19.05./06.05. |
19.05.2010. | |
Св. праведен и многустрадален Јов – Јов бил потомок на Исаава, внукот Авраамов, живеел во Арабија околу 2000 години пред Христа. Татко му се викал Зарет, а мајка му Восора: неговото, пак, полно име било Јовав. Тој бил човек чесен и богобојазлив и мошне богат. Но во 79 година на неговиот живот Бог допуштил на него тешки искушенија преку сатаната како што е сè подробно опишано во Книгата Јов. Во еден ден Јов го изгубил целиот свој огромен имот, и своите синови, и ќерките. Потоа на него нападнала тешка болест, од која целото тело му се покрило со рани од темето до стапалата и Јов лежел на ѓубриштето надвор од градот, и со парче керамитка го истискувал гнојот од своите рани. Но Јов не се спротивставувал на Бога туку стрпливо ги поднел сите маки до крај. Затоа Бог му го повратил здравјето и му дал богатство многу поголемо отколку што имал претходно, и пак му се родиле 7 синови и три ќерки, колку што имал и претходно. И Јов поживеал сè на сè 248 години, славејќи Го и фалејќи Го Бога. Јов се смета за пример на трпеливо поднесување на секое страдание што Бог не го испраќа на нас и преобраз на страдалниот Господ Исус. Св. мч. Варвар – Варвар бил војник во времето на Јулијан Остапникот. Кога царскиот војвода Вакх ја повел римската војска против Франките, во таа војска бил и Варвар, таен христијанин. На фронтот од страната на Франките се појавил некој јунак, сличен на древниот Голијат, и ги предизвикувал Римјаните за некој од нив да му излезе на мегдан. Војводата Вакх го посоветувал Варвар тој да излезе. Варвар во срцето Му се помолил на живиот Господ, излегол и го победил џинот. Од тоа настанала забуна кај војската на Франките и избегала. Тогаш војводата направил голема веселба и наредил на идолите да им се принесат жртви. Но при тоа жртвопринесување војводата дознал дека Варвар се држи настрана. Кога го прашал за тоа, Варвар изја вил дека тој е христијанин. Војводата му јавил на царот, а царот наредил Варвар да се стави на тешки маки. Но Варвар сè поднесол со ретка храброст и присебност. При неговото мачење се појавиле многу чуда и мнозина војници видувајќи го тоа ја примиле верата Христова. Меѓу овие бил и самиот војвода Вакх со Калимах и Дионисиј. Сите тројца биле исечени за името Христово, а по нив и Варвар, во 362 година. Нивните дучи се преселиле во Царството на Христа бесмртниот Цар. Св. Варвар разбојник – После многу злосторства, се покајал и се осудил самиот себе, прво, три години да оди четвороножно и да јаде со кучињата, второ, 12 години да живее во шума, без облека, без покрив, и без никаква храна, освен со трева и со лисја. Добил известие од ангел дека гревовите му се опростени. Едни трговци патувале низ шумата, па видувајќи го оддалеку Варвара, помислиле дека е ѕвер а не човек, ги затегнале стрелите и го застрелале. Умирајќи, тој ги замолил да му јават на блискиот свештеник за него. Свештеникот дошол и чесно го погребал. Но од неговото тело потекло целебно миро што им ги исцелувале разните болести и маки на луѓето.
Р А С У Д У В А Њ Е Авва Исаија рекол за себе: „Се гледам себеси сличен на коњ кој талка без јавач. Кој и да го најде седнува врз него и ржи на него безмерно. Кога еден јавач ќе го остави коњот, друг го вјавнува и исто така постапува, па и третиот итн.“ Овој голем подвижник, за кого сите со чудење говореле дека достигнал совршенство, тоа го рекол за себе или од смирение или од потсетување на времето на своето несовршенство. Важно е дека овие зборови се вистински во однос не секој христијанин кој оди духовно распашан и незауздан. Штотуку една страст се симнала од него, друго го јавнува. Штотуку една го заморила и го оставила во очајување, друга го јавнала со лажна надеж дека таа ќе го усреќи. Таквиот човек нема јавач кој би го упатил по вистинскиот пат без скршнување ни лево ни десно. Единствен пријателски јавач, кого треба да го поздравиме со добредојде, е светиот и моќниот христијански дух. Б Е С Е Д А за силата што Бог им ја дал на на пророчките зборови Видете браќа, дека дејството на словото Божјо не е истото кон секого! Словото Божјо е како оган во којшто се радува праведникот премрзнат во студенилото на овој свет, и словото Божјо е како оган кој го изгорува неправедникот, кого овој материјален свет премногу го стоплил. Искусните духовници ни оставиле сведоштво дека само името Исус, кое на верните им донесува сила, радост и освежување, ги гори лошите духови како жив оган. Така е со секое Божјо слово. Кје едно тоа создава утеха, кај други раздразнување, кај едни го стишува гневот, кај други го засилува; кај едни предизвикува стравопочит, кај други потсмев. За здравите е мед, а за болните е мед – пелин. Но зошто народот да биде како дрва што ќе изгорат? Зарем народот е крив ако го заведуваат безбожните старешини и лазни пророци по настран пат? Не е крив народот во толкава мерка како неговите старешини и лажни пророци, но сепак е крив во извесна мерка. Бидејќи Бог му дал моќ и на народот да го знае вистинскиот пат, и преку совеста, и преку проповедта во Божјото слово, та народот не треба слепо да ги следи своите слепи водачи кога овие го водат по лажни патишта и го оддалечуваат од Бога и од Божјиот закон. Бог е, браќа, праведен и Он ја знае големината на сечија вина нема да даде неукиот и малиот да пострада колку учениот и големиот. Господи, Кој сè гледаш, спаси нè, да не бидеме ни слепи водачи, ниту слепо водени. Поткрепи ни го срцето, та и како водачи и како водени да бидеме везден Твои слуги, и само Твои слуги. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин! |
< Претходно | Следно > |
---|