Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Од Прологот arrow 18.05./05.05.
18.05./05.05.
18.05.2010.
Sample Image

Св. вмч-ка Ирина – Живеела во апостолските времиња на Балканот, во некој град Мегдон, каде што нејзиниот татко Ликиниј бил мал цар. Некои мислат дека била Словенка, родена како незнабожец од родители незнабожци. Пенелопа – така и било незнабожечкото име – се поучила на христијанската вера од нејзиниот учител Апелијан. Св. Тимотеј, ученик на св. ап. Павле, ја крстил нејзе и нејзините дворјанки, и и ги донесол Посланијата на св. ап. Павле за читање. Со одрекувањето да се омажи, таа го разгневила својот татко кој сакал да ја мачи, но на чуден начин таа го обратила својот татко во христијанството. Уште од четири цара, освен од нејзиниот татко, била ставена на разни маки, но Бог преку Своите ангели ја спасувал. Царот Седекија ја закопал до главата во сандак полн со змии и скорпии. Но ангел Божји ги умртвил отровните гадинки и ја сочувал светата девица неповредена. Тогаш истиот цар се обидел да ја пресече со пила, но пилата се одбивала од нејзиното тело како од камен. Потоа истиот цар ја врзал за тркалото под воденицата и пуштил вода, за таа да ја умре. Но водата застанала да тече, стоела и девицата останала здрава и жива. Царот Савах, синот Седекиин, ја потковал со клинци, врз неа натоварил вреќа песок и ја зауздил, па наредил, та ја воделе како скот надвор од градот. „ Навистина сум како скот пред Тебе, Господи!“- говорела светата маченица трчајќи зауздана по своите мачители. Но ангел Божји ја потресол земјата и таа се отворила и ги проголтала нејзините мачители. Преживувајќи ги сите маки  преку кои обратила многу незнабожци во христијанството, Ирина преминала во градот Калиопол каде ја проповедала верата во Христа. Тамошниот цар Нумеријан сакал да ја умре на тој начин што ја фрлил во три вжештени метални волови едно по друго. Но девицата била спасена и останала жива. И мнозина виделе и поверувале. Епархот Воводин ја одвел во градот Констант каде што намислил да ја убие на тој начин што ја ставил на вжештена решетка. Но и тоа не и наштетило на св. Ирина, а мнозина привела кон вистинската вера. Најпосле Ирина дошла во градот Масемвриј, таму царот Савориј ја умртвил, но Бог ја оживеал. А царот, со мноштво народ, видувајќи го тоа, поверувал во Христа и се крстил. И така св. Ирина со своето страдање и со чудата привела во верата повеќе од 100 000 незнабожци. Најпосле самата легнала во гроб и му наредија на Апелијан гробот да го затвори. По четири дена, кога го отвориле гробот, неа ја немало внатре. Така Господ ја прославил за навек девицата и маченицата Ирина, која се жртвувала и сè претрпела за Бог што повеќе да се прослави меѓу луѓето.

Св. Мартин и Ираклиј – Словени, биле гонети од еретиците, ариевците, во Илирија. Испратени во прогонство, овие витези за православието го завршиле земниот живот во IV век и се преселиле кон Господа.

Р А С У Д У В А Њ Е

Не помага молитвата со зборови ако срцето не учествува во молитвата. Само усрдната молитва ја слуша Бог. Авва Ксој Тивејски еднаш се вреќал од Синајската гора, па сретнал еден монах кој му се пожалил како во манастирот многу страдаат од суша. Ксој му рекол: „Зошто не се молите и не просите од Бога!“ Монахот му одговорил: „И се молиме и просиме, но дожд нема!“ Ксој му рекол: „Очигледно е дека вие не се молите усрдно. Сакаш ли да се увериш дека тоа е така?“ Кога го рекол тоа старецот, ги подигнал рацете кон небото и се помолил. И силен дожд се спуштил на земјата. Кога го видел тоа, зачудениот монах паднал на земјата пред старецот и му се поклонил, но старецот плашејќи се од човечка слава веднаш побегнал откај него. „Барајте и ќе ви се даде“, рекол самиот Господ. Но залудно се полни усните со молитва ако срцето е празно. Бог не стои и не слуша на усните, туку во срцето. Нека се исполни срцето со молитва, па макар устата и да молчи. Бог ќе ја чуе молитвата и ќе ја прими. Бидејќи Бога ја слуша само усрдната молитва.

Б Е С Е Д А

за божествениот брак на човечката душа

Човечката душа е невеста, а Господ е жив и сесилен м на човечката душа. Својата невеста, душата, Господ ја облекува во светлина и ја храни со Својата благодат. А душата од Бога мажот раѓа добри деца и многу деца во вид на многу и  убави добродетели. Ниедна добродетел самата душа од себе не може да роди. Само од Бога кога е оплодена, душата раѓа добродетели. Оплодена, пак, од светот, душата или останува јалова или раѓа грев и порок. Затоа Господ и им говори на луѓето: „Јас сум ваш маж“. Човечката душа да знае за кого е ветена и со кого е венчана за да не талка и со прељуба да се умртвува и во пепел да се претвора!

Бог е верен маж на човечката душа, Он никогаш невестата – душата не ја изневерува. Неговата љубов кон душата никогаш не изгнасува сè додека душата не се сврти од Бога и не направи прељуба. Но и тогаш, Бог не ја напушта душата одеднаш, туку оди по неа и ја враќа од патот на погибел. Обратете се, тогаш им говори Господ на човечките души. Покајте се и ќе ви опростам. Обратете се и ќе ве примам. Покајниците би знаеле да кажат колкава е милоста Божја. Тие би можеле да потврдат колку е истрајна Божјата љубов и кон грешниците сè до последниот час. Бог е верен во Својата љубов и не брза да и се одмазди на душата – прељубница. Он непрестајно се моли да и го врати изгубениот срам на прељубната душа. А срамот раѓа покајание, покајанието води кон обновување, а обновувањето води кон првобитната љубов и верност.

О Господи сесилен, помогни ни, од Твојата вечна љубов нашите души да родат добар и изобилен род. На Тебе слава и вечна пофалба. Амин!

 

 
< Претходно   Следно >