Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 21.05./08.05.
21.05./08.05.
20.05.2010.
Sample Image

Св. ап. и евангелист Јован – Споменот на овој голем апостол и евангелист се празнува на 26 септември. Но на 8 мај се спомнува чудото пројавено од неговиот гроб. Имено, кога Јован имал повеќе од 100 години, тој ги зел своите седум ученици, излегол од Ефес и им наредил на учениците да ископаат гроб во вид на крст. Потоа Старецот слегол жив во гробот и бил погребан. Кога подоцна старите го откопале гробот Јованов, не го нашле телото во гробот. А на 8 мај секоја година се кревала некоја прашина од неговиот гроб, од која се исцелувале болните од разни болести.

Преп. Арсениј Велики – Овој славен светител родум бил од едно патрициско семејство од Рим и добро образован, како во светските науки и филозофијата, така и во духовната мудрост. Оставајќи ја сета светска суета, тој и се предал на служба на Црквата и бил ѓакон на великата црква во Рим. Неженет, повлечен, молчалив, молитвен, Арсениј мислел така да го помине целиот свој живот. Но промислата Божја го направила неговиот животен пат поинаку. Царот Теодосија го зел за воспитувач и учител на своите синови: Аркадиј и Хонориј, и го поставил за сенатор опкружувајќи го со големо богатство, почести и раскош. Но сето ова повеќе го притискало срцето на Арсенија отколку што го задоволувало. Еднаш се случило Аркадиј да направи некој белја и Арсениј за тоа го казнил. Навредениот Аркадиј му смислувал тешка одмазда на својот учител, за која кога сознал, Арсениј се преоблекол во питачка облека, отишол на морскиот брег, седнал во лаѓа и отпловил за Египет. Кога стигнал во славниот Скит, му постанал ученик на славниот Јован Колов и се предал на подвиг. Себе се сметал за мртов. Кога некој му јавил дека некој богат роднина му умрел и нему му го оставил целиот имот, тој одговорил: „Па јас пред него умрев, значи, како можам јас да му бидам наследник?“ Повлечен во една пустинска келија како во гроб, по цел ден плетел кошари од палмови лисја, а ноќе на Бога Му се молел. Ги избегнувал луѓето и секој разговор со нив. Само во празничните денови излегувал од келијата и доаѓал за причест. За да не го фати мрза, тој на себе често си го поставувал прашањето: „Арсениј, Арсениј, зошто дојде во пустината?“ Поминал 55 години како пустиножител и за тоа време им бил углед на монасите и слава на монаштвото воопшто. Поживеал сто години и завршил мирно после долговремениот труд и доброволно наложеното врз себе мачеништво, во 448 година. Се преселил во Царството на Христа Господа, Кого Го љубел со сето свое срце и со сета своја душа.

Ев. Емилија – Мајка на св. Василиј Велики. Во младоста посакала да остане доживотна девојка, но била принудена во брак. Родила девет деца. Нив ги вдахновила со духот Христов и петмина од нив станале христијански светители, и тоа: Василиј Велики, Григориј еп. Ниски, Петар еп. Севастиски, Макрина и Теозвија. Во староста построила манастир во кој што живеела со својата ќерка Макрина и во кој се упокоила во Господа на 8 мај 375 година.

 

 

 

 

 

Р А С У Д У В А Њ Е

Некој монах се жалел на св. Арсениј како при читањето на Светото Писмо не чувствувал ни сила од прочитаните зборови ниту умиление во срцето. На тоа големиот светител му одговорил: „Чедо, ти само читај! Сум читал дека скротителите на змии, кога ги скротуваат змиите, изговараат  зборови што самите тие не ги разбираат, но змиите кога ке ги чујат тие зборови ја чувствуваат нивната сила и постануваат кротки. Така и ние, кога непрестајно на усните ги чуваме зборовите од Светото Писмо, макар и нивната сила да не ја чувствуваме, лошите духови кога ќе ги слушнат се плашат и бегаат, бидејќи не можат да ги поднесат зборовите на Светиот Дух“. Чедо, ти само читај! Светиот Дух, кој преку вдахновени луѓе, ги напишал божествените зборови, ќе чуе и ќе разбере и ќе побрза да ти помогне: и ќе разберат и ќе осетат демоните и ќе побегнат од тебе. Оној Кого Го повикуваш на помош ќе разбере, а тие што сакаш да ги изгониш од тебе, и тие ќе разберат. И двете цели ќе бидат исполнети.

Б Е С Е Д А

за злото како плод на човечките мисли

Гледате ли, браќа, каде расте и каде созрева злото? Не во крилјата Божји, туку во мислите човечки. Во човечките мисли злото се сее од демонските сили. Во човечките мисли злото расте и се разгранува, се размножува и цути, разлистува и најпосле покажува плодови. Бог благовремено ги опоменува луѓето да се тргнат од своите лоши мисли, та злото да не созрева во човечката душа и да не донесува свои горчливи и смртоносни плодови. Бог го опомена благовремено и Каина, но Каин не сакаше да слушне туку дозволи лошата помисла на братот да донесе лош плод, братоубиство.

Кои мисли се лоши? Сите оние кои доаѓаат спротивно на законот Божји, на словото Божјо. Лошите мисли се самоволен човечки закон, кој човекот самиот на себе си го препишува и покрај и против законот Божји. Ако ли, пак, човекот е цврсто решен да се придржува кон законот Божји, лошите мисли тогаш се немоќни како сенки што брзо се појавуваат, но, исто така, и брзо исчезнуваат. Тогаш човекот е господар над своите мисли, бидејќи го чувствува Бога како господар над себе. Тогаш законот Божји е закон, а лошите човечки мисли се ништо.

Ете, ќе испратам против овој народ погибел, говори Господ. Каква погибел? Плод на нивните мисли. Односно, јас ќе дозволам само да го ожнеат она што го посеале и одгледале, бидејќи злото ниту е Мое семе, ниту е Моја жетва. Злото што јас ќе го испратам на безаконите луѓе е плод на нивните мисли. Според своите мисли тие требало да проценат какво зло ќе ги снајде како што сејачот според семето проценува што ќе може да жнее.

О Господе кроток и незлобен, спаси нè од нашето сопствено зло што самите во себе го одгледавме. Отстрани ги лошите плодови на лошиот посев, Ти се молиме. И помогни ни да го искорнеме лошото семе од својата душа. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 
< Претходно   Следно >