и се спуштиле на југ, во Македонија, каде што, од Охрид, ја продолжиле меѓу Словените работата започната со Кирил и Методиј на север. Свеш-мч. Мокиј – Римјанин по раѓање и свештеник во Амфипол, град македонски. Пострадал за време на Диоклицијан. Со молитва ја скршил статуата на богот Динис, со што некои од незнабожците ги огорчил против себе, а некои, пак, ги привел кон верата. Бил исечен за Христа во 295 година. Св. Никодим архиеп. Пеќски – Овој голем ерарх бил Србин по раѓање. Се подвизувал на Света Гора и бил игумен на „Хиландар“. По смртта на Сава lll, бил избран за архиепископ на „сите српски и поморски земји“ во 1317 година. Го превел Ерусалимскиот Типик на српски јазик. Во предговорот на оваа книга тој вели: „Семоќниот Бог, Кој ја знае нашата немоќ, ќе ни даде духовна моќ, но ако ние прво покажеме труд“. Искрено го љубел подвижничкиот живот и се трудел да го утврди во српската земја. Неуморно се трудел на искоренувањето на богомилската ерес и на утврдувањето на православната вера. Се упокоил во Господа во 1325 година. Чудотворните мошти му почиваат во манастирот во Пеќ. Р А С У Д У В А Њ Е Во Сараценскиот табор го прашале св. Кирила: „Како христијаните можат да војуваат и пак да ја одржат Христовата заповед за молење на Бога за нивните непријатели?“ Свети Кирил одговорил: „Ако во еден закон се запишани две заповеди и им се дадени на луѓето за извршување, кој човек ќе биде подобар извршител на законот: оној којшто ќе исполни една заповед или оној којшто ќе ги исполни двете заповеди?“ Св. Кирил продолжува: „Христос, нашиот Бог, ни заповеда да се молиме на Бога за оние кои нè гонат и да им правиме добро и на нив; но Он, исто така, уште ни рекол: Поголема љубов никој не може да пројави во овој живот отколку некој што ќе ја даде својата душа за своите пријатели. И затоа ние поднесуваме навреди што непријателите ни ги прават поединечно и се молиме на Бога за нив; но како општество ние се застапуваме еден за друг и ги положуваме своите души за таквите, пленувајќи ги нашите браќа, да не ги заплените со телата и нивните души и да не ги погубите и со телесно и со душевно“. Б Е С Е Д А за неодоливоста на волјата Божја Ако уште некој се сомнева дека Бог говорел преку пророците, нека ја прочита оваа исповед на големиот пророк еремија и повеќе да не се сомнева. Пророкот исповеда дека решил повеќе да не зборува во името Господово. Зошто? Затоа што малкумина обраќале внимание на неговото слово, а ако некој и обраќал, пророкот од тоа трпел потсмев и исмејување секојдневно. Па кога решил да молчи, дали навистина молчел? Не, не можел: „Се уморив да го задржам, но не можев повеќе!“ Со неодолива сила на Духот Божји навалил на него да зборува и тој морал да зборува. Не е, значи, работа на пророкот дали сака да говори или што ќе говори: тоа е работа на Цесилниот Дух Божји. А пророкот само го избрал оружјето на Сесилниот Дух Божји. Така е напишано целото Свето писмо – не по волја на човекот, туку по волја на Бога и не според човечкиот ум, туку според Божјит разум. Како, пак, се чувствува словото Божјо кога ќе влезе во пророкот од Божјиот дух, тоа го објаснува големиот Еремија од своето лично доживување: во срцето како да имам распален оган, затворен во коските мои. Тоа значи надахнување од Сесилниот Дух Божји. Под таков недоволен внатрешен притисок – како под притисок на оган затворен во коските – пишувале светите Божји луѓе. И многумина од нив извикале: „Се уморив да го задржам, но не можев повеќе!“ Кој ќе Му противи на Духот Божји без казна и погибел? Кој ќе Му одолее кога Он сака нешто да каже или да на прави. О браќа мои, неодоливо е дејството на Сесилниот Дух Божји. О Духу Божји Сесилен, упати нè неодоливо на патот на спасението. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|